Популарната Окасио-Кортез гласаше за рекордниот воен буџет на САД

Конгресменката Александрија Окасио-Кортез и левичарски активист им се придружи на 218 други демократи со цел Сенатот да изгласа закон кој предвидува рекорден износ на воена потрошувачка на САД за следните две години. Со оглед на тоа што Кортез стана симбол на отпорот на Трамп и неговата администрација, ова за дел од нејзините следбеници (кои воглавно се приврзаници на левицата) доаѓа како изненадување. Рашида Тлаиб, уште еден отворен левичар и член на Демократските социјалисти на Америка, исто така гласаше за законот.

Ваквото решение предвидува зголемување на трошоците за одбрана и војска на САД, кои и сега се издвојуваат во милијардски суми, додека се кратат трошоци за здравство, образование и социјални прашања во земјата каде што владее огромна класна раслоеност. За разлика од Кортез, мал број членови на Демократската партија одбија да гласаат за ваквата мерка, меѓу кои се Илхан Омар и Ајана Пресли. Омар имаше и излагање со кое го објасни своето отфрлање на зголемувањето на трошоците за Пентагон:

„Не можам да поддржам предлог-закон кој продолжува да фрла милијарди долари на бескрајни војни и Пентагон. Ако навистина се стремиме да постигниме мир и просперитет дома, тогаш не смееме да продолжиме да ги дестабилизираме другите земји, да предизвикуваме мигрантски кризи и да ги изложуваме на опасност американските трупи. Ние мора да ги намалиме трошоците за Пентагон и да ги реинвестираме тие пари во здравство, образование, домување, работни места, чиста енергија и инфраструктура.”

Иако Омар е еден од ретките доследни критичари на американскиот империјализам, сепак таа доаѓа од партија која, историски гледано, претставува столб на империјализмот кој Омар го критикува. Додека пак, Кортез не понуди јавна изјава со која ќе го оправда своето гласање за мерка која предвидува 1.5 трилиони долари за Пентагон и само 1.3 трилиони долари за останатиот дел од целата влада. Со оглед на тоа што Кортез спаѓа во новоизбраната група на „социјалисти” во Конгресот, се поставуваат многу прашања кога еден од најлевите политичари во Конгресот гласа за мерка која директно придонесува за ширењето и зајакнувањето на американскиот империјализам. 

Извор: LeftVoice