Роџер Вотерс повикува на бојкот на Евровизија

Апелот на Вотерс да се бојкотира Евровизија организирана од израелската држава доаѓа заради повеќедецениското кршење на основните човекови права на Палестинците во таа земја. Минатата година Вотерс беше помеѓу стотината артисти кои јавно повикаа да се бојкотира Израел како дестинација за одржување на културни настани, но секако Вотерс е долгогодишен адвокат за правата на Палестинците, како јавна фигура со силно влијание како уметник ценет од фелата и публиката.

Одекна апелот на Вотерс и на македонските медиуми, но се створи некако впечаток дека апелот е општо насочен кон неговите фанови и публиката, а апелот е всушност директно насочен кон финалистите на Евровизија, сите четириесет и еден, вклучувајќи го тука и нашиот кандидат – Тамара Тодевска. Прашањето е, колку Тамара би имала „слух” за апелот на Вотерс, кога знаеме дека учествуваше на НАТОфест како и во химната ЗА северна, кои се проекти и процеси кои исто така вршат кршење на основните човекови права на еден народ (во случајов на неа и се погоди да е за сопствениот, оној од кој и таа е дел).

Може со иронија да забележам дека за авторскиот и изведувачкиот тим што ќе оди оваа година на Евровизија во Израел дојде живот, ако ја земеме предвид баснословната сума на пари која се има намера да се потроши. Со истите пари, на пример, може да се купат музички инструменти за секое дете што учи основно училиште во државава, или за музичарите кои тоа не можат да си го дозволат (пример, уличните музичари, кои свират на стари инструменти). Меѓутоа, такво нешто, во овие социо-економски услови е невозможно. За истото да се случи, потребно е да се насочиме кон промена на социо-економскиот поредок, кон поставување на темелите на нов, социјалистички систем, кој не слугува на профитот, туку на работниот народ. Дотогаш останува да гледате манифестации организирани од фашистички земји и да гласате на теле-воутинг.

Автор: Зоран Велковски