Крум Велков: Не потклекнуваме пред заканите за тужби на Еуромакс!
Реакција на Крум Велков, активист против рудниците на смртта.
ДЕЛУМЕН ОДГОВОР
(до „Еуромакс Рисорсис“ и „Колемишевски и партнери“
Во врска со барањето за извинување и опомена пред тужба имав првична намера да им одговорам само со 5-6 соодветни збора, но заради луѓето кои изразија поддршка, заради јавноста, како и заради кредибилитетот на целокупниот отпор против рудниците на смртта, сепак ќе одговорам со неколку општи назнаки. Одговорот е делумен, бидејќи е општ и само за цитатите наведени во Барањето. Главното ќе го чувам за на суд.
1. Во врска со првиот цитат од текстот „КРАЈ ИЛИ ПОЧЕТОК НА РУДНИКОТ НА СМРТТА“, (види мој претходен пост) ги упатувам адвокатите од „Колемишевски и партнери“да истражуваат и да ја проверат ситуацијата на берзата на која „котира“ нивниот клиент, со пад на акциите од 600% во последните месеци. Сами да се потрудат и да најдат, ако можат, нема јас да им вршам услуги. Исто, да си најдат податоци за јавниот и моралниот кредибилитет на двата главни акционери на Еуромакс, Трафигура и ЕБРД во врска со екологијата. (Трафигура, имено, исплати најголемо обештетување во историјата, затоа што криеше дека истоварила отровен отпад во Африка од кој умреа многу луѓе, а уште повеќе се разболеа. Претходно, тие исто така се обидоа да заплашуваат новинари и активисти со судски процеси). Потоа, адвокатите да си најдат какво соопштение објави нивниот клиент деновиве, што се случило, за какви финансиски проблеми и за какво кратење на трошоците станува збор. И зошто сето тоа, ако можат да разберат. Ако не можат, јас детално ќе им образложам на евентуално судење. Meѓу другото и тоа зошто се во „условен банкрот“ и зошто се „раскринкани на меѓународно ниво“.
Во врска со пресметката на бројките за количината јаловина и прашина – исто пред судот. Од Барањето произлегува дека должам извинување, но не до Еуромакс, туку до граѓаните, затоа што евентуално сум ја смалил опасноста од рудникот, бидејќи е напишано дека годишно ќе се ископуваат 30 милиони тони јаловина, а вистината да ти била 59,6 милиони! Pardon. Исто, пред судот ќе се најдат и бројките за тоа колку површина шума неповратно ќе биде исечена. Еуромакс тврдат (а тие многу често ја прикриваат вистината) дека ќе сечеле 750 хектари, додека концесискиот простор им е околу 1300 хектари. На остатокот што ќе прават? Ќе одгледуваат верверици и гуштери?
Во врска со користењето на водата од хидроакумулацијата Турија, дечки од „Колемишевски и партнери“, да си проверите во студиите и плановите на вашиот клиент за тоа од каде би користеле огромни количини вода за рудникот, нели нема јас бесплатно да ви укажувам. (Овде има добар повод за контратужба, патем). Ние тврдиме дека се „опасни измамници“ затоа што со години од јавноста ги криеја опасностите од рудникот, најголемата брана на светот, цијанидот, загадувањето…Кога ги проваливме, почнаа да тврдат дека цијанидот не бил опасен. Потоа, соочени со фактите, почнаа да тврдат дека немало да користат цијанид, дека всушност немало ништо опасно од рудникот и дека, богами, ќе развивале органско земјоделство. Да им веруваме на такви луѓе? Вие, дечки, знаете ли што е Г-1 тешка загадувачка индустрија, како прво и основно? Вашите клиенти спаѓаат во таа категорија, ви го кажале ли тоа? Знаете ли што е екологија, еко-активизам? Знаете ли што е „заспан ѕвер“, кој се буди од почвата при секое ископување бакар и злато? Знаете ли за медицински испитувања за тешките метали. Не? Ќе ви објасниме детално на суд.
2. Во врска со вториот цитат, од текстот „НОВО СТАРО СЦЕНАРИО ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА?“, од Барањето произлегува дека „Колемишевци“, заедно со Еуромакс, ќе ги штителе жителите на Иловица и Штука баш од мене, оти сум ги навредил. Види, интересна работа. Па, на евентуално судење токму жители на Иловица и Штука ќе им објаснат некои работи за тоа што правеле претставници на компанијата таму последниве години. Што се однесува за „саламата и кашкавалот“, видете тоа со Пи-Арот на Еуромакс, тие се занимаваат со односните продукти. Нека ви објаснат што организираа во хотел Сириус неодамна и како се обидуваа евтино да ги манипулираат луѓето. На пример, постојат сведоци кои тврдат дека биле измамени така што биле поканети на наводна промоција на книга, а всушност целта била физички да се соберат што повеќе луѓе на „коктел“ на Еуромакс, за во јавноста да се манипулира дека граѓаните се ЗА рудник. И такви сведоци ќе ви дојдат на суд.
