Став

Кица Левица и гобленот на ревизионизмот

Младите Германци во 1968 експлодираа по дваесет години виктимизација, затоа што сфатија дека по победата над фашизмот, по милионите жртви на Словените, несловенското население и нокаутирањето на Ромите, ЛГБТИ групите и Евреите во Холокаустот, нема да има апсолутно ништо од де-нацификацијата. Што се случи?

1968. Убиство на Мартин Лутер Кинг. Прашка пролет. Маоистот Сартр и постмодернистот Фуко шетаат со студентите и синдикатите низ Париз со мегафон во рака. Ескалација и херојска герилска борба против диктатурата во Бразил. Виетнамска војна. Вудсток. Хипиците освојуваат територија со антимилитаризам, феминистичка слобода, геј права, се разлеваат протестни песни на Дилан и Ленон, психоделија, хероизам, лудилото на Хендрикс и Џоплин.  

2015. 5 мај. Радикализација на протестите со ерупција по улиците на Скопје по објавувањето на аудио снимките за убиството на Мартин Нешковски. Скопје конечно личи на антиглобалистичкиот Сиетл, радикали палат по улиците на Париската комуна, антифашистички Мадрид од време на рушењето на Франко, во етерот окупација на Универзитетот, пленуми на радикални групи.

Документ фикција – РАФ

Активисти од Европа допливуваат на брегот. На езерото ја запознавам Пепер (Red Pepper). Длабоко во скопските ноќи во наредните недели ги интимизираме протестите со револуционерно лежење превртени преку тела, поспани глави, експлицитни органи, превртени банери и транспаренти, бои, лакови, секс. Каква е таа револуција ако не е и сексуална револуција.

По неколкудневната смотра на пејнтбол канвас барабите по скопските улици, Пепер ми шепнува:

„Не дај боже кловновиве да фатат оружје.“

„Шарената багра се нашите либерални фашисти, десет години превземаат грасрутс иницијативи како #протестирам, ти кажував вчера“, коментирам и се префрламе преку голите тела. Пепер ми раскажува за РАФ, тивко, цигари на тераса во ноќта, свежо ветре пирка.

„Бадер-Мајнхоф е просто и строго трагична и болна експресија на 1968“, ми кажува Пепер,„Логичен, романтичен и либидален след на настани. Извор, вурток. Легендарната субверзивна група на РАФ беше создадена од милитантиот Андреас Бадер, oд интелектуалката и писателка Улрике Мајнхоф, со нејзиниот ангажиран опус, секуларната Гудрун Енслин израсната во фамилија на радикални католици, од Хорст Малер и други. Родителите на младите Германци беа под хипнозата на Хитлер во метафизичкиот хорор од блато, крв, водач.“

„Силке Маер Вит е од помладата генерација на РАФ“, додавам. „Живееше во Македонија одреден период. Но, не се само РАФ, туку и Црвените бригади, грчката 17 ноември, баскијската ЕТА. Таткото на Силке Маер Вит бил во есес формација“, Ѝ кажувам на Пепер.

„Ништо вие не знаете што беше РАФ“, ми ја затвори устата со патент.  

Ле Пен за крај

Зошто нема ништо од де-груевизација, на фонот на де-нацификација? Шеесосмашите свeдочеа дека нацистите се враќаат на власт, рехабилитирани за „повисоки цели“ од америчката окупаторска чизма, со реинсталација на корпоративниот фашизам на нацистичка Германија како витална сила под надзор на инјекциите од америчките машини за принтање пари.

Втората световна војна е мрља на огромното оптегнато платно на историјата, мрѓа и Герника, а Нормандија се случи една година по падот на Сталинград кога исходот на војната беше јасен. Дали е историска грешка што Црвената армија комплетно не ја окупира Германија и што не тргна во ослободување на Париз?

А што пак да кажеме за Првата световна војна и Солунскиот фронт, жртвата на над 200000 луѓе од овие простори.

Во деветнаесетиот век, Англија владееше како колонијална сила со светот. Дваесетиот век е теза и антитеза на две визии за светот, герилски борби на антиколонијални, антифашистички и антикапиталистички движења на сите страни на светот. Ревизионизмот е синтеза, ладен оброк во затвор, утро на дваесет и првиот век.

Според тоа, не постои антикапитализам без антифашизам, затоа што фашизмот е инхерентен на капитализмот. Едно скалило подлабоко, фашизмот се прелива на рамнината на колонијализмот, како расна сегрегација, апартхејд, расистичка доминација, коишто се во основата на фашизмот. Фашизмот од почетокот на дваесетиот век, не значи дека домот на фашизмот е Австрија на Хитлер и Германија на Гебелс, Ајхман, Шпер, Менгеле, Италија на Мусолини. Домот на фашизмот е таму каде што доминира и владее капитализмот. Фашизмот е самоодбрана на капитализам во криза.

