Идентитетска шизофренија како производ на Преспанскиот договор

Автор: Иво Босилков

Противниците на договорот од Преспа тврдат дека новото име ќе значи и промена на идентитетот во Северномакедонци, додека неговите поддржувачи се убедени дека идентитетот како Македонци ќе опстои и без да извира од државното име. Што ако и двете теории се во право: наместо да преовладее едно од двете сценарија, и двете ќе се одвиваат паралелно, како две гранки од едно дрво?

Ироничното е тоа што и двете страни се согласуваат дека одомаќинување на претставката “северно” би било најпоразително за нацијата, но всушност последново сценарио на “разидување” би било најстрашно. Имено, ако не се справиме со заканата од внатрешната – интрамакедонска – поделба, воопшто нема да имаме држава за истата да влезе во Европската Унија. Промената на името има потенцијал да биде трагична, не поради самата себе, туку поради двете дијаметрално спротивни интерпретации на тоа што таа значи; интерпретации кои резултираат со незапирливо раздвојување на македонското национално ткиво и идентитетска шизофренија.

(Токму затоа беше огромна грешка да се игнорира референдум чиј резултат не е недвосмислен [како на пример тој од 1991] и подлежи на интерпретации. Референдум служи за потврда на јавниот консензус за клучните прашања, не за продлабочување на јазот.)

Појдовната премиса на аргументот е следната: сите оние кои го поддржуваат Преспанскиот договор знаат дека правото да ја именуваме државата онака како што сме одлучиле е жртвувано во име на просперитетна иднина. Апсолутно никој не би се согласил дека името треба да се промени само по себе, туку дека е неопходната валута во трговската размена за влез во евроатлантските сојузи. Тоа е барем неспорно и околу тоа сите се согласуваме.

Да претпоставиме дека сите прашања околу влезот во евроатлантските сојузи (од типот кога, и колку навистина ќе ја поттурнат државата да профункционира) ќе имаат најповолен можен одговор. Ќе влеземе во ЕУ и НАТО набрзо, и тоа ќе биде катализаторот за трансформација на општеството. Проблемот е што со дури и со сето ова, максимумот кој можат да ни го обезбедат ЕУ и НАТО е токму тоа, да бидат катализатор. Движечката сила за развој е самиот народ, со партиципацијата во социополитичките и економски процеси внатре во државата, овозможена од вертикалната доверба во институциите, но и хоризонталната доверба во сонародниците.

Ако вертикалната доверба е веќе фикција, со корумпираноста и некомпетентноста на владата, тогаш ако колабира и хоризонталната, државата ќе изгуби секаква смисла. Ако меѓу овој народ се исправи непремостлива разлика околу самото значење на неговата припадност кон политичкиот ентитет кој го претставува државата, тогаш евроатлантските интеграции ќе бидат од речиси никакво значење. Кога една половина од мнозинската етничка заедница воопшто не ја чувствува “Северна Македонија” како своја држава, а другата половина воопшто не се потресува за чувствата на првата половина, имаме совршен рецепт за алиенација и фрагментација на она што во суштина ја конституира државата.

И ова е повторно во најдобар случај. Во најлошиот, овие две фракции ќе се движат кон конфронтација, која неизбежно ја произведува анимусот присутен во симболичниот дел од политиката. Последново е силно изразено во ера на идентитетска политика, во која дистинкцијата меѓу државите нации е основата на меѓународниот поредок, а дискурсивната хегемонија која ја храни таа дистинкција е дополнително зацврстена од сеприсутните медиумски технологии.

Без академски жаргон – кога целиот свет е базиран на посебноста на нациите, а таа посебност потекнува од припадноста кон државите, насилното сечење на тоа врска може да има катастрофални последици. Либералните критичари ќе кажат “поистоветувањето на нацијата и државата е мотивирано од идејата за сопственост на македонската држава, што имплицира желба за доминација врз Албанците”, но тоа е слаба рационализација на соучеството во интрамакедонската поделба. Не се Албанците тие што им пречи името Македонија, и еднаквоста со Албанците нема да се постигне со промена на името. На крајот на краиштата, Албанците се бореа рамо до рамо со Македонците против фашистичкиот окупатор, и се подеднакво заслужни за реализацијата на Социјалистичка Република Македонија низ АСНОМ.

