„Со лаги и сила Богоев сака нов ДУП за Трнодол,Жданец и Козле кој ќе го загрози Водно и нашите населби”

Жителите од Трнодол, Жданец и Козле побараа од Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев да го повлече Деталниот урбанистички план за дел од Трнодол и да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец. Јавната презентација на планот е закажана за утре во 15.30 часот, но граѓаните бараат таа да биде после 18 часот, кога сите жителите после завршување на работните обврски ќе можат да присуствуваат на неа.

Жителите од овие населби реагираат дека Градоначалникот Богоев манипулирал со јавноста на последната прес-конференција која тој ја одржа пред мал број одбрани новинари, на која не беа поканети преставници од населбите и на која не беа дадени на увид забелешките на жителите околу начинот на кој се пробува на сила и нестручно што побрзо да се донесе спорниот ДУП. Претходно и советникот на Левица Бранко Ристов реагираше дека после поминати два месеци, сѐ уште нема одговор на барањата кои тој ги доставил до општина Карпош во име на 450 жители од овие населби. Во продолжение пренесуваме дел од денешната реакција на жителите од Трнодол, Жданец и Козле:

„Во целата постапка Општината не презема ништо да ја спречи опасноста од клизање на подножјето на Водно, градење згради во заштитен канал од поплави во подножјето на брдото и навлегување со нови градби во Парк шумата ВОДНО над постоечките населби. Со еден збор, се заобиколуват потребите на жителите во овие населби и елаборатите и предупредувања на стручната јавност, како и значењето на заштитното зеленило и парк шумата ВОДНО.

Градоначалникот Стефан Богоев манипулира дека со стариот ДУП е возможно да се изградат 4 спрата и безброј стамбени единици , кога во важечкиот ДУП  од 2001 година јасно пишува дека населбата е предвидена и е дозволено за семејни куќи по два стана со по 4 члена.

По насилното закажување на јавна презентација за предлог ДУП – от за дел од населба Трнодол со Шпанско село на 30 јули и на температура од 43 степени, граѓаните од населбите Трнодол и Жданец не дозволија да се оддржи јавната презентација, бидејќи Општината и проектанското биро од БИТОЛА  немаа доставено и изработено низа документи кои се потребни при изработката на Дупот. Што е најважно никој од граѓаните во населбата немаа побарано да се изработи нов ДУП.

Сепак, иако постапката за ДУП за нас граѓаните и пред законот не е започната , граѓаните  доставија преку 450 анкетни листови (на кои Општината, согласно законот се уште нема одговорено), потоа поднесовме Преставка на  19.08.2019 година ,па потоа и  ЗАБЕЛЕШКИ И БАРАЊА по Одговор на Претставка УПП.бр.11-04 од 01.10.2019 година до општинските и градски власти, на кои генерално ние како граѓани не бевме задоволни од одговорите и начинот на кој општината се труди да не ги разгледа и прифати  нашите аргументи и барања.

Градоначалникот Богоев, наместо да ги почитува барањата на граѓаните, во брза постапка на само 20 дена пред парламентарни избори, штитејќи интереси на градежни профитери , повторно се обидува во една постапка чија законитост е оспорувана од самиот почеток и е на штета на интересите на локалното население од населбите Трнодол, Жданец и Козле сака да спроведе јавна презентација на некаков нов Предлог ДУП.

Во овој нов предлог ДУП кој ќе биде ставен на јавна презентација единствено е направена корекција на две од нашите барања:

1.Задржување на Висината на градбите од П+1+Пк (која висина, впрочем така и е предвидена со ДУП-от кој е во важност во моментов , на која треба да додадеме дека треба да се задржи истиот стандард за семејно домување од најмногу две семејства. Второ и многу важно, скоро сите сопственици од улицата кој се опфатени со ДУП-от од 2014 година без нивно знаење им е зголемена катноста, бараат да се намали катноста која не ја побарале во тој ДуП.

2.Влезот од населбата Трнодол нема да се затвара и тој дел ќе биде  заштитно зеленило  (претходно беше дефинирана како парковско зеленило).  

Дел од  барања на граѓаните:

  • да не се врши поделба на населбата на два дела и спојување на тие делови со Шпанско село и Жданец врз основа на спорен Регулациски план,
  • да не се предвидува сообраќајница низ населбата Трнодол,
  • да не се предвидуваат висококатници за колективно домување под ридот на кој е позиционирана населбата со кои дополнително би се загрозила стабилноста на земјиштето и би се зголемила густината на населението без соодветно обезбедени градинки, училишта, болници и паркови и без да се земат во предвид  геомеханичките  испитувања на теренот и што побрзо општината да издвои средства за санирање и зацврстување на брдото , а дури потоа да направи било каково  планирање на просторот, или  дозвола за градење во подножјето на Водно.

Оттаму, уште еднаш јавно апелираме градоначалникот Богоев, да гo повлече спорниот ДУП и да донесе одлука за стопирање на било какви градби и издавање дозволи во овој дел на Водно. Понатаму заедно градоначалникот Шилегов да подготви нов регулациски план, елаборат и реализација на конкретни мерки за дополнителна заштита на Водно од поплави и лизгање на земјиштето.

Владата и Собранието да го донесат ветениот закон за стопирање на хаосот во урбанизмот и потоа да се отпочне постапката во која на прво место ќе бидат нашите потреби и барања според гусината на населението и екологијата и безбедноста.

Бараме да се испочитуваат барањата на жителите кои живеат на просторот за кој го предлага ДУП – от, а кои беа доставени до општинските и градските власти и да ја запре спорната постапка за носење на овој урбанистички план, во спротивно ќе се соочи со протести. Веќе се поднесени  иницијативата за испитување на уставноста пред уставниот суд , а ќе има уште неколку тужби се до  исполнување на нашите барања – бидејќи со таквиот предлог ДУП не се придонесува ниту за правилен, ниту за рамномерен развој на овој дел од Карпош и единствено се создаваат услови за нови висококатници во населбата Козле и дополнително уништување на зеленилото на Водно со нови градби, преголема населеност, опасност од пожари, земјотреси, клизање на земјиште и поплави, како и небезбедна сообраќајна инфраструктура во Козле и во другите населби.”