Фрлете им ја медицината на кучињата – таа и онака веќе не е за сиромашните

Во контекст на состојбата со пандемијата на Ковид-19, објавуваме колумна на претседателот на Левица – проф. Димитар Апасиев, која е актуелна за овие околности. Колумната е објавена на 26.10.2016 година, на thinkportal2.


Вие доктори… дојдете со вашиот скалпел
и дисецирајте го за нас, со мирна рака, ова наше 
општество кое ита кон распаѓање.
Пëтръ Кропoткин: Апел до младите (1880)

Не ретко, во мигови на социјално освестени дебати, на некои мои пријатели – лекари им ја поставувам следнава Кропоткинова етичка дилема: Замислете си дека утре човек од соседството, сиот во партали и испечен од сонцето, доаѓа и ве моли да ја прегледате неговата болна жена, бидејќи нема пари да ја однесе на доктор. Ве води низ една од оние улички каде што луѓето повеќе живеат на улица, отколку во своите картонски домови. Влегуваш во смрдлива атмосфера, под трепкавата светлина на мала жолта сијалица приклучена „на диво“ на еден соголен кабел; качуваш неколку трошни скали и во темната, ладна соба со најлони наместо стакла, ја наоѓаш кутрата жена која лежи на сламник – покриена со нечисти прекривки во просторијата со мувлосани ѕидови. Слаби, мртво бледи дечиња, тресејќи се под нивните оскудни облеки, зјапаат во тебе со нивните големи очиња.

Сфаќаш – тие никогаш не виделе бел мантил! Мажот, откако по 20 години стаж остана стечаец, подработуваше на црно по 12 часа на ден кај локалниот „инвеститор“, за дневница од 300 денари – гледејќи ги неговата жена и деца како овенуваат пред неговите очи. Но еве, веќе три месеци остана и без таа „работа“. А ја препознаваш и жената – неколкупати ја имаш гледано како чисти по куќите на богаташите како надничарка, можеби да ги испегла и вашите кошули. Ама сега два месеца таа е врзана за креветот и сиромаштијата, во целата нејзина проклета одвратност, полека се надвиснува над ова семејство кое нема никакви примања ни заштеди. Што, по ѓаволите, ќе и препишеш на болната жена, докторе – ти, кој уште веднаш увиде дека причината за нејзината болест е мизеријата, анемијата и потребата од добра храна и проветрен воздух?

Ги градеа болниците, а сега не можат да се лекуваат

Иако моите мотиви да го напишам овој текст можат да бидат етикетирани како „провокаторски, деструктивни и антисистемски“ – јас, мнимо ваквите пежоративни интерполации, ќе се обидам на еден непретенциозен начин да направам аргументиран осврт на погубната неолибералистичка логика која во последниве години се внесува во нашиот здравствен систем. Со ова се надевам дека, во крајна линија, би се подобрил квалитетот на нашите животи – како луѓе кои битисуваат заедно во едно општество, дури и ако критиката е на моменти жестока. Не би си дозволил воопшто да им префрлам на моите колеги доколку не мислев дека можам да ја заскокоткам моралната обврска содржана во концептот на добар и професионален „правник“ кој се бори за општото добро, па оттаму да го пробудам нагонот на еснафската ефективност, комбиниран со општествената одговорност која ја носат многумина мои анонимни истомисленици. Но, да не тупам… Мојата цел е, преку серијал од неколку колумни во иднина, само да додадам длабочина на она што досега беше разочарувачки плитка дебата во јавниот дискурс за улогата на подзаборавениот природно-правен и телеолошки пристап во супстратот на био-медицинската и хуманитарно-правната етика. Ќе успеам ли – останува самите да процените.

Професорот Ван дер Бург (Wibren Van Der Burg, Bioethics an Law: A Development Perspective, 1997) – објаснувајќи ја историската врска на етиката и правото, вели дека денес ние живееме во третиот т.н. постлиберален модел кој води до „повторен развод на правото со медицината“, бидејќи агрегатниот термин медицинско право станува премногу амбициозен во обидот да ја регулира медицината што, во крајна линија, е контрапродуктивно за целото општество… А тука во Македонија, кога пред себе го имаш клиничкиот случај заведен под името „јавно здравство“, да не го вивисекцираш проблемот на непристапноста до елементарните здравствени услуги поради недостиг од материјални средства, во еден јуриспруденцијален контекст, кога за тоа ти се дава прилика барем и во ваква кратка колумна – е навистина неопростив чин за еден ангажиран ум кој претендира на докторат по право. Оти просто е нечовечно да го одминеш системски продуцираното структурно насилство изразено преку безочната [пост]транзициска пауперизација на народот, која во изминативе години одвнатре нѝ го разјаде животот – мојот и на моите сограѓани.

Здравството како додаток на луксузот

Генерално правило во здравствениот систем е дека токму најсиромашните, поради секојдневниот стрес и борбата за гола егзистенција – своја и на своите најблиски, имаат и најголема реална потреба од здравствени услуги. Но, се чини дека нашите префинети правници – подготвувачи на лошите законски текстови, образовани во духот на правниот позитивизам кој им се сервира на факултетите, се крајно нечувствителни за социјалните димензии на своите схоластички здравствени политики. Тие креираат едно отуѓено „правничко право“ кое е одлепено од реалноста, и со својот канцелариски светоглед не прават никакви напори да им олеснат на очајните безработници или на социјалните случаи – кои, во буквална смисла, се напикани в ќош. Овие маргинализирани, понижени и навредени луѓе, кои на времето буквално ги градеа и фабриките и болниците, а кои денес описно ги нарекуваме „жртви на транзицијата“ – ставени меѓу дефетизмот на својата позиција и демагогијата на богатите егоисти, можат само да преколнуваат од дното на душата. Ама, како што умесно забележува еден наш познат философ, и ние сме криви што дозволивме грижата за овие трагични судбини, недозволиво, од општествена и уставна обврска од највисок ранг, да се помести во сферата на добрата волја на богатите поединци и „филантропи“.

Бидејќи ми снемува простор, по оваа увертира за македонското здравство – кое, да потсетиме, е недостапно за над 1/3 од популацијата во државата која живее под прагот на сиромаштијата – на крајот би го парафразирал заклучокот на брилијантниот Кропоткин упатен до свеста и совеста на младите лекари: Ако твоето срце, докторе, навистина чука заедно со она на хуманоста во која си се заколнал и ако имаш слух за животот – тогаш, газејќи низ ова море од тага чии бранови плискаат околу тебе, соочен лице в лице со овие луѓе кои скапуваат во сиромаштија; потполно разбирајќи ја оваа очајничка борба која се води помеѓу болниот плач на поразените и свечените вратоврски на победниците, помеѓу хероизмот на таткото-стечаец кој се бори да донесе парче леб дома и кукавичлукот на „омладинските“ портпароли завиен во арогантните изјави – ти не можеш да останеш неутрален! Ќе пријдеш тогаш на страната на експлоатираните и со сето срце ќе се приклучиш кон нашата кауза, оти знаеш дека убавината, возвишеноста и благословот на самиот живот се на страната на оние кои се борат и жртвуваат за социјална правда.