Иран во паника по заканите од Македонија, Ајатолахот му се извини на Дане Талески
„Простете ни, погрешивме. Нема да се повтори“ – ова е краткиот твит на ајатолахот Али Хаменеи упатен кон македонскиот иден амбасадор во НАТО, Дане Талески. Врховниот лидер на Иран го упати извинувањето откако Талески го предупреди Иран да размисли двапати пред да нападне стратешки партнер на Македонија во НАТО, како што се САД.
Нападот врз воени бази на САД со можни жртви е напад врз САД. Воопшто не е добро кога се напаѓа најважниот стратешки сојузник на Maкедонија, САД – соопшти утрово Дане Талески, советник за надворешна политика на премиерот и кандидат за амбасадор на во НАТО.
Дополнителна паника во Иран предизвика дообјаснувањето на Талески по загадочното предупредување кон Иран.
Тоа повлекува вклучување на членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој што вели „еден за сите, сите за еден“, односно ако една членка на НАТО е нападната – нападнати се сите“, вели Талески.
Неофицијално, воениот совет на Иран свика итна седница за да ја анализира оваа најава на идниот македонски амбасадор во НАТО дека ако САД се нападнати од Иран, тоа значи дека и Македонија е нападната. Иран, како што велат нашите извори, е земја која е подготвена да се справува и со нуклеарна закана, но нема одговор на најмоќните оружја на македонската армија: чаталите, стрелите, моќните фејсбук статуси, рекламите за успесите на Заев и воено-рекетарските тактики на министерката Шекеринска.
Само Севишниот може да ни помогне. Се надеваме дека Талески ќе го прифати нашето извинување. Не сакаме ни да знаеме што ќе се случи ако ситуацијата ескалира, па на твитер ни се обрати Никола Димитров. Дури тогаш ќе биде пекол за нас, велат извори од државниот врв на Иран.