Владата на Сириза и полициската бруталност нема да ја спречат масовната борба на наставниците

Текст на Ксоплидис Панајотис, член на грчкиот левичарски фронт „Антарсија”.

АНТАРСИЈА ги поздравува илјадниците демонстранти кои го преплавија просторот пред грчкиот парламент со масовен штрајк, при што гласно ѝ порачаа на Владата на Сириза дека новиот закон за наставници не смее и нема да помине. Огромната маса од наставници, професори и студенти јасно демонстрираа дека се подготвени и за радикализација на борбата, со цел да се принуди владата да го повлече најавениот штетен и анти-работнички закон со кој илјадници наставници ќе завршат на улица.

Левичарскиот фронт „Антарсија” jа осудува бруталната репресија на полицијата врз демонстрантите, изведена во согласност со владините инструкции. Демонстрантите повторно беа соочени со полициски канонади и повторно добија клоци и хемиски спрејови на лицето (!) и шок-бомби врз нивните тела! Наставничката Венеција Репа, член на Антарсија, беше повредена кога шок-бомба се запали врз неа, при што ѝ ја изгоре облеката и се здоби со изгореници! Поради тоа, мораше да биде пренесена во болница за да добие лекарска помош.

Изминатиот петок, Министерот за заштита на граѓаните нареди истрага за полициската бруталност врз демонстрантите. Денес, полицијата повторно ги тепаше и пукаше со оружје врз своите граѓани! Лицемерието стана главна карактеристика на оваа влада.

Наставниците кои протестираат и работничката класа немаат повеќе доверба во владата на Ципрас и заеднички се борат против анти-работничката политика наметната од СИРИЗА и буржоаската “опозиција”.

Наставниците и целиот образовен сектор прогласија бескомпромисна борба против реакционерниот закон, кој ефективно ги отфрла илјадници работници од нивните работни места и истовремено институционализира немилосрдна конкуренција на пазарот за “квалификации”.

Во новите мобилизации и во престојната ескалација на борбата, неопходно е да се приклучи целата работничка класа, грасрут движењата, младинските иницијативи и сите останати групи, со цел ефективна борба против ваквата поставеност на системот, кој создава девијации во секоја сфера на општественото живеење.