Реџеп Исмаил: Ние од НАТО добивме само капитулантски договор

Излагање на членот на Президиумот на Левица, Реџеп Исмаил Хактан, во емисијата “Што не е јасно?”.


Долго време се врши пропагандата дека НАТО е фактор на стабилност и безбедност, па и Талески со изјавава кажува дека ние кога ќе станеме дел од таа алијанса, ќе нѐ штити  алијансата од било какви напади. Значи прва работа, тој фамозен член 5 не фунционира и тоа е неколку пати докажано во пракса. Особено е еклатантен пример конфликтот помеѓу Грција и Турција во однос на Кипар.

Ние од НАТО што добивме? Ние добивме само капитулантски договор со Република Грција, добивме заматени односи со Република Бугарија и ги плаќаме активностите на НАТО на Блискиот Исток. НАТО и САД се присутни таму подолго време, видовме дека не донесоа никаков мир, напротив, таму односите во однос на безбедноста многу се влошија.

И во Македонија ако зборуваме веќе за конфликт, ние имаме тука внатрешен конфликт. Ние имаме потенцијален етнички конфликт, за каква безбедност ние зборуваме дека НАТО нѐ штити кога на пример од официјални партии имаме претставници кои зборуваат прво во име на цела етничка заедница дека ако одредено прашање не се прифати, може да има немири, може да има војна.

НАТО не е доволно за безбедноста, напротив НАТО носи нестабилност. Затоа што НАТО не е само воен сојуз, НАТО пред се е идеологија која шири неолиберализам. Неолиберализмот кај нас ја шири приватизацијата, онаа до коска и нас нѐ отвора без никаква заштита, без свој интегритет, без економија која што би била под контрола на нашата држава. Едноставно ние сме отворени за западните сили за експлоатација и ние немаме никаква можност сами да ја градиме својата заедница.

Видете, мирот не е само отсуство на војна. Ние сме во секој поглед со секој поминат понебезбедна земја. Земете ги сите статистики, ние цело време имаме прегазени пешаци, луѓе повредени на работно место, па смртни случаи на работно место, имаме екстремен воздух. Ние сме дефакто незбезбедна земја.