Министерството за образование не вреднува значајни успеси на македонски ученици

  • Пишува: Стефан Симовски – професор по германски јазик и книжевност

Успехот на Македон, ученик од Тетово, постигнат на меѓународен натпревар по математика во конкуренција на учесници од 22 земји, како и успехот на Лара Станчева, ученичка од Скопје, постигнат на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Јапонија во конкуренција на учесници од 161 земја се само делче од многуте талентирани македонски ученици чии успеси Министерството за образование и наука минатата учебна година не ги вреднуваше. Кога македонските ученици како Македон и Лара ќе освојат значајна меѓународна награда, односно кога ќе постигнат значаен меѓународен успех, може да се надеваат дека ќе наидат на медиумски публицитет, но не и на потребното вреднување на успехот од страна на надлежната државна институција задолжена да се грижи за афирмирмација на македонското образование, како и за адекватно вреднување на постигањата на учениците од Македонија во меѓународни рамки.

  •  Успесите во меѓународни рамки ја афирмираат Македонија

 Министерството за образование и наука, особено последниве пет години, на наставниците им наметна професионална обврска да реализираат т.н. „додатна настава“ со надарени и талентирани ученици. Оваа еднострано наметната обврска од страна на Министерството за образование и наука (која ревносно ја контролира Државниот просветен инспекторат) релативно брзо почна да дава резултати. Наставниците почнуваат да ги препознаваат талентираните ученици и да работат со нив исполнувајќи ги своите професионални обврски. Учениците на своите ментори за нивниот несебичен ангажман (имено додатната настава не влегува во фондот на часови, а тоа значи дека за таквиот свој ангажман наставникот не добива никаков финансиски надомест)  почнаа да им се оддолжуваат со успешни учества на натпревари освојувајќи награди кои не само што го афирмираат ученикот, училиштето и менторот, туку и Македонија во меѓународни рамки.

Но, очигледно е дека Министерството за образование и наука не е подготвено соодветно да ги вреднува постигањата на македонските ученици, иако Министерството за образование и наука е најзначајната државна институција чија примарна цел треба да биде поддршката на талентираните ученици и вреднувањето на нивните постигања, особено на оние од меѓународен карактер. Вреднувањето на постигањата на учениците Министерството за образование и наука го има како обврска, односно  уредено и со соодветна законска регулатива со која се пропишани соодветни парични премии за ученикот и наставникот.  

И покрај тоа искуството на Македон и Лара и на нивните ментори со МОН е поинакво. Тие беа сведоци дека успехот, иако  не им бил залуден, сепак оваа надлежна институција нема добра волја да им го вреднува.

Изненадувачки освоеното трето место на Лара Станчева минатата учебна година е најголемиот успех на Македонија постигнат на Меѓународниот литературен натпревар во Токио, Јапонија, во возрасна категорија деца (до 14 години) изминативе десет години. Овој реномиран натпревар е во организација на фондацијата ГОИ и  УНЕСКО и на него минатата година учествуваа 28 217 учесници од 161 земја!

Жално е тоа што од официјалното објавување на освоената награда (на 31 октомври 2021) од страна на организаторот, ни претходната министерка Мила Царовска, ни актуелниот министер Јетон Шаќири не се ни јавија да го честитаат успехот.

Дури и по доставеното навремено писмено барање до МОН за исплата на соодветна парична премија, независно од важечките законски процедури (кои не се приспособени за ваков вид натпревари, а особено кога тие организаторите се принудени да ги одржуваат во услови на пандемија), надлежните не покажаа ни добра волја да ни честитаат на Лара и мене како нејзин ментор, а се разбира ни да ни исплатат парична премија.

Очигледно е дека министрите се менуваат, но лошите практики во македонското образование и понатаму продолжуваат.