Малите човечиња од пештери кои го градат прогресот на оваа држава

Во својата колумна активистка од шарената револуција и писателка, очигледно навредена од “народниот суд” кој му се случи на Павле Богоевски, се потруди да го изрелативизира и оправда незадоволството од работата на Богоевски и општо, од целокупната некадарност на сегашната владејачка гарнитура. Па така во својата колумна, писателката и борец за човекови права, и истовремено борец за влез во злосторничкиот пакт НАТО (која контрадикторност!) не се поштеди да ги нарече сите искрени критичари на оваа и претходната власт, мали човечиња неизлезени од пештери.

Истите човечиња кои сѐ уште трпат притисоци од новата власт заради отворената критика, за разлика од големиот број критизери кои својот активизам го завршија со промената на ДПМНЕ и за кои единствено „животот дојде”. Мнозинството народ сѐ уште живее во истата мизерна состојба во која живееше под таканаречениот режим, сѐ уште умираат болни од сепса во здравството на Филипче и Ден Дончев, сѐ уште загадениот воздух полека нѐ убива, додека властите најавуваат луна паркови и ангажираат скапо платени анонимуси и шарлатани за советници.

Овие мали човечиња што макотрпно ја држат економијата на своите плеќи; што ги градат патиштата и се потат во логорите на странските инвеститори; кои ја облагодаруваат земјата и ја хранат оваа држава за нивната пот да заврши неисплатена од Владата на Павле Богоевски не можат да излезат подалеку од пештера со бедните 200 евра плата, за која оваа бизнис-ориентирана влада помпезно најавуваше дека ќе биде зголемена на 500 евра.

Овие мали човечиња мора да клукаат секојдневно дијазепами и хелекси (како што добро констатира писателката), затоа што оваа голгота и секојдневен терор не може да се издржи при здрав разум. Токму бранетиот Павле Богоевски има поголема одговорност за сите неуспеси на оваа власт, затоа што тој успешно изработи едно широко движење (кое после се претвори во скап шарен карневал)  да го амортизира и разводни, без да се дозволи наметнување радикален дискурс кој сериозно ќе го размонтира статус квото изградено заеднички од СДСМ и ДПМНЕ. Павле е директно одговорен што голем број искрени поединци кои се охрабрија да излезат да протестираат, сега повторно се резигнирани и разочарани од очигледниот факт дека биле искористени од машинеријата на НГО и тн интелектуалци кои (дебело платено) одбработуваат за власта.

Некоординираниот гнев и зајадливи коментари кон сите вакви квази интелектуалци и активисти, без никаков сенс за државни интереси, се најмалку што заслужиле од овој “мал народ” кој секојдневно се бори да преживее и опстане во колабираново и разграбено општество, макотрпно изградено од неплатениот труд на пештерските човечиња. И колку да се обидуваат да го спасат статус квото од неизбежниот распад ваквите скриени (и не толку скриени) апологети, гневот на малите човечиња кои го градат прогресот на оваа држава секојдневно расте, па неизбежен е народниот суд со кој ќе им пресудат на сите заслужни за голготата и пештерите во кои народот e принуден да живее додека ги гради нивните палати.