Бајден ја одби поканата на Путин за јавно соочување

Руското МНР соопшти дека Вашингтон ја одбил поканата на Владимир Путин до американскиот претседател Бајден за разговор кој ќе биде отворен за јавноста.

Потсетуваме дека претседателот на Русија, Владимир Путин го повика Бајден на јавен видео разговор, откако неговиот американски колега и новоизбран претседател, во едно интервју, покрај тоа што се закани со нови санкции против Русија, Путин го нарече и „убиец“. И Ердоган, како претседател на земја-членка на НАТО, ги осуди овие коментари на Бајден опишувајќи ги како „навистина недозволиви“ и „нешто што предизвикува гадење“ . 

Сепак, официјален Вашингтон го отфрли предлогот на Путин за видео пренос што ќе се емитува во живо, објави Спутник Интернешнл, пренесувајќи соопштение од руското Министерство за надворешни работи.

„На жалост ве известуваме дека американската страна не ја прифати поканата на рускиот претседател Владимир Путин, за средба во форма на отворена видео конференција каде ќе се разговара за бројните проблеми што ги оптоваруваат односите помеѓу двете земји“, се вели во соопштението.   

Ваквиот потек на Вашингтон, Москва го оцени како „уште една пропуштена можност да се стори нешто во областа на подобрување на односите меѓу Русија и САД“.

Од друга страна пак заменик-портпаролот на Белата куќа, Карин Пјер изјави дека состанокот ќе се одржел кога ќе дојдело време.