Денес, подемот на десница во Европа, Бразил и Америка е расистички и сегрегацијски, доминација и развој на настаните врз доминирана, субординирана, културно дисциплинирана и оставена на себе, маса на светот. Каде пирее расизам, таму има одговор со антиколонијалистички борби. Европа ја превземат фашисти, веќе инсталирани во владите на повеќе европски држави. Ле Пен на власт во Франција е дефинитивен крај за Европа.

Планетарниот преврат со кинескиот подем приоѓа меко. Најпаметно е да се седи мирен и да се гради мудра, трпелива и секуларна, антиколонијална, антифашистичка, антимилитаристичка и универзалистичка пост-колонијална позиција со принципиелно со-поставување на планетарно плато во Обединети нации со земји коишто не сакаат да ги милитаризираат општествата и државите. На фашизмот не му е местото на таблата на светот во 2019 и затоа со Грција може да разговараме на рамноправно рамниште, со почитување на позициите и во пријателска и опуштена атмосфера, затоа што спогодбата е опасен преседан, којашто се занимава со лимитирани либерални права аплицирани врз поединци, којашто создаде тектонски пореметувања и во основа ги помести односите, такаречи ја револуционеризира општествената стварност.

Патоказ е инерцијата од референдумот во организација на #бојкотирам и сметам дека по падот на ревизионистичката власт, ќе мора да биде почитувана волјата искажана на референдумот. Од секој договор може да се излезе и секогаш ни стојат на располагање Обединетите нации за сервисирање на идентитетските долгови.

Градам антимилитаристичка позиција. Со полно право велам дека немаме никаква потреба од НАТО. За Европа, перверзно е да дискутираме. Ништо не зависи од нас. Просто, влезот во Европската Унија е политичка одлука. Топ тан кванташки вето удел на Франција, посед на златна акција којашто денес е ефтина и не вреди да се продава. Дебаклот за почеток на преговорите во јуни 2018, веќе ни е најавено дека се повторува и во јуни 2019. Следуваат нови експерименти во Европа, на квантно ниво. Но, Европа е ко квантна физика, никому не му е јасно што се случува на квантно ниво, а секој што тврди дека разбира што таму се случува, лаже.

Ако се сруши Wall Street на ниво од 1929 (black swan), можеби Европјаните комплетно ќе го исфрлат доларот од трговската размена, а еврото ќе го предложат како резервна валута на светот, но само ако, еврото, во налетот на „црниот лебед заедно со доларот не го потонат светот во широкиот ем длабок доларски ад, повлекувајќи ги во амбис сите сврзани и врзивни ткива, рани и разјарени револуции со себе. Денарот е безбеден и колку што знам се држи на златна подлога, без криптовалутна иницијација. Така нели, принтањето пари е бесплатно ако е монополизирано, а хартијата вреди колку и когнитивниот капитализам. 1929 во блиска иднина би било баш симпатично да се живее.

Денес сме исфрлени од капиталистичкиот сон без алтернатива, во славната антитеза на Тачер, there is no alternative to fascism, надвор од „сон“, испразнет од капитализам, затоа што лимитите на планетата во смисла на commons се темелно девастирани од идеологијата на капиталистите. Планетата веќе нема снага да регенерира толку ресурси колку што луѓето конзумираат во рок од една година. Лимитите се видливи на сите страни од светот и групации на сите страни на светот се загрижени, но немаат сила да ја наметнат рецептурата врз владите, а тоа секако не се такси за загадување, разни реформистички срања и иновации со капиталистичка логика, туку, крај за капитализмот! За осуда се сите коишто пишуваат за работнички права, коишто го осудуваат неолибералниот/ордолибералниот поредок и коишто бранат позиција на прогресивни даноци. А владеење на право е хиерархија на приватно-сопственичка класа на власт, во постмодерната држава којашто е партиска држава на приватни сопственици.

Ревизионизмот на Кица везе

Од другата страна на границата, опустошеното, девастирано, смачкано, обесправено, субординирано население, добива античко наследство и можност да се конструира во народ и мислам дека таквата можност за населението на кое што му беше забрането да се идентификува како некакво, отвара нов портал кон идните идентитетски размрежувања, разврзани и зачворени на оваа страна. Од другата страна на границата, запишано е во книгите, се случи епопеја на луѓе кои се бореа против монархо-фашизмот. Ветувањата на левицата кон населението коешто даде огромни жртви таму, не се остварија, но во хаосот на дваесетиот век, сепак, од оваа страна на границата беше обезбедена државност. Ако некому не му се допаѓа конструктот од оваа страна на оградата, по конструирањето народ од другата страна, ќе може да си го одбере посакуваниот идентитетски вртлог и да влезе во посакуваниот конструкт, ако ја прерипа двојната жичана ограда.

