Малезија враќа илјадници тони ѓубре на богатите земји

Малезија врати 150 контејнери полни со ѓубре од пластика, a Министерката за екологија изјави дека земјата нема да се претвори во „депонија на светот“. Контејнерите кои биле увезени нелегално, содржеле 3700 тони ѓубре од пластика со потекло од 13 држави, 43 од Франција, 42 од Британија, 17 од САД и 11 од Канада. 

Министерката Јео најави дека дополнителни 110 контејнери ќе бидат вратени во блиска иднина, 60 од нив на САД. 

Земјите кои испраќале отпад морале да ги покријат трошоците за враќање на контејнерите. „Не сакаме за тоа да дадеме ни пара. Кога некој незаконски ќе го фрла ѓубрето во вашата земја, нема вие да плаќате за да им го вратите назад“, изјавија од Владата на Малезија.

Западните држави со години нивното пластично ѓубре го праќаа во Кина за процесирање и рециклирање. Но беа приморани да бараат нови дестинации во 2018 кога кинеската Влада забрани увоз на странско ѓубре. 

Така товарот падна на југоисточна Азија, но и земјите од тој регион веќе се уморени од чистење на ѓубрето на Запад. Индонезија, Филипините и Камбоџа вратија контејнери со пластично ѓубре во изминативе месеци. Индонезија тврдеше дека добива „контаминирано“ ѓубре. 

Минатиот мај, филипинскиот лидер Дутерте се закани дека лично ќе го преплови Пацификот со 69 канадски контејнери и ќе ги истури во канадски води. Истиот месец, Малезија најави дека ќе врати 450 тони увезено ѓубре на земјите од кои тоа потекнува.