Изложбата „Љубените“ – зголемена реалност на Билјана Гарванлиева во Чифте Амам

Сведоштво за љубов во време на смрт

„Ölen hayvan imiş, aşıklar ölmez“ – Yunus Emre
„Умираат хајваните, вљубените никогаш“ – Јунус Емре, турски поет, 13-14 век


Во рамките на десетото издание на филмскиот фестивал „Македокс“ во Чифте Амам од утре, 22 август, ќе биде отворена изложба на фотографии под насловот „Љубените“ – сеќавање на еден заеднички живот.

Откако режисерите на документарен филм Билјана Гарванлиева и нејзиниот сопруг Мануел Цимер дознаа дека Билјана е дијагностицирана со смртоносен карцином, наместо да му потклекне на стравот, таа одлучи да му погледне директно во очи. Овојпат Билјана одлучи да биде хероината од нејзините документарни филмови. Заедно со нејзиниот сопруг направија рефлексија на тоа што значи да се соочиш со смртта, што би значело тоа за нивните и животите на нивните деца. Овие рефлексии се врежани како зголемена содржина на реалност во серија од 12 портрети од Билјана и Мануел. Тие се сведоштво за нивната љубов во време на смрт.

Дел од фотографиите се направени во нивната младост од страна на уметникот Тим Деусен. Како што проаѓаше нивното искушение, Билјана, Мануел и нивните деца документираа аудио, видео и фото записи, кои се употребени во ова дело.

Изложбата е поддржана од посебна апликација за мобилен телефон за ајфон и андроид преку која посетителите ќе можат да го чујат и видат аудио и видео записот на Билјана, кадешто таа зборува за соочувањето со стравовите.

Низ нејзините документарни филмови во кои жената секогаш беше прикажана како хероина, таа го соочи општеството со реалните проблеми, кои исто така ги нарекува стравови; експлоатираните шивачки од Штип, децата кои работат на тутунско поле, наметнатите етнички конфликти и.т.н. Со оваа изложба преку нејзината реална состојба таа не’ соочува сите нас со болеста и смртта, а истовремено со љубовта и вечноста.

Последната серија на портрети од Билјана и Мануел покажува втор слој на зголемена реалност. Тоа е нивниот личен поглед. Овој поглед оцртува лак од моментот кога се вљубуваат, преку искушенијата на болеста па се’ до нејзиното заминување во вечноста. Низ изложбата се чувствуваат два временски слоја – интимните моменти поминати заедно и поминатиот заеднички живот.

Фотографиите и аудио и видео записот ве носат во нивниот живот, во моментите кои се бројат. Не во смртта, туку во животот поминат заедно. Секој проживеан момент е посебен, секој споделен миг е вечен.

Изложбата ќе биде отворена на 22.08.2019 во 19 часот, а ќе трае до 31.08.2019.

Исто така, во склоп на Македокс, утре со почеток во 20:30 минути ќе биде прикажан нејзиниот незавршен документарен филм „Тетовки самрак“, кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер.

Филмот ја прикажува реалната слика низ три различни приказни за млади уметници кои се обидуваат да избегаат од економската, политичка и социјална безнадежност, селејќи се од државата.

Тетовскиот самрак ја опишува состојбата на генерацијата помеѓу надежта и реалноста и го поставува прашањето за реалниот живот во катастрофална ситуација.

Автор: Сенада Ибраимова