Извештај за напредокот на членството кон Европската неолиберална унија на капиталот

Извештаите на Европската Комисија за напредокот за членство во ЕУ, за нашата либерална „експертска” јавност претставуваат екстерен испит за (не)исполнет успех. Авторитетот на оценувачот се смета за апсолутен, пред се’ поради неоспорното „знаење“ и „добродушност“ на ЕУ бирократите, просветлени од духот на европските „цивилизациски“ вредности.

Според т.н. Копенхашки критериуми од 1993, првиот предуслов за членство во Унијата е постоењето на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и заштита на малцинства. Вториот предуслов е постоењето на функционална пазарна економија. Постоењето на социјална држава и социјална прав(д)а се целосно отсутни во Копенхашките критериуми и не претставуваат цели кон кои би стремело евентуалното членство во ЕУ.

Извештајот за напредокот го одразува токму ова, па фокусот на европската бирократска и нашата „експертска” јавност е врз т.н. политички критериуми (борба против корупција, реформи во судството и јавната администрација, слободата на медиуми, испишани на 27 страни од извештајот). Далеку помало внимание се посветува на економските критериуми (6 страни). Меѓутоа, токму таму најјасно се одразува моментално владеачката идеологијата во самата Европска Унија. Таму можеме и да го лоцираме изворот на контрадикции, како помеѓу поединечните економски критериуми; така и помеѓу економските и политичките критериуми.  

Економски критериуми

Извештајот ги оценува како позитивни мерките на Владата за „фискална консолидација”, па дури и ја охрабрува да биде поамбициозна во доведување на јавните финансии во ред. Тоа всушност не значи ништо друго освен мерки на штедење кои најмногу ја погодуваат работничката класа. Во таа линија на пример, Извештајот ги оценува како позитивни пензиските реформи (кои вклучуваат мерки за зголемување на возрасната граница со цел полнење на државната каса на сметка на пензионерите) кои Владата (ќе) ги имплементира заедно со ММФ, Светската Банка и Европската Комисија.

Дополнително индикативно е и тоа што работничката класа се спомнува само прикриено и тоа секогаш во рамки на неолибералната терминологија на „пазарот на трудот“. Па така, Извештајот нe зборува за „невработеност” и „сиромаштија”, туку за структурни проблеми на пазарот на трудот, што всушност значи дека работната сила не е прилагодена на потребите на капиталот. Обратната страна од равенката, односно дека капиталот не е прилагоден за потребите на работната сила, не постои во Извештајот. Напротив, примерите како тие кога Владата користела социјални трансфери се оценети како „ризик за фискалната консолидација”. Дополнително,  структурата на јавно трошење е оценета како влошена, токму поради социјалните трансфери кои во 2018 изнесувале пола од целата вредност на јавниот трошок.  

Евидентно во Извештајот е и дека мерките како Приватизација и Реструктурирање на државното се оценуваат најпозитивно од страна на ЕУ бирократијата (страна 49). Па оттука негативно се бележи тоа што Владата „ја исклучила можноста за приватизација на ЕЛЕМ”. Од друга страна пак, „реструктурирањето” на „Тутунски Комбинат Прилеп”, како и приватизација на Еурокомпозит Прилеп, се ставаат во позитивна конотација. Во линија на целосното отсуство на работничката класа и социјалната правда од страниците на Извештајот, очекувано не постои споменување на човековите жртви на ваквите политики. (За потсетување, работниците на Еурокомпозит повеќепати штрајкуваа поради неисплатени плати, придонеси за пензиско осигурување и здравствено осигурување во период од 5 години.)

Понатаму, Извештајот не прави никаква поврзаност помеѓу, од една страна, мерките како „приватизација и реструктурирање” и неформалната економија од друга. Па така, само констатира дека неформалната економија, останува висока на околу 18% без притоа да спомене како токму неолибералните мерки кои ги поддржува самата ЕУ, во отсуство на државна економска стратегија, ја прават неформалната економија неизбежно прибежиште на работничката класа.  

Врска меѓу економски и политички критериуми

Иако во Извештајот јасно се поделени економските и политичките критериуми, во реалност тие се тесно поврзани и често во директна колизија помеѓу себе. Па така, токму економските политики кои ги поддржува Европската Комисија, всушност ги подриваат политичките критериуми како демократијата, владеење на правото, човековите права и заштита на малцинства. Во отсуство на економски права, демократијата, човековите права и владеењето на правото остануваат декларативни заложби достапни само за оние со доволна економска моќ за од нив да исползуваат некаква вредност.

На пример, Извештајот носталгично потсетува на периодот помеѓу 2012 и 2016 кога инвестициите растеле за 5%, дополнувајќи дека истите од 2017 се во пад и сеуште се немаат опоравено. Меѓутоа, не споменува што стоело позади тие инвестиции (како на пример странските текстилни инвестиции и продажбата на рудници во југоистокот)  и како истите своевремено беа во судир со владеењето на правото и демократијата.

Друга контрадикторност во Извештајот е тоа што се нотираат како негативни отсуството на „инвестиции во јавната инфраструктура”, меѓутоа од друга страна се оценува како позитивно намалувањето на фискалниот дефицит помеѓу 2015 и 2018 година, поради неимплементирањето на капитални инвестиции како на пример изградба на патишта.

Еден од најпривлечните аргументи за членство во Европската Унија е нејзиното асоцирање со економски благодет и слобода на движење. Меѓутоа, Извештајот на Комисијата го налага прашањето околу тоа за каков економски просперитет се залага ЕУ и кој ќе ги ужива придобивки од истиот. Доколку го прифатиме тврдењето дека ЕУ се залага за неолиберален економски систем, според кој човековата благосостојба најдобро може да се унапреди преку претприемачка активност во институционална рамка карактеризирана со некритична заштита на правата на приватна сопственост, слободните пазари и слободна трговија; тогаш, улогата на државата е сведена единствено на поддржувач на институционалната рамка која е соодветна со обезбедување на условите за слободната пазарна економија која неминовно генерира огромна класна раслоеност. Дополнително, задолжена е за приватизирање на јавното и државното, со цел проширање на опсегот на пазарната економија со создавањето на нови пазари, на штета на работничката класа, животната средина и целокупната социјална правда.