Лозарите на протест: Нема повеќе од нашата пот да се богатите!

Од здружението „Напредни Лозари” најавија протести против ниските откупни цени диктирани од винарската олигархија и незаинтересираноста на властите. Од здружението велат дека винариите, потпомогнати од досегашните политички структури кои во зависност од временски период биле со различна политичка обоеност, покрај винскиот монопол остварија монопол и на откупот на грозје. Тие додаваат дека „благодарение на мизерно-ефтината сировина во што го претворивте нашиот производ – грозјето, ги обезбедивте вашите идни 239 колена потомство. И тоа на сметка на маката и потта на лозарите. А лозарите пак се доведени до до работ на егзистенцијална пропаст, не можат ни децата да си ги задржат дома.”

„Без разлика на политичката обоеност, водени единствено од интересот, овие веќе мега преработувачи на грозје, заслепени од со децении брзото богатење, три децении наназад го обезвреднуваа нашиот производ и истиот го доведоа до дереџе, речиси под прагот на рентибилноста и под секаква профитабилност.  Покрај големиот профит од производство и продажба на вино, преработувачите на грозје остваруваат екстра профит на тој начин што профитот од производство на грозје веќе три децении, наместо кај производителите на грозје завршува кај нив, а лозарите во текот на производството на грозје се соочуваат со многу проблеми, маки, пот, страдања, секојдневна борба со земјата и изложеност на сите метеоролошки и атмосферски услови.” – стои во соопштението на здружението.

Од таму додаваат дека на влијанието на овие вински структури до сега не била имуна ни една власт а не е имуна ни сегашната Влада, ни Министерството за земјоделие, ни подрачните единици за земјоделие, како ни локалните власти на чело со градоначалникот на општина Кавадарци.

„ Им се обраќаме јавно на факторите од власта почнувајќи од Премиер па до последен директор и ги известуваме, а на знаење на преработувачите на грозје дека од овој момент ќе ги искористиме сите наши демократски права и ќе превземеме мерки на протести и блокади и сите останати демократски дозволени средства се додека не се исполнат нашите барања, а тие се:
1. Владата на чело со Премиерот и Министерот за земјоделие да превземе итни мерки на отварање на границите и овозможување безцарински извоз на грозје во земјите од опкружувањето и пошироко;
2. Да се повикаат сите заинтересирани купувачи на грозје од регионот и да им се овозможат нормални услови за откуп на грозје на овие субјекти. За ова итно да се повикаат амбасадорите на земјите од непосредното опкружување;
3. Цената на грозјето да се формира од страна на ценовниот Одбор на Здружението Напредни Лозари и во цената нема да има никакво мешање од страна;
4. Да се одреди производна цена на килограм грозје како основа за формирање на цените при откупот на грозјето; 
5. Ги прифаќаме сите понуди на цените на домашните откупувачи доколку владата изврши субвенционирање на цените до постигнување на откупни цени со кои ќе се отиде барем нешто над покривањето на трошоците за производство. Ова важи само за оваа реколта. 
6. Да се обезбеди ангажман на екесперти од Министерството за земјоделие, експерти од земјоделскиот факултет, претставници на сите Здруженија на лозарите под капата на “Напредни Лозари“, по можност лозаро-винарски субјекти и експерти од соседните земји и пошироко од регионот и поранешните ЈУ простори, за унапредување како на процесот на одгледување и одржување на лозовите насади по сорти грозје, така и на поставување на темелните основи на идните реални кооперантски односи и планско производство на грозје на краткорочен, среднорочен и долгорочен план.”