Откриле дека ги трујат со токсични материјали: Индонезија ќе им го врати отпадот на развиените земји

Индонезија ќе врати 142 контејнери полни со смет во Австралија и другите развиени земји откако било откриено дека во пратките има токсичен материјал, објавија од индонезиската царина.


Ова е втор случај на враќање отпад од развиените земји, откако во јуни оваа година Камбоџа врати 1600 тони токсичен отпад на САД и Канада.

Одлуката на индонезиските власти следувала после истрагата на повеќе од 250 контејнери од кои најголемиот дел биле полни со пластичен отпад кој го увезле три компании.

„Три компании увезле пластичен отпад помешан со токсични и опасни материјали“, стои во соопштението. Најмалку 100 контејнери ќе бидат вратени само во Австралија. Меѓу останатите земји од каде што биле увезени токсичните материјали се Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Шпанија.

Индонезија оваа година веќе врати 195 контејнери на пластичен отпад помешан со забранети материјали во земјите од каде што бил испратен. Во постапка е враќање на уште 62 контејнери во рамките на истата истрага.

Поголемите количини на пластичен отпад од индустриски развиените земји се испраќаат во Индонезија и останатите земји од југоисточна Азија, откако Кина минатата година донесе одлука за прекин на увозот на отпад од странство со цел да го намали загадувањето.Но, сега и земјите како што се Индонезија, Малезија и Филипини порачуваат дека не сакаат да бидат „светски депонии“.