Милена Зафирова: Извините Еуромакс, ама рудници нема да има!

Ја пренесуваме во целост реакцијата на Милена Зафирова, активист против рудниците на смртта, во однос на најавените тужби од страна на Еуромакс.

ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ ДО ЕУРОМАКС РИСОРСИС

Почитувани другари, поддржувачи, истомисленици и соборци,
Вчера сабајле ме разбуди една многу интересна пратка. Имено станува збор за опомена пред тужба од Компанијата Еуромакс Рисорсис за наводна навреда и ‘нанесена огромна штета на угледот на истоимената компанија’ . Понатаму во текстот стои, казната ќе била намалена доколку сум ја признаела мојата ‘клевета’ и јавно сум се извинила за неа. Во тој контекст:

Јас, Милена Зафирова со сите мои несовршености (понекогаш и со остриот јазик, а сум олицетворение на самата таа Природа за која се борам) – ЈАВНО И’ СЕ ИЗВИНУВАМ на компанијата ‘Еуромакс Рисорсис’ што ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ ќе се борам за заштита на Природата! Јавно СЕ ИЗВИНУВАМ за големите чувства и љубовта кон моето огниште! СЕ ИЗВИНУВАМ што СЕ БОРАМ ЗА зачувување на ВОЗДУХОТ кој го дишеме и јас и моите сожители. СЕ ИЗВИНУВАМ што НЕ ПОПУШТАМ и одбивам да живеам под монструозниот проект со висок ризик – најголемото хидројаловиште на земјината топка со висина од 276 метри!

СЕ ИЗВИНУВАМ што не потклекнувам и покрај сите притисоци, клевети и секако ОБИДИ за нарушување (и) на мојот интегритет и углед (само што она што е вистинско – не може да се уништи со фб-пост или со маалски муабети пред кооперации. Всушност вистинскиот углед и искреноста кај човек не се уништуваат туку така, – тоа може да се случи едино доколку нешто е дискутабилно и контрадикторно само по себе).

СЕ ИЗВИНУВАМ што одбивам свесно да правам будала од себе и да верувам дека Г1 тешка и загадувачка индустрија може во исто време да биде и Гринфилд Проект. (струмичани овој муабет можат да ви го простат само една ноќ во годината – тоа е Струмичкиот Карневал. 😉 СЕ ИЗВИНУВАМ што покрај шумата, водите, воздухот, домовите, имотите пробувате да ни го одземете и единственото достоинствено нешто кое ни’ беше останато во оваа Земја, а тоа е СЛОБОДАТА НА ГОВОР. (Замислете ја, ве молам, слободата на говор тек доколку дозволиме да се отвори проклетиот рудник и тогаш кога дојденците – профитери ќе пуштат корени во овој крај. Интересно ќе биде, чинам.) СЕ ИЗВИНУВАМ што се имам родено на ова прекрасно парче природа со проклетото злато во карпите. Може да бидам угнетувана, исмејувана, затварана дури и ликвидирана – но се” тоа попусто бидејќи ‘семето’ за заштита на она ВРЕДНОТО е засадено во луѓето, посебно во младите луѓе, нашата иднина… 

Понатаму, СЕ ИЗВИНУВАМ за целиот бес кој го чувствувам во себе. СЕ ИЗВИНУВАМ за чувството на вина кое го имам секоја вечер кога одам на спиење; – се извинувам за бројните неспиени ноќи од грижа во кое ми се појавуваат цифрите од вашите студии и можните сценарија кои би уништиле се’ што сме граделе и стварале тука со ОГРОМНА ЉУБОВ.
СЕ ИЗВИНУВАМ што при секој земјотрес или мал потрес ми заигрува срцето и стиснувам заби при помислата на она што сакате да ни го направите тука. СЕ ИЗВИНУВАМ што ми се бунтува духот кога станува збор за нашето опстојување и за опстанокот на бројни чесни и трудољубиви луѓе кои ги знам од дете и ГИ САКАМ. СЕ ИЗВИНУВАМ што во Вашите студии нема изработено такво сценарио, што би се случило во случај на хаварија. ЧЕСНО е луѓето кои живеат овде и луѓето кои ќе донесат одлука за потенцијално одобрување или одземање на концесијата да знаат и што губат. Во тој контекст – текстот кој го напишав како компарација со хаваријата која се случи во Брумадињо во Бразил а со наслов – „СЕ ГУБИ НАДЕЖТА ЗА ИСЧЕЗНАТИТЕ РУДАРИ ВО МАКЕДОНИЈА” претставува мој субјективен текст –есеј, за тоа што би можело да се случи доколку се случи таква хаварија со потенцијалната брана на хидројаловиште, буквално на 500 – 600 метри од мојата куќа во Иловица. Пошто концесионерот нема направено анализи и нема опишано сценарио во нивните студии за таква хаварија – останува на народот да стравува и да го изразува својот револт и загриженост преку вакви есеи. Треба да сфатите дека сите ние се чувствуваме во животна опасност и ваквите писанија и бес со самото тоа претставуваат нормална појава. Инаку, името на концесионерот беше отстрането од објавата уште вториот ден после објавувањето. И мислам дека повеќе од очигледно е дека се работи за имагинација и слободна интерпретација на авторот во завршните реченици: “Оваа вест која одекна во сите светски медиуми можеше да биде и приказна за нас самите.” (Што воопшто не е лага, бтв.) и “P.S. Сите сличности со ппстоечки личности или настани се сосема случајни, освен оние кои не се.”

