[Видео] Боки 13 на Камчев: „Нашиот човек” заврши работа и со СЈО и со Заев

Нова снимка беше објавена утринава од италијанскиот весник „Ла Верита“ со опис „Боки 13 се фали за своето пријателство со македонскиот премиер Зоран Заев. По нашите објави, случајот за поткуп ја прегази целата влада што ја промовираше Могерини и македонската влада ризикува да падне.”

Во неа, за прв пат се споменува името на премиерот Зоран Заев, додека Катица Јанева веќе отворено зборува на интерфон за случајот “Империја”, каде договора да му биде вратен пасошот на Камчев, додека во еден дел Камчев вели “јас направив се како што ти и Катица ми кажавте”. Дополнително се спомнуваат имињата на Мијалков, Штерјо (Наков), Кирацоски и извесен Жарко.

Во еден од разговорите се слуша како специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на Камчев му вели дека Лиле Стефанова, обвинителката која го води случајот „Империја“, е под нејзина контрола.

„Многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.

Во друг од разговорите, Камчев загрижено на Боки 13 му кажува за повикување на сведови во постапка на Катица, дофрлува дека викнати се како сведоци, а не како осомничени, а се со цел , „за малку активности да има во април“. Во снимката се договара и исплатата на парите односно се договора „еден (милион евра) во среда, еден во април, еден во мај, јуни и два после септември”.

На оваа аудио снимка за прв пат се споменува и името на македонскиот премиер Зоран Заев (16:50 минута), каде Бојан Јовановски му покажува слика од ЗЗ на што Камчев му возвраќа „тие се твои другари, ти ја играш играта за нив. Мислам дека и ЗЗ нема да прави проблем за мене” на што Боки 13 потврдно му враќа. Понатаму зборуваат за „нашиот човек” кој завршил голема работа со СЈО и ЗЗ. Понатаму Боки објаснува за договорена средба со Заев при што додава „знам што збори тој, знам што сум зборел со него за тебе, работи кој никој не ги знае“.