Нова еколошка катастрофа во сливот на Охридско езеро

Од иницијативата „Охрид СОС” на својот фејсбук профил реагираа дека без знаење на Месната заедница од село Речица и без информирање на јавноста, за време на викендот (9 – 10 мај), од локалното население било забележана механизација и работници кои ги сечеле дрвјата во подножјето на планината Мазатар. Се работи за место кое е во надлежност на ЈП „Национални Шуми“, подружница ШС „Галичица“. Според информациите кои ги добиле активистите од терен, дрвјата биле видливо намалени.

Од иницијативата потенцираат дека сечењето на шумата е директен фактор за ерозија, односно го зголемува ризикот од ерозија и тоа понатаму ќе се одрази врз квалитетот на водата, со тоа што во реката ќе донесе поголем нанос од земја.

Од таму додаваат дека и во самиот нацрт-ЛЕАП (2019 – 2025) на Општина Охрид е јасно наведено дека: „…ерозивните наноси од речните сливови во езерото, особено од р. Сатеска и р. Коселска, што во себе носи ерозивни седименти и загадувачки материи кои ги примила долж нејзиниот тек, претставува голема закана за биолошката разновидност на Охридското езеро.“

Загрижени заради интензивната сеча која сè уште се одвива, од Охрид СОС јавно побараа веднаш да се прекине со сечењето, при што ги повикаа надлежниот орган Шумско стопанство „Галичица“, Општина Охрид и надлежните инспектори, да одговорат на следниве прашања:

1. Кој и кога ја донел одлуката за оваа сеча и дали е истата во согласност со постоечкиот ЛЕАП во кој се наведува: „Коселска река е најголемата река која се слива во Езерото? Таа е поројна река. Пороите од сливот толку ѝ го насипуваат коритото со наноси, што постојано го издигаат, така што станало сосема плитко, па при голем водостој се случуваат и поплави…”

2. Бидејќи во мерките кои се преземаат за намалување на ерозивните наноси во Коселска Река, во ЛЕАП од 2012 г. за Коселска река е наведено и: „Заштитата на коритото се врши со комплексни мерки во кои доминира пошумување на ерозивните површини“, сакаме да знаеме дали пошумувањето се спроведува од 2012 наваму и како е координирано со сегашната сеча? Бараме овие информации да се јавно достапни, како и одлуките за сечата, пошумувањата (доколку ги имало), со документација, слики и видеа.

3. Дали за овој зафат во шумата се навремено информирани и консултирани Месните заедници на: Речица, Косел, Завој, Куратица, Опеница, Свиништа, и сите останати засегнати села во тој регион, како и јавноста во целост? Сакаме јавноста да има увид во записникот/списоците/фотографиите од тие консултации.

4. Дали има некои делови кои се наменети за сеча, а некои делови од планината/регионот кои не смее да се сечат, и кои се тие?

5. Како се утврдува колку максимум е дозволено да се сече и каде, имајќи ја предвид осетливоста на речниот еко-систем?

Од иницијативата додаваат дека ова не е единствениот еколошки предизвик со кој се соочува овој регион. Голема Река има значително намален водотек, откако таму во 2016 се изгради една од двете предвидени мали хидроцентрали – МХЕЦ „Речица и Грмешница“. Како што велат, нема никакви податоци, ниту контрола од надлежните органи за тоа дали инвеститорот го обезбедил биолошкиот минимум на доток на вода во реката.

„Водата е видливо намалена, а од двете страни на речното корито се оставени несредени купишта земја, градежен материјал и сечени дрва, иако од инвеститорот било ветено дека ќе го средат речното корито после градежниот зафат. Во непосредна близина на селото Речица се наоѓа и градежна база во сопственост на фирмата „Гранит”, за која исто така нема јавни податоци колку песок ископува, колку е законскиот лимит за тоа подрачје, ниту на кој начин управувачот на базата се грижи за намалување на штетата врз животната средина.” – стои во нивната објава.

Тие преку својот профил ги упатија следниве барања:
1. Локалното население да е вклучено во секоја одлука, и визуелно и на разбирлив начин да им се објасни стратегијата на Шумското стопанство за даден временски период.
2. Шумското стопанство да приложи мапи со план каде и колку планира да сече, пропратено со слики, видеа и Одлуки, како и да дава редовен квартален отчет, да доставува задолжителна видео-евиденција каде е засадено, што е засадено и колкав е успехот на засадени дрвја и пошумени зони.
3. Општина Охрид да ги повика сите засегнати Месни заедници и да им објасни:
– за моменталната сеча;
– за состојбите со МХЕЦ мала хидроцентрала „Речица и Грмешница“;
– до каде е процедурата со втората мала хидроелектрана;
– кој е нејзин сопственик;
– дали ги исполнува обврските за минимален доток на вода и за уредување на раскопаното земјиште околу речното корито, и
– на колку години е Концесијата.

НОВА ЕКОЛОШКА КАТАСТРОФА ВО СЛИВОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОБез знаење на Месната заедница од село Речица и без информирање…

Публикувахте от Охрид SOS в Петък, 15 май 2020 г.