АктуелноЛокално

02 иницијатива: Владата носи закони во корист на градежните моќници

Реакција на „О2 Иницијатива”.

„Согласно законите“ или како новиот Предлог-Закон за просторно и урбанистичко планирање ги продолжува и надградува лошите пракси за кои чекавме и толку многу се надевавме дека ќе запрат

Омилената реченица на претходната власт, стана непишано правило на новата, која ветуваше и промени и живот, но какви? Промени и да има, се прашуваме колку се тие во корист на граѓанинот, поточно – на јавното добро пред личното. Во областа на Урбанизмот некои големи подобрувања и по 2 години нема, барем не толкави колку што беа ветувани. Зградите повторно никнуваат на атрактивни, примамливи локации, се продава државно земјиште по багателни цени и сè е согласно уредби, закони или покриено со немање ингеренции, можности итн. И тоа што до некаде има мораториум и стопирање на градежни активности е дело на граѓански активизам, но до кога?

⛔️ Не е проблем што немаме веќе доволно зеленило, немаме воздух, туку проблем е што градежните компании кои имаа огромни профити изминатата година заради стопирање на ДУПa и неможност да градат на „примамливи“ локации сега имаат намален профит.

Казни, одговорности за незаконските узурпирања на јавното добро, за исчезнатите паркови и зеленила, нема. Напротив, пред неполн месец Градежната комора на Македонија во паника бара од Министерството за транспорт и врски да најде начин и да го “заобиколи” мораториумот во Центар и укинатите ДУПови во Карпош за да продолжат со градење и бара во најбрз можен рок да се донесат новите Закони за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење (доборо познати на Градежната комора, зошто била консултирана во тек на изготвување на овие закони) со кои „ќе се реши најголемиот проблем од изминатава година блокирање на веќе донесените ДУПови“.

Токму тие два закони се оние кои во рок од 10 години (2006 до 2016) претрпеле 13 измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање, а 25 пати на Законот за градење. Нормално секогаш тие промени оделе во прилог и на барање на инвеститорите, а резултатите ги гледаме секојдневно.

Ние направивме анализа на новиот Предлог-Закон за просторно и урбанистичко планирање, за да видиме како тоа “ќе се реши” проблемот со укинатите/блокирани ДУПа, како што ги увери и министерот Goran Sugareski сопствениците на градежните фирми кои сакаат да градат во Центар и Карпош. Имаме голем број забелешки кои ќе ги доставиме до институциите, но тоа што сакаме да го потенцираме се неколку ФРАПАНТНИ работи за нас.

✔️ Во Јули 2017 година Уставен суд на Р. Македонија носи Одлука со која е СЕ УКИНУВА член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, http://ustavensud.mk/?p=11708. Членот 50 се однесува на Урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес, кои се тие градби и по каков критериум, не е дефинирано, за тоа одлучуваше Владата на Р. Македонија и за таквите градби јавноста не се прашуваше и не беше вклучена во нивното изготвување. Поради овие причини овој член и се укина од Уставниот суд.

❌ Токму кога мислевме дека тоа е позади нас, во новиот Предлог-Законо сега имаме нова категорија: Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење. Тука спаѓаат национални паркови и заштитени подрачја, минерална експлоатација (рудници, каменоломи, минерална и термална вода, итн), хидроелектрани. Сите овие катергории се едни од најпроблематичните за јавноста, која бара вклученост во носење на одлуките поврзани со нив, а не комплетна исклученост, како што е повторно предвидено без јавни презентации, без јавни анкети. Згора на сè, имаме повторување на “мала” недореченост која отвора многу можности и со која секоја одлука на Владата се покрива, а тоа е делот “и други подрачја и објекти од државно значење”.

✔️ Изминатата година со наши претставки беа Укинати 4 ДУПа во општина Карпош, а еден за општина Гази Баба, кој овозможува градење на тешка загадувачка индустрија, е во постапка. Кај сите овие ДУПа главната причина по кои се укинуваат одлуките за нивно донесување е непочитување на член од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој се предвидува носење одлука за спроведување или неспроведување на Стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, согласно Законот за животна средина.

