Левица: Противуставно е продолжување на вонредната состојба!
Во продолжение е целосната реакција на политичката партија Левица во однос на најавите за продолжување на вонредната состојба, по истекот на 30 дена.
„Политичката партија Левица, како одговорен политички субјект кој прв побара прогласување вонредна состојба, тогаш кога надлежните институции не знаеја да изнајдат правен механизам како да ги одложат изборите – бара итен и безусловен прекин на вонредната состојба, веднаш по истекот на уставно предвидените 30 дена!
Остро се противиме на најавите на претседателот на Републиката – г. Пендаровски, дека се планира „продолжување на вонредната состојба“, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија. Членот 125 од Уставот е јасен и го ограничува максималното траење на вонредната состојба на најмногу 30 дена! Оттука, нејасно е од каде Кабинетот на претседателот или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции за арбитрерно дуплирање на овој стриктно утврден уставен рок!?
Продолжувањето на вонредната состојба, не само што е противуставно, туку е и непотребно! Впрочем, таа беше воведена како правен механизам само за одлагање на веќе распишаните парламентарните избори, а не и за справување со последиците од корона-вирусот. За борба против епидемијата на властите им стојат на располагање огромен број ингеренции и координативни мерки предвидени во Законот за заштита на населението од заразни болести (2004) и во Законот за управување со кризи (2005), кои даваат потполна правна уреденост на постоечкото прашање, наместо авторитативно и нетранспарентно носење безброј уредби со законска сила кои немаат никаква врска со болеста.
Во случајов, проблематично е и тоа што овие агресивни и непропорционални здравствено-полициски мерки се носат паушално и необмислено, од страна на преодна влада која има ограничен мандат само за техничко организирање фер и демократски избори.
Апелираме, носителите на извршната власт, односно Претседателот и Владата на Република Македонија да постапуваат внимателно и одговорно во оваа сериозна ситуација, да не си поигруваат со загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот и стриктно да го почитуваат Уставот на РМ! Доколку, и покрај нашите барања, се одлучи да се донесе противуставна одлука за некакво си бесправно и неосновано „продолжување на вонредната состојба“ – истата, од наша страна, веднаш ќе биде оспорена пред Уставниот суд на РМ.”
ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ПРЕСТАНУВА ПО 30 ДЕНА И НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА ЈА ПРОДОЛЖИ❗️Остро се противиме на најавите на…
Публикувахте от Левица / E majta / Levica в Четвъртък, 16 април 2020 г.