Линија на помал отпор (или законот на посилниот)

Деновиве откако конечно беше потврдено членството на нашата држава во воениот сојуз НАТО (после еден куп срамни отстапки, матни задкулисни зделки и флагрантно непочитување на волјата на мнозинството на македонскиот народ), се присетив на една училишна случка од пред околу дваесеттина години.

Анде Јанков
Модератор на ЛО Левица Велес

Во рамките на воннаставните активности во моето основно училиште, нашиот клас имаше некаква работилница која ја водеше психологот на училиштето. Темата на работилницата беше начин на однесување и имање на свое јас во услови на притисок од страна, при односите на една индивидуа со останатите луѓе. Целото предавање кулминираше кога психологот на групата ученици ни го постави следното прашање: Дали кога некој посилен, повозрасен или побогат ни врши притисок во одредена ситуација да му се придружиме или потчиниме, ние треба да го сториме истото? 

Психологот неколку пати го беше поставила прашањето, а останатите ученици немо молчеа, очигледно немајќи или пак несакајќи да дадат одговор на прашањето. Конечно ја подигнав раката и кога бев прозван да дадам одговор, едноставно реков: „Не, затоа што не ако тој е посилен однас и поголем не значи дека е во право за се и дека треба да го прифатиме, иако за тоа не се согласуваме длабоко во себе.” Психологот задоволно климна со главата, очигледно среќна што барем некој од децата кои што ја слушаа работилницата ѝ даде одговор и го делеше нејзиното мислење. 

Оваа случка од минатото ја спомнувам во контекст на нашето приклучување на НАТО пактот, токму затоа што во случаите кога сум имал можност да разговарам со другите луѓе од моето секојдневно опкружување во врска со дилемата ЗА или пак ПРОТИВ НАТО, дури и најревносните нато-вци и апологети, на крајот, откако ќе ги соочиш со разумни аргументи од типот на: НАТО е воен сојуз одговорен за смртта на илјадници луѓе низ светот, современа Република Македонија никогаш историски не била поврзана со овој сојуз, ниту пак имала империјалистички претензии кон останати земји, како и фактот што со самото членство државата мора да плаќа голем процент од својот буџет на овој сојуз за сметка на инвестирање во капацитети во нашата земја, тогаш сите тие луѓе како финален аргумент ја спомнуваат онаа позната изрека, која не е ништо друго, туку едноставна линија на помал отпор, а се поврзува со темата која што ние како деца ја обработувавме на таа наша работилница: Немаме друг избор, како ќе кажат Американците така ќе биде. Не можеш да му речеш НЕ на оној кој е посилен од тебе. 

Се додека не ја разбиеме оваа лажна индоктрирана фарса дека Законот на посилниот е единственото нешто кое треба да се почитува и вреднува, без разлика дали истото е морално исправно или не, тогаш ќе останеме најобични полтрони и безрбетници кои немаат свое јас – а се водат или од плашливи или од материјални побуди. Од исклучителна важност е да ја избегнеме оваа стапица и да размислуваме со свои глави, најмногу поради тоа што политичарите кои моментално и досега ни ја управувале државата веќе се водат од линијата на помал отпор и сите гледаме до кој степен на економски и морален пад ја доведоа државата во изминативе 30 години.