3. Во врска со третиот цитат, од текстот „ЕДНОГЛАСНО, ГРОМОГЛАСНО“, прво да кажам дека јас не сум народот, уште помалку сум го повикал да удира ќотек, но сум укажал, всушност, дека револтот на народот од тоа што го прави Еуромакс Рисорсис е толкав, што може да дојде до немили настани во случај на отворање на рудникот, бидејќи тој егзистенцијално ќе ги загрози сите жители. И порано сум предупредувал и сум ја повикувал владата да стави крај на ова. Тоа нема да зависи ниту од мене ниту од кој било друг активист. Во друг текст, на пример, сум кажал вакво нешто: „Имено, ние од организираниот отпор, всушност, имаме проблем да ги одвраќаме и задржуваме оние жители на струмичко кои се целосно свесни за злото на рудникот, а кои се подготвени за екстремни мерки, со цел да се заштитат себеси и своите потомци. Како што стојат работите, веќе нема да можеме да влијаеме врз нивната решеност…“ Најдете си сами во кој текст сум го напишал тоа. Сакам да предупредам уште еднаш: веќе две години сум постојано во контакт со народот, лутината е голема. Одоговорноста за евентуални несакани последици ќе ја имаат Еуромакс, тие што ги застапуваат и оние што евентуално би им издале дозвола за работа. Натаму, ликовите што се спомнати никој не ги „бележал“, туку сами се бележале во текот на овие две години со своите „активности“. Народот само ги „оверил“ како такви, па сме ги дознале и ние. Инаку, за некои од нив постојат архивирани статуси и коментари во кои гнасно и подмолно клеветат нашите активисти. Подетално би елаборирале на судење, се разбира.
Ова е само мала, незначителна генерална назнака во врска со конкретните обвинувања. На суд би излегле и многу други нешта, вклучително и некои суптилни и не толку суптилни притисоци од ланските референдуми. Вклучително и коруптивни работи. Сте поднеле барање за извинување и до уште двајца други активисти, Милена Зафирова и Стојан Велков, тие се членови на Здрава Котлина. Некаде паднала наредба: Удрете по активистите! Во ред, обидете се, повелете тужете. Знаете, постојат тужби, но постојат и контратужби и обештетувања. Постои и јавност и народ кој, ве уверувам , е решен до крај да се бори против рудникот на смртта, бидејќи нема избор. Вие од адвокатската канцеларија би тужеле за пари, но очигледно не сте свесни дека отпорот на Југоистокот ве штити и вас и вашите деца; немате поим што се случува овде и што би се случило ако рудникот проработи; не знаете ли дека отровните ПМ 2,5 честички со смртоносни сулфати ќе ви долетаат во огромни колични и до Скопје и ќе ви се пикнат во задниците? Сигурни ли сте дека знаете што прави вашиот клиент овде и дека нема да бидете прилично изненадени на судењето?
Ви ветувам дека сѐ ќе биде јавно. По потреба и пред меѓународни судови. Да имаше причина за извинување, ќе го направев тоа веднаш, но нема. Стојам зад сѐ што сум напишал и на мојот профил и на страницата на Здрава Котлина додека пишував таму. Вакви подметнувања и неправди едноставно не поднесувам. Еуромакс Рисорсис ќе си одат од тука, релативно брзо. На средбата со премиерот во Иловица, тие ја увидоа громогласната и непоколеблива решеност на жителите на селата против рудникот. За нас добро знаат дека нема да отстапиме, затоа и овие закани со тужби се последен маневар и обид да го дискредитираат и урнат отпорот и да посеат страв. Тоа, како и многупати досега, ќе се покаже контрапродуктивно за нив.
Имајќи го предвид сето ова, вам од Еуромакс Рисорсис би ви го кажал следново: Да ви се извинувам вам би бил гест на немање чест, достоинство и принципи. Би го загрозило и кредибилитетот на отпорот против рудникот, што е ваша цел. Би било тоа плукање врз вистината за егзистенцијалната закана по иднината на целиот регион. Вие и вашиот рудник нѐ загрозувате сите нас со еко-геноцид. Вие очекувате кротко да го испиеме отровот што ни го подготвувате со рудникот и згора да ви се извиниме? Па, вие мора да сте луди! На судскиот процес прво што ќе барам ќе биде психијатриско вештачење за сите вас од менаџментот. Вие треба да се извините на граѓаните за сите манипулации и за дестабилизацијата што ја предизвикувате. Вие сте потенцијални гробари на Струмичката Котлина. Вие докажано ги прикривавте и ги прикривате реалните погубни последици од рудникот. Затоа сте опасни измамници. Вие навистина на знаете каков револт имате предизвикано овде и треба да сте ни благодарни токму нам од отпорот што досега немало инциденти. Сѐ што имам да ви кажам е дека и јас и сите од отпорот на Југоистокот, заедно со народот, ќе ве испратиме од струмичко и од Македонија засекогаш, без да си ги валкаме рацете со насилство. Елегантно ќе биде, но неумоливо. Профит овде нема да видите. Само ќе банкротирате.
Следствено, единственото извинување што го должам е до граѓаните на Југоистокот и до јавноста, затоа што евентуално не сум успеал уште посилно и подраматично да укажам каква смртна опасност демне од рудникот Иловица-Штука и на што сѐ се подготвени бескрупулозните профитери. Ве молам, извинете, драги сограѓани и соселани. По потреба, ќе се потрудам повеќе.
СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!