Одлуката за Еуромакс е последица на либерализмот!

Според либерализмот, според либералниот речник, за да има демократија, од материјален (суштински аспект) мора да има почитување на сите генерации на човекови права. На граѓанските и политички права, на економските и социјални права и на зелените права (права за здрава животна средина). Тоа е материјално, а формално, сето ова применето на терен, според либералниот речник, за да има демократија, власта мора да биде менлива и да се бира на избори.

Саше Јанчев
ЦК на Левица

Изборите мора да бидат редовни, изборите мора да бидат непосредни (еден човек, еден глас), мора да бидат слободни (секој да си бира слободно по свое уверување), мора да има плурализам (повеќе опции за избор), власта која се бира мора да биде поделена (закондавна, извршна, судска), секоја посебна власт мора да ја кочи секоја друга и да бидат во рамнотежа, мора да има владеење на провото, не на луѓето (се што прават избраните функционери мора да прават во рамки на закон) и мора да има инструменти за непосредно (не само преку избори) граѓаните да влијаат врз политичките одлуки (референдуми, граѓански инцијативи итн.). Отприлика тоа е тоа.

И сето ова е супер и ова се европски вредности до кои е дојдено во борбата против феудализмот и монархизмот, арно ама либерализмот тука застана и прави еден голем привид кој денес ги руши сите овие вредности и ја сече во корен можноста за интегрално почитување на сите генерации на човекови права. Привидот е тоа што либералите не ги интересира како се уредени односите внатре во фирмите кај што човек поминува најголем дел од денот. А тоа што се случува во средните и големи претпријатија е платено ропство. Работниците ја завршуваат 99% од работата, арно ама 90% од профитот си го собира газдата. Така имаш ситуација кога некој во фирма има плата од 137 000 евра, а сите останати минималец. И сево ова за либералите е нормално.

А последицата од ова е тоа што имаме огромна маса на луѓе која е сиромашна и мала група која е екстремно богата. И таа мала група богати може да купи судија од Управен суд со се гаќи, па овој да му ја врати концесијата за отварање на рудник на смртта (Иловица). Може да купи премиер, па овој за возврат да го стави вицепремиер и дополнително да му укинат царини за тоа што го увезува (Анѓушев). Може да купи министер и премиер, па овие за возврат да му дадат Брза помош да си ја приватизира (тоа што тек ни се спрема). Можно е група од такви екстремно богати да купат и цела влада, па да им даде осумдесет и кусур концесии во Југоисточниот регион на Македонија за да отворат рудници на смртта и пола Македонија да ја направат пустина неподобна за живеење (трета генерација човекови права, зелени права, мало сутра). Можно е таква група да ги купи сите судии во Уставен суд, па да ги поништат сите локални референдуми против рудниците (како што и се случи). Можно е група од такви богаташи да купат цела влада да им воведе рамни даноци, можно е група такви богаташи да купи цела влада и овие за возврат да им направат слободни економски зони кај што воопшто и нема ни да плаќаат даноци и плус од даноците на оној сиромавиот да им дадат и субвенции. Ви звучи познато? Не ви се чини ко да сте го гледале филмов? Не ви се чини како овој филм секој ден да го гледате?

Упростено, резултато од сево ова е тоа што нема интегрално почитување на сите генерации човекови права. Правото на профит на богатиот е поголемо од правото на здрава животна средина на сиромавиот. Резултатот е што еден глас на сиромав и еден глас на богат не тежат исто. Богатиот во џеб може да има и судии и обвинители и министри и премиери и цели влади, а сиромавиот не. Резултатот е што власта не е менлива, поточно менлива е само привидно. Ликовите во фотелја ќе се сменат, ама малава група богаташи е цело време на власт. Следствено и власта не се бира на избори, оти таа група никој не ја бира на избори. Така либералниов концепт од слободарски стана токму спротивното, поробувачки. И се додека стоиме таму кај што застана либерализмот, а не продолжуваме со демократизација и на работното место, системот постојано и постојано ќе ни се повторува и ќе ни се појавуваат нови Камчевци, Анѓушевци, Заевци, Еуромаксовци, Груевци…