Македонија во моментов е експериментална лабораторија во која силите ги одмеруваат двете глобални конкурентни политички визии: космополитизмот и национализмот. Проблемот е што во нашиот случај (за разлика од реалниот “неекспериментален” контекст во Европа), космополитизмот е радикален, додека национализмот (со исклучок на ксенофобните десничарски елементи) е банален и бениген. Впрочем, космополитизмот кај нас добива радикални размери баш поради таквиот карактер на нашиот национализам; добро познатата негативна конотација на поимот на овие простори создава ирационален инстинкт за дистанцирање од него по секоја цена, со цел да се демонстрира сопствената доблест. А како најдобро би се докажал сопствениот космополитизам, ако не преку подготвеноста да се жртвува името?

Сепак, колку и да звучи примамлива идејата токму ние Македонците да бидеме пионери во светот каде нацијата е референтна точка, мудро осознавајќи ја големата вистина дека сето ова е обичен социјален конструкт, тоа би го направиле тоа на сопствена штета, бидејќи ниту најпрогресивните општества се уште не се зрели за такво размислување. Еднаквоста во индивидуална смисла се уште не може да биде замена за колективната еднаквост во светот на нациите. Себереализацијата се уште не може да биде замена за колективното достоинство. Слободата на движење не може да биде замена за суверенитетот.

Токму затоа и популистичките движења кои ја употребуваат оваа логика мораат да бидат сфатени сериозно, како легитимен израз на демократијата, а не исклучиво како конзервативизам и страв од промени. Светот еволуира, но прескокнувањето на постепените чекори во таа еволуција може да резултира со насилство, чие избегнување е највисокиот приоритет на политиката. Ако поделбата на предавници и патриоти која ја зачна диктаторот Никола Груевски прерасне во поделба на “вистински Македонци” и “Северџани”, тогаш наместо интеграција во ЕУ, ќе ни се случи дезинтеграција во МК, и тоа насилна, затоа што новите бариери меѓу “нас” и “нив” ќе се поклопуваат со конвенционалните дефиниции на теоријата на социјален идентитет на Хенри Тајфел.

Бенедикт Андерсон ја нарекува нацијата “имагинарна заедница”, затоа што без разлика на класната нееднаквост и експлоатација, нацијата е секогаш концепирана како длабока хоризонтална задруга. Крајно време е прогресивните космополити да разберат дека “одбраната на името” не е заснована на примордијалната врска со македонизмот, како што тврдат националшовинистите, туку единствено на потребата за национална кохезија, без која евроатлантските интеграции се бесмислени. Затоа што наскоро може да биде предоцна, ако веќе не е. Како пример може да послужи Брегзит, каде исто така конфликтот меѓу проевропските космополити и патриотите-суверенисти предизвикува огромни тензии. Може ли да се замисли како би било таму ако некој им наложи да го сменат името за атер на Европската Унија?

Алексис Ципрас знае да каже дека Македонија не е само една и грчка (на огромно задоволство на либералната клика во државава, слично како и со коментарот за Мирка Гинева, иако барем половина од нив не слушнале во животот за неа). Киро Глигоров пак, велеше дека Македонија е се што имаме. Да беше жив, ќе ја сметаше промената на нејзиното име за срам и жалост, за сведоштво на една историска неправда без преседан. Но верувам и ќе додадеше: срамот и жалоста не смеат да станат трагедија. Ако не ги вложиме сите напори да ја деполаризираме врската со оние од спротивниот табор (како што пишував неодамна во колумна за Республика), можеме многу лесно и оваа Македонија да ја изгубиме. И онака се премногу Македонии за и оваа да ја поделиме.