АктуелноЛокалноСтав

Младата интелигенција и нејзините идоли

Не можеме да се ограничиме само на естрадата и нејзиното негативно влијание врз развојот на младината и идното општество, сепак тоа е само површината на нештата. Длабоко под сиот тој гламур и рефлектори се сокрива една елитистичка и егоистична интелегенција, која се обиде преку релативизирање на очигледна и неодбранлива вина, да раскаже некаков еп за шарениот револуционер, суперхеројот.

Оној, кој за 2500 денари му пакуваат од „убавото“. Во тој контекст, човек и ќе ја разбере поддршката и солидарноста на „другарите” Борјан, а посебно Петрит, кој започна да го брани Павле со истите зборови со кои ВМРО ДПМНЕ се бранеше во 2015-та, кога за бомбите велеа дека се сечени, лепени и монтирани.

Нејсе, да видиме низ еден замислен пример, што тоа ни продаваат.

2035-та година. Македонија се уште е пред портите на ЕУ. Во ,,Прошмркно Дело” – бившо просветно, млади автори го промовираат својот најнов стрип ,,Супер Шмрки Пајо и маслото од Анубис”. На промоцијата свој настап имаат и 2бона, кои исто така промовираат свој нов производ, шарено брендирано пенкалце, кое лесно се претвора во цевче за шмркање.

Три децении сме под постојана пропагандна опсада и три децении сме сите соучесници, гласајќи ги истите тие политики, кои се последица на истата таа пропаганда.

И на тоа или ќе му ставиме крај заедно или ќе ја живееме горепишаната иднина. Повторно со истите турбо фолк идоли на младата интелигенција, добро избањата, нашмркана и сигурно и комотно сместена во сопственото стаклено ѕвоно, оперирана од било каква друштвена одговорност.

Не се сомневам дека кокаинот е едно од основните горива на капитализмот, кој е заснован исклучиво на личниот профит, без било каква свест за заедничките добра и интереси.

Тие ќе си продолжат со својата политика на масовно самоубиство на се живо на планетата за лична корист и профит, а ние или ќе им застанеме на патот или ќе продолжиме да бидеме соучесници во самоуништувањето, давајќи тивка согласност за истото.

Набргу рударската и банкарската мафија заедно со соучесници, избрани претставници на народот планираат во источна Македонија да отворат над 150 јами. Ќе го враќаат „животот” на истокот!

Во меѓувреме една од најпацифистичките култури, а тоа е културата на канабис, е дозволена за супер богатите, а за обичниот корисник, кој е дел од таа култура е средство преку кое државата и институциите вршат постојан терор.

Па нека не ви биде нејасно зошто Румена пишуваше за Павле, а не за Моника. Сепак Моника не е дел од нивното елитистичко и егоистично интелектуално друштво.

Еден закон за нив, друг за слугите!

Една правда за нив, друга за робовите!

Автор: Велковски Зоран, член на Централниот Комитет на Левица