Функционирањето на спортските субјекти зависи од самоволието на федерациите и МОК

  • Пишува Наташа Стефановска – Координатор на Левица – Сектор спорт

Во македонскиот спорт федерациите и здруженијата делуваат автономно и од нивните правилници и статути зависи дали еден спортист или спортски клуб ќе подлежи на казна, дисциплинска санкција или суспензија. Правилата се тука за да се почитуваат во спортот и тоа е во ред се додека спортските субјекти имаат право на правна заштита и брзо решавање на ваквите спорови. Но, сведоци сме дека во Македонија спортистите и спортските клубови често се мета на своеволно казнување од страна на здруженијата.

За изречени навреди и клевети или за друго недолично однесување често им се изрекуваат казни со суспензија односно истите немаат право да го прават она што најдобро го знаат- да спортуваат и да носат успеси за Македонија и тоа често казните со времетраење од 1-4 години! Проблемот настанува бидејќи законските прописи тоа го дозволуваат на здруженијата федерациите и МОК.

Имено, неодамна МОК изрече дисциплинска санкција на наш спортист кој што успешно ја претставувал државата долги години. Истиот може да вложи жалба или да отпочне управна постапка која ќе трае со години!

А може и да отпочне постапка пред Спортскиот Арбитражен суд во Лозана (CAS) која бара финансии за плаќање на такси и каде повторно ќе чека одлука.

Но, што ако беше активен спортист кој што сеуште се натпреварува на репрезентативно ниво? Како овој спор брзо ќе се реши? Како ќе се докаже дека бил или не бил во право без да има запирање во кариерата.

Во Македонија никако. И така ќе пропадне неговата кариера, а ние сме уништиле спортист од светски рамки кој што ја претставувал Македонија на светско ниво.

Ова не е прв случај каде спортист е казнет и не му е дозволено да се натпреварува ниту да тренира. Личното искуство кое го преживеав како спортист, карате репрезентативка со притисок и закани за суспензија, без никој да ме заштити ми покажува дека ниту има правна заштита за спортистите ниту може без ризик од губење на спортската кариера да се спречат неправдите кои спортистите на своја кожа ги преживуваат.

Покрај спортистите своеволие се прикажува и врз спортските клубови како и останатите спортски субјекти и работници.
А кои се федерациите и МОК? Што претставуваат тие? Организирани системи на натпревари и здружување на сите клубови и спортисти во еден спорт. Истите треба и да пружат заштита кога гореспоменатите проблеми ќе се пројават.

Арбитражниот суд и спортска арбитража во Македонија воопшто не функционира а друг побрз систем за решавање на ваквиот проблем нема. Со ваквите правни пропусти и избегнување на одговорност која се провлекува долги години, спортските субјекти кои работеле напорно во спортот, се откажуваат, а со тоа го уништуваме и македонскиот спорт. За да може да се поправи ситуацијата треба суштински измени и сериозен пристап во делот на спортското право. Право кое се користи во сите држави освен во Македонија.