Иначе за платата на Гокул веќе имам референци. И, на едно место во текстот имам спомнато “…кучињата на Еуромакс” – мислејќи на аморалните луѓе кои се решени во име на профитот да погазат се’ што е природа и татковина – во овој случај, ја користам приликата да му се ИЗВИНАМ на секое едно куче во светот и воопшто на ЦЕЛИОТ КУЧЕШКИ РОД (канини) што ги имам вметнато во таков контекст. Не се шегувам, најискрено и најпонизно им СЕ ИЗВИНУВАМ!Како што имам кажано во повеќе наврати, коските на нашите дедовци, прадедовци, чичковци, многу коски на најмили луѓе лежат горе на светиот рид над Иловица и Штука. (Такви свети места имаат и луѓето од останатите села.) Тие луѓе, чии останки почиваат таму, живееле ОД ПРИРОДАТА и во прекрасна хармонија СО истата таа ПРИРОДА. Денес нивните коски, неизбежно се ДЕЛ од ПРИРОДАТА за која толку ревносно се бориме да ја зачуваме – ТАМУ НЕМА МЕСТО ЗА ОТРОВИ и експериментални објекти со висок ризик! Кога велиме дека ова парче Земја за нас е свето, мислиме, меѓудругото и на овој момент и никаква тужба и никакви закани нема да го сменат тоа – напротив прави да се бориме уште пожестоко бидејќи сите ние сме ЉУБИТЕЛ НА ПРАВДА. И да, едвај чекам да се сретнеме во КУЌАТА НА ПРАВДАТА и да зборуваме за цифри од вашите студии, хаварии, објекти од висок ризик и Г1 тешка и загадувачка индустрија, едвај чекам да зборуваме за транспарентност, јавни расправи, нанесена штета, нанесен страв, плати и сл. – веќе собирам референци, ве уверувам многу ќе биде забавно! Иначе ја разгледуваме опцијата и за противтужба или колективна тужба на концесионерот.

Инаку, растена и воспитана сум со филозофија – СТОИЧКИ. (Во овој контекст претпоставувам ќе чекате извинување и од моите родители кои ме воспитале да грмам пред неправдата и да се борам за се’ што ми е свето и да останам верна на ЧОВЕКОТ во мене). Доколку мислевте дека со оваа опомена пред тужба па дури и можна тужба ќе ме исплашите – сте се за$*але. За оваа КАУЗА – заштита на природата и општото добро и во оваа ИСКРЕНА БОРБА која извира од најголемите длабочини на мојата душа ОДЛУЧНА сум да одам ДО КРАЈ, без разлика дали станува збор за мојот КРАЈ или ВАШИОТ КРАЈ. Во стилот на Столе, – Јас сум воин на светлината, нема да бидам ниту прва ниту последна која трпи штета борејќи се на страната на Правдата. Јас не сум против рудници, јас сум против рудник во најземјоделскиот регион на Македонија. Им се извинувам на гореспоменатите субјекти дека Македонија е мала земја и нема простор да ја претворат во рударска колонија.

Простете но нема да ме замолчите! Ова ви е очајнички обид да не’ казните и да го заплашите народот, -ИЗВИНЕТЕ ама многу бедно од ваша страна, ПАДНАА МАСКИТЕ – “Nothing personal”. A празната лицемерна флоскула “…ги охрабруваме граѓанските здруженија”… Да не беше трагично, ќе беше комично. НЕМА ДВЕ ВИСТИНИ – и не можете да ја сокриете вистината со прст – исто како што не можете да го сокриете сонцето – и покрај вашиот прст – тоа пак ќе свети. Вистината е една и таа веќе стигна до луѓето. 98 % не ве сакаат тука, 50% од нив решени се да ве бркаат со вили и стапови. Јасно ви е колку е саатот? До кога ќе им молчите луѓе? Еден познат писател рекол: “Не страда светот поради злобата на лошите луѓе – туку поради молкот на добрите.” За крај, би цитирала една млада девојка –Софи Шол, која го има дадено животот борејќи се за виша кауза, нејзините последни зборови пред да ја носат на ѓилотина биле:
“Вистинската штета доаѓа од милионите луѓе кои сакаат само да “преживеат”. Од чесните луѓе кои сакаат само да бидат оставени на мира. Оние кои не сакаат нивните мали животи да бидат вознемирени од нешто поголемо. Оние кои не заземаат страни и кои немаат каузи. Оние кои не сакаат да направат бучава – или непријатели. Оние за кои слободата, честа, вистината и принципите се само празни зборови. Оние кои живеат површно, се дружат површно, умираат површно. Тоа е редукционистички пристап кон животот: колку е помал сопствениот живот, толку е полесен за контролирање. Ако не направите бучава, вампирот нема да ве пронајде. Но, сето тоа е илузија, бидејќи и тие умираат, оние луѓе кои ги завиткуваат своите души во мали, ситни топчиња за да бидат безбедни. Безбедни?! Од што? Животот е секогаш на работ на смртта; тесните улици водат до истото место како и широките патишта. И мала свеќа ќе догори исто како и огнен факел. И јас го избрав својот начин на кој ќе горам.”

