Левица: Време е за коренити промени и во ЕУ и во Македонија.

Во целост ви го пренесуваме соопштението на политичката партија Левица по повод развојот на настаните околу влезот во ЕУ и НАТО.

„Голем отпор од нашите западноевропски пријатели за отпочнување преговорите со ЕУ, посебно од Франција и Холандија“ може да се прочита во делови од изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, дадена вчера за МИА по појадокот со Никола Димитров и Бујар Османи. Неговиот колега од Холандија, Стеф Блок, нè уверува дека во мај (кога ќе бидат објавени извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите од регионот) ќе бидеме оценувани „строго, но праведно“. 
И после сета жртва која се понесе со потпишувањето на Договорот од Преспа, сè уште отпочнувањето на преговорите со ЕУ останува надвор од нашиот дофат. Евентуалниот влез во Унијата е речиси недостижен во догледен период, ако се има во предвид владеењето на СДС и ДУИ со секојдневни криминални и корумпирани скандали.

Влезот во ЕУ, кој беше користен најбесрамно во кампањата за референдумот, сега полека испарува и ни остана само влезот во НАТО. Но, ако ја земеме во предвид изјавата на кандидатот за претседател на СДС, Стево Пендаровски, кој за хрватски „Јутарњи Лист“ изјави дека: – „Ако Србија и Косово разменат територии Македонија ќе биде колатерална штета“ – тогаш за која безбедност ние зборуваме? Остануваме без никаков бенефит, осиромашени за стотици милиони евра, со нашите војници распрскани по светот да се борат за туѓи интереси.

Нашето достоинство не е за продавање, доста е со понижувањата од разгалената европска бирократија. Денес кога подршката за ЕУ во државите-членки е на историско најниско ниво, кога го имавме Брегзит, нашите неспособни политичари ни ја нудат Европската унија како последен спас од катастрофалната ситуација до која самите нè донесоа. Никој од страна нема да ни помогне. Мораме прво да си помогнеме самите себе! Мораме посветено да работиме дома, а за тоа е потребно конечно расчистување со домашната олигархија и нивната политичка клиентела. Време е за коренити промени и во ЕУ и во Македонија.