Поделија ли газдите оставки за вработените поради барање за отсуство согласно препораките на Владата?!

Светската здравствена организација целата ситуација со корона вирусот ја прогласи за пандемија, нешто што можеби се очекуваше уште во самиот почеток. Многубројни држави веќе воведоа карантин и ги пломбираа своите граници, некои пак се одлучија на нешто ‚‚помеки‘‘ мерки како што е случај и со нашава држава. Имено, министерот за здравство – Венко Филипче, заедно со Владата на РМ, се одлучија за преземање на мерки кои што би помогнале за намалување на ризикот од заболување на корона вирусот. Но, што ова значи за нашето општество?

Како за почеток сите ученици и деца од помали возрасти кои што посетуваат престој во градинките беа упатени во своите домови со цел да се намали ризикот од целава ситуација. Следно што беше превземено се однесуваше на ослободување од работните обврски на еден родител чиешто дете е до десет годишна возраст и кое што посетува настава или престој во некоја образовна институција. Токму овде настанаа најголемите манипулации и проблеми за самите работници. По упатениот апел од страна на политичката партија Левица, за жал, многумина се обратија за помош поради настанатите компликации во врска со работниот однос. Затоа ние би сакале да поставиме неколку едноставни прашања кои што се надеваме дека надлежните институции ќе ги разгледаат и ќе ни дадат одговор:

1. Дали конфекцијата ,,Евроџинс‘‘ од Охрид го раскина догворот за вработување на својот работник само поради неговото барање да биде ослободен од работните обврски, согласно препораките од страна на министерот Венко Филипче?!

2. Дали конфекцијата ‚‚ЕЛИНА‘‘ од Велес го навредувал својот работник и притоа му го раскинал договорот за вработување поради усно барање за ослободување од работните обврси, со цел да се грижи за своето малолетно дете?!

3. Дали фирмата во сопственост на поранешниот вице-премиер – Кочо Анѓушев, ‚‚БРАКО‘‘од Велес, им се заканувала на своите вработени да не поднесуваат барања за ослободување од работните обврски бидејќи ќе им биле раскинати договорите?!

4. Дали фирмата ‚‚Дрекселрмаер‚‚ од Кавадарци правела притисоци на своите вработени да не отсуствуваат од работното место бидејќи ќе бидат казнети на платите, па дури и да им биде раскинат договорот?!
5. Дали фирмата ‚‚Маркарт‘‘ им се заканила на своите вработени дека нема да добијат плата доколку бидат во своите домови со своите малолетни деца?!