Присвојувањето пак на антиката е смешно и безвезно, антимодерно, накарадно, типичнo глупа ем лудачка кошула за грчката политика. Каде се тапиите, „другар“ Ципрас?

Ревизионизмот стана официјална политика на владата. Учебниците пишувани во груевизмот се ревизонистичко ѓубре, фон на антикомунистичка хистерија. Но, ревизијата не прекинува со заевизмот. Секако, децата веќе не учат од физички книги и учебници, туку на интернет, посно и постмодерно. Наративите, се разбира, мора да се препрочитуваат со секоја нова генерација во тековниот историски дух, со одново испишување, со поглед од дистанца на темни ќошиња, со освестувања на трауми и ре-означувања. Осознавање на историска рима на еманципаторско рамниште во ера на интернет. Левичарското читање на историjските фигменти, патината по левичарските икони и моето читање тријади во историјскиот материјализам, не го испушта антимилитаризмот, затоа што, без антимилитаризам, не е можна иднина на нашата бедна планета, запечена од згура на капиталистички олош.

Повелба на НАТО или Повелба на Обединети нации?

Сепак, помеѓу Повелбата на НАТО и Повелбата на Обединетите нации, јас ја бирам, Повелбата на Обединетите нации. Членство во НАТО е себеетикетирање со сите злосторства врз народите коишто се спонзорирани, организирани и егзекутирани од НАТО од 1949 до денес. Ние, да не заборавиме, никогаш не сме биле членки на воен сојуз.

Ние сме на универзално плато, рамноправни со Америка, Кина и другите држави во светот, Грција на пример. Побројни народи ја немаат привилегијата да бидат антифашистички, што во основа го прави народот на овој простор, историјски. Сепак во Обединетите нации не се претставени сите народи на светот. Таму ги нема Курдите, Балочите, Берберите, таму нема Палестинци, Индијанци од Америка, Абориџини. Реформите на ОН мора да обезбедат механизам со кој ќе биде забрането унилатерално бомбардирање и испраќање на војници низ светот без консензус од сите во Советот за безбедност, со радикалнo реформирање во Советот за безбедност во којшто ќе бидат трајно вклучени не само и Индија, Јапонија, Германија, Бразил, Европската унија, со ротирачка формула и претставници од другите земји на Европската унија на француското столче, туку и со народи коишто немаат сопствени држави. Прашањето е, зошто народите коишто се нации но не успеале да формираат држави, да немаат претставници на Генералните собранија на ОН, рамноправни во одлуките како народите коишто имаат право на глас?

Државноста ни е заокружена од моментот кога станавме членка на ОН во 1945, во 1991 ја потврдивме, а 2018 ни покажа дека борбата никогаш не завршува. И според тоа нема зошто да се враќаме назад во несреќната 1949. Имаме историска дистанца од фашизмот од седумдесет и пет години, а ОН е единственото место од каде што можеме да настапуваме.

Подароци

Референдумот понуди три подароци од 30 септември до денес:

– прв подарок за борба, класна критика на референдумот затоа што референдумот беше одмзада на капиталистите врз работничката класа, видлива низ прозаичните плиткоумни видеозаписи на капиталистичкиот шљам којшто јавно агитира за гласање про НАТО во замена за кеш, кардиолошка клиника, амнестија во замена за глас за промена на устав и помилувања од доживотна робија за пљачка,

– второ, незадоволство на малцинствата и

– трет подарок, реакционерен антиисториски ревизионизам.

Вториот подарок е анти. Анти нешто и не сум воопшто радосен што некому сепак ќе му служи. Пар останати фатаморгани и плус подароци ќе бидат откривани, до комплетниот дебакл на наративната структура на власта.

Но, да не заборавиме за што не беше референдумот. Имено, инерцијата од референдумот веќе ја одредува хистерезисната траекторија на општествените потреби, односи, конфликти. Се наметнува размислување за некаква форма на лустрација за последните 27 години владеење. Од друга страна, непочитувањето на волјата на граѓаните од референдумот, го сметам за државен удар којшто ќе има фатални последици ако не се почитува. Дали овие две структури ќе повлечат егзекутивни акции и кривични дела од идните власти, јас ги повикувам во полна сила да одат снажно во двете насоки.

Следуваат радикални времиња.

Aвтор: Кирил Минанов

Илустрации: Александар Ковачевски

За левичарскиот портал Антропол  

п.с. Патем, 2018 нема никогаш да се повтори, па паметно е да и напишам писмо на баба Кица Левица во 2018. Исто, не сакам да ги вознемирувам издавачите, па затоа текстот ќе замолам да ми го објават во 2019. Со поштенска назнака дека сепак, ова е прво и последно препишување со неа. Естетски настрано од ревизионисти, но не дозволувам билокој да ме сведува на јазик.