Во стилот на Шол, – и јас го избрав начинот на кој “ќе горам” – знам дека не сум сама и дека ве има многу такви – воини на светлината – достоинствени и чесни луѓе кои “ќе горат” со мене наспроти оние кои се решени да ставаат “дрвја на кладата”! Голем број од моите пријатели и другари одамна се иселија во странство во потрага по достоинствен и скромен живот ( бтв. тие луѓе не се мегаломани, напротив скромни се. ). Сега се прашувам дали ние ЧЕСНИТЕ и доблесни луѓе кои (сеуште) сизифовски држиме до ова парче земја и со сите прсти пробуваме да ги затнеме дупките на бродот кој тоне – ќе не’ осудувате. Жал ми е што ќе го кажам ова, ама се чувствувам УГНЕТЕНО во сопствената земја која треба да ја чувствувам како МАЈКА а не маќеа, ми ги земавте крилјата, направивте луѓето да молат во партија за работа (без разлика дали имаат 16 страни CV, дали се академски граѓани или квалификувани обични луѓе, занаетчии, мајстори во своето поле ), пробувате да ни го срушите светот на глава со проклетите рудниците и да не лишите од ОСНОВНИТЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА, правото на коегзистирање со природата, водата, чистиот воздух, а со последниот потег – дури и слободата на говор. Сфатете, ние веќе немаме што да изгубиме.

Уште ова. Неодамна работев една благородна работа – пожарникар на еден интересен прекуокеански проект, имав чест да разговарам со еден многу интересен образован човек од Полска, кој несакајќи да се лигави кај властите во Полска и да моли за работно место – монтираше плочки таму. Зборувајќи за рестрикциите ми кажа – тие можат да ни наметнуваат колку сакаат рестрикции и правила и да не’ осудуваат – наше е да ги одбиеме, доколку си ќутиме, нема да забележиме кога не оковале и од ДОСТОИНСТВЕНИ ЛУЃЕ направиле РОБОВИ. Доколку некој ме казни за моите ЕМОЦИИ, за љубовта кон природата и бесот кон тие што се спремни да ја уништат за миг за да остварат профит – ќе ја признаам вината и ќе одговарам согласно законите. Само пред да зборуваме за “нарушување на углед” може ли да поставам едно реторичко прашање. Имено – Може ли да се наруши углед на Компанија која воопшто не ужива ама баш НИКАКОВ углед меѓу населението овде ( Угледот во моментов ви е -20 ) и мислам дека виновниците треба да ги барате во огледало. Бидејќи, додека не се побунивме – пробавте да ни протуркате илјадници тони отрови на мала врата. (Имам референци од вашите студии*) Додека не се побунивме –решени бевте да ни ја протуркате најголемата хидројаловишна брана во светот БЕЗ ГЕОМЕМБРАНА. (*Имам референци). Ако не се буниме – решени сте да го градите најголемото експериментално хидројаловиште на земјината топка. Простете, но СИТЕ НИЕ кои со векови живееме во струмичко, не сме бројки од нечија профитерска студија, сите ние сме ЛУЃЕ, – секој прикаска за себе, НО – ЧЕСНИ, ДОСТОИНСТВЕНИ, ВИСОКО МОРАЛНИ БИТИЈА кои нема да ви молчат пред она што сакате да ни го направите (свесно или несвесно*, не е мое да судам.) постојат судии, правници, но најстрашниот суд е Божјиот. 
За крај господо, да сумираме – за вашиот ‘нарушен углед’ – криви сте си вие самите, на лагата и’ се кратки нозете другари, колку наивно и да звучи. А за “некаков углед” може да зборувате само во некој паралелен универзум на некоја “собиранка со салама и кашкавал”. (ЈАВНО ВИ СЕ ИЗВИНУВАМ, ама поголемо е од мене -не можам да одолеам а да не ги спомнам ). За крај, НАЈГОЛЕМО ИЗВИНУВАЊЕ од голем број на струмичани и граѓани од Југоистокот – ама РУДНИК НАД ИЛОВИЦА И ШТУКА НЕМА ДА ИМА‼️