Протестен Марш Против Рудникот Иловица-Штука

Во недела, со почеток во 14:30, ќе се оддржи протестен марш против рудникот Иловица-Штука. На својата ФБ страница, организаторите објавија две соопштенија за утрешниот протестен марш.


Ги информираме жителите на Општините Босилово и Ново Село, и на целиот струмички регион, дека Протестниот марш во недела на 24 март 2019 година има само една цел, а тоа е сопирање на рудникот на смртта Иловица-Штука. Никакви други заднини, ниту цели не не интересираат, освен да придонесеме за тоа. Протестниот марш е непартиски и надполитички, и е за доброто на сите жители од струмичко, без оглед на нивната политичка, верска, национална и друга припадност.

Ние, организаторите на Протестниот марш, сме млади луѓе, потекнуваме од најдиректно засегнатите села под рудникот, и чувствуваме одговорност, должност и желба да придонесеме во отпорот како автономен дел од севкупната граѓанска Иницијатива против рудникот на смртта. Политиката не не интересира, само бараме таа конечно да го сопре овој опасен проект, кој сите не загрозува. Воздухот е ист за сите нас.

Како најдиректно засегнати од опасноста, апелираме да се избегнат сите непотребни разлики и поделби, и што помасовно да присуствуваме на маршот, за да покажеме дека навистина не сакаме рудник. Сакаме да останеме на нашите родни огништа, во нашата убава струмичка котлина, и да придонесеме за вистински просперитет на нашиот регион.

ВО НЕДЕЛА ЗАЕДНО ПРОТИВ ЗАЕДНИЧКАТА ОПАСНОСТ!
СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!


Ги известуваме жителите на струмичките општини и јавноста дека нашиот Протестен марш во недела, на 24 март 2019, во Босилово, е целосно независен од било какви политичко-партиски и други влијанија. Нашата иницијатива „Младите од Штука-Иловица против рудникот на смртта“ е организатор и одговорен субјект за настанот, и нема да дозволиме никакви обиди за политичко или друг вид профитирање на сметка на Протестниот марш. Ние директно потекнуваме од селата кои се најнепосредно загрозени од рудникот на смртта и нашите сожители бараат од нас да не дозволиме никакви злоупотреби, бидејќи оваа борба е заедничка на сите и никој нема право да се обидува да го користи протестот за тесногради цели. Така и ќе биде.

Ве повикуваме сите вас, освестени и одговорни граѓани од целиот струмички регион, да присуствувате на Маршот како слободни и свесни луѓе, без никакви предрасуди или сомнежи дека некој партиски или на друг начин ќе го злоупотреби вашето присуство. Тоа не е можно, бидејќи со нас и во нас ќе биде само чистата борба и желба конечно да ја сопреме заедничаката опасност – рудникот на смртта Иловица-Штука!

#ЗаедноДаГоСопремеЗаедничкотоЗлo!