❌ Во новиот предлог закон Стратегиска оцена не постои, буквално самиот поим Стратегиска оцена не се спомнува, дури не се ни посочува дека при носење на планската документација треба да се почитува и треба да важат одредбите од Законот за животна средина, како што се спомнуваат други закони. 
Дали намерно е ова „заборавено“ и недоречено? Дали е ова начин причината за укинување на ДУПовите да се елиминира? Според нас е токму тоа. Во преодните одредби на новиов Предлог-Закон стои дека одредби од други закони, ако не се пропишани со овој закон, нема да се применуваат.

И сега доаѓаме до начинот како ќе “се реши” проблемот со мораториумот и укинатите ДУПа и ќе може да се продолжи со градење во “атрактивните” општини Центар и Карпош.

⛔️ Во новиот Предлог-Закон, ставен е сосема нов член, кој наоѓа решение за укинатите ДУПови од Уставен суд во Карпош и сите можни укинувања, со тоа што вели ако урбанистичките планови/нивни делови/плански одредби се укинале од надлежен орган, се започнува постапка за изработка на нова план или ДЕЛ од план, а истовремено ПРЕТХОДНИОТ ДУП/УП или ДЕЛ од него СТАПУВА ВО СИЛА.

⛔️ За мораториумот во Центар и други можни одлуки за мораториум/суспензија на ДУП/УП, вели дека одлуката за суспензија на ДУП/УП треба да се донесе врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам, а по претходно добиено позитивно мислење од МИНИСТЕРОТ под чија надлежност е уредување на просторот. Преведено, пишано е така да се спречи мораториум, односно суспендирање на одреден ДУП/УП во иднина.

Одлуката за суспензија е на сила до донесувањето на измени и/или дополнувања на суспендираниот урбанистички план, НЕГОВИ ДЕЛОВИ или плански одредби, но НЕ ПОДОЛГО од ОСУМ МЕСЕЦИ – за дел од урбанистички план или плански одредби и ЕДНА ГОДИНА – за урбанистички план, а во спротивно ОСТАНУВААТ ВО СИЛА урбанистичкиот план, неговите делови или плански одредби.

Во Карпош, претходните ДУПа ќе си стапат на сила, а општината ќе може да пристапи кон изготвување на само ДЕЛ од ДУПот.

Во Центар, мораториумот ќе треба да запре и да стапат на сила стопираните ДУПови, ако нема нови готови.

❌ Ова е тоа надминување на проблемите за градежниот сектор – како што им ветија на испаничените градежни моќници нашите државни институции кои по кој знае кој пат забораваат чии интереси треба да штитат.

❌ Наместо да се работи на подобрување на законите во поглед на основните начела на кои треба да се темелат и да бидат во целосно суштински испочитувани во однос на потребите на граѓаните, во целата наша пракса начелата и темелите се само мртви букви на хартија, а потребите и барањата на граѓаните се гледа да се заобиколат во интерес на бизнис заедницата, чиј интерес се само парите.

Делот на Прекшочни одредби во новиот Предлог-Закон само го потврдува ова. Сегашниот закон, само за споредба има повеќе членови наменети за прекршоци, од член 95-118, во новиот само 4 члена, од 88-93. Не е само до бројот на прекршочни одредби, сведоци сме дека и тие што беа не помогнаа некој да биде санкциониран или да поднесе било каква кривична или матријална одговорност, проблемот е што наместо да се допрецизираат работите во овој дел одиме на поопштување и намалување на казните, така да колку и да згреши или да направи прекршок градоначалник или министер во спроведување на законските должности, ќе бидат казнети со максимална глоба од 3,000 до 5,000 евра, навистина застрашувачки, дури целомесечен буџет од патни трошкови може да отиде на казна.

Во однос на цената кој ја плаќаме сега, а која сигурно е многу помала во однос на идните последици од целосното досегашно и идно уништување „согласно законите“ споредбата е непотребна.