Татунчо – Кочо Рацин

Песната „Татунчо” е дел од збирката „Бели Мугри” на еден од најзначајните македонски поети и комунист, Кочо Рацин. Низ овој свој текст Рацин го предава патот на револуционерот, односно моментот кога работникот веќе настапува како активен борец за ослободување на поробениот народ – инспириран за тоа од подвигот на познатиот ајдучки војвода со чиешто име е озаглавена самата песна. Во неа е вткаен лајтмотивот дека оној кој се крева во борбата за слободата на својот народ, треба да се жртвува во сиот тоталитет.

Идентификувајќи се наполно со судбината на народниот борец, Рацин во втората строфа ја искажува мошне сугестивно вистината за себеси, за потем да нагласи дека секогаш најинтимното треба да се жртвува за целите на револуционерната борба. Во тој контекст тој ја сугерира идејата дека за вистинскиот револуционер е сосема ирелевантно каде ќе се одигра последната битка во неговиот живот – најважно е тој да биде положен во темелите на општонародното дело.


Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!

Ако куќа не направив
со високи шишмир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока.

Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба –
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
слнце сјае, слнце трепти!

Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав –
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани…”

И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат –
блазе, речи на душата –
има зошто душа да е!

Извадок од „Избор Кочо Рацин”.