Планетата е во смртоносна спирала и потребна е радикална акција за да се спасиме

Текстот е преведен одГардијан”.


Климатскиот колапс може да биде брз и непредвидлив. Не смееме повеќе да се занимаваме со минорни промени и да се надеваме дека со нив ќе избегнеме колапс.

Ова беше од оние моменти што ти го менуваат животот. На прес-конференција одржана минатата недела од страна на активистите за животна средина „Extinction Rebellion”, двајца од нас новинарите ги притиснаа организаторите за тоа дали се остварливи нивните цели. На пример, тие повикуваа емисиите на јаглерод диоксид во Британија да бидат сведени на нула до 2025 година. Прашавме дали немаше да биде подобро да се стремат кон поумерени цели?

Млада жена по име Лизиа Вулф истапи. Таа претходно немаше зборувано, но страста, тагата и гневот во нејзиниот говор беа крајно убедливи. „Што е тоа што ме терате, како 20-годишна девојка, да го прифатам и да се соочам поврзано со мојата иднина и мојот живот? Ситуацијата е критична. Се соочуваме со изумирање. Кога ќе поставите прашања од таков вид, што очекувате од мене да чувствувам?“ Останавме без коментар.

Поумерените цели се можеби политички реални, но не се и физички реални. Само промените кои се сразмерни со степенот на нашата егзистенцијална криза може да имаат некаква шанса за успех. Безнадежната реалност и површинското делување спрема проблемот се причините поради кои заглавивме во хаосов каде што сме сега. Таквиот пристап не може да нѐ избави од истиот хаос.

Јавните личности зборуваат и делуваат како да очекуваните климатски промени ќе бидат само линеарни и постепени. Но, системите на планетата Земја се прилично комплексни, а како такви не реагираат линеарно на притисокот. Кога овие системи реагираат помеѓу себе – бидејќи земјината атмосфера, океаните, површината и различните форми на живот не се статични и не чекаат спокојно некој да ги истражува – тие реагираат крајно непредвидливо кога се изложени на промена. Мали промени можат да предизвикаат силни поместувања. Критичните точки  многу веројатно е да останат невидливи додека не ги преминеме. Би можеле да бидеме сведоци на промени кои се толку ненадејни и интензивни да не можеме со сигурност да претпоставиме каков би бил континуитет.

Само еден од многуте системи кои се суштински за одржувањето на животот и од кои зависиме (почвата, водоносните слоеви, дождот, мразот, патеките на ветриштата и струите, инсектите што го разнесуваат поленот, био-диверзитетот и неговата бројност) треба да пропадне за сето останато да му се придружи. На пример, кога мразот на Арктичкото море ќе се истопи над одредена точка, позитивниот фидбек кој ќе биде предизвикан со ова (на пример, потемна вода што абсорбира повеќе топлина, топење на глечерите ослободувајќи метан, промени во поларниот вортекс) би можело да предизвика незапирливи промени на климата.

Проблемот е политички. Фасцинантна анализа од професорот по општествени науки, Кевин МекКеј, тврди дека олигархијата е пофундаментална причина за падот на цивилизациите, отколку социјалната комплексност или побарувачката за енергија. Контролата на олигарсите, тврди тој, го спречува рационалното донесување одлуки, бидејќи краткорочните интереси на елитите радикално се разликуваат од долгорочните интереси на општеството. Ова објаснува зошто минатите цивилизации се распаднаа „и покрај поседувањето на културни и технолошки знаења потребни за решавање на нивните кризи”. Економските елити, кои имаат корист од социјалната дисфункција, ги блокираат неопходните решенија.

Контролата од олигарсите врз богатството, политиката, медиумите и јавниот дискурс го објаснува сеопфатниот институционален неуспех што сега нè турка кон катастрофа. Размислете за Доналд Трамп и неговиот кабинет на мулти-милионери; влијанието на браќата Кох во финансирање на десничарски организации; империјата Мардок и нејзиниот огромен придонес кон негирањето на климатските науки; или нафтените и моторните компании чие лобирање спречува побрз премин кон нови технологии.

Не се само владите кои потфрлија да одговорат, иако истите потфрлија спектакуларно. Јавните медиумски куќи систематски ги игнорираат проблемите за животната средина, истовремено дозволувајќи им на лобистите да го обликуваат јавниот дискурс и да го негираат она со што се соочуваме. Академиците, исплашени да ги вознемират своите финансиери и колеги, ги затворија своите усни.

Како што посочува авторот Џејсон Хикел, не може да се оддели растот на БДП и економскиот раст од прекумерното искористување на глобалните ресурси. Иако 50 милијарди тони ресурси годишно е приближно лимитот кој планетата Земја може да го издржи, светот веќе троши 70 милијарди тони. Со сегашните стапки на економски раст, оваа бројка ќе се зголеми до 180 милијарди тони до 2050 година. Максималната ефикасност на ресурсите, заедно со масовните даноци на јаглерод, во најдобар случај би го намалило ова до 95 милијарди тони: и оваа бројка сè уште е над границите на животната средина. Се чини дека зелениот раст e физички невозможен.

Оние од кои бараме решенија се инертни како ништо да не се случува. Како насобраните докази да немаат никакво влијание врз нивните умови. Децениите на институционален неуспех гарантираат дека само „нереални” предлози – преструктуирањето на економскиот живот, со инстантен ефект – моментално имаат реални шанси за запирање на спиралата на смртта на планетатa. И само оние кои се наоѓаат надвор од неуспешните институции можат да го водат овој напор.

Притоа, пред нас истовремено се наоѓаат две задачи: да се посветиме на шансата да го спречиме колапсот (како што во Британија 20 активисти на „Extinction rebellion” беа уапсени затоа што се врзаа пред влезот на Министерството за енергија, спречувајќи влез во канцелариите), иако шансите за ова се мали; и да се подготвиме за веројатниот неуспех на овие напори, што ќе биде застрашувачки. И двете задачи бараат целосна ревизија на нашиот однос кон планетата Земја.

Бидејќи не можеме да се спасиме без да ја оспориме олигархиската контрола, борбата за демократија и правда и борбата против уништувањето на животната средина претсавуваат една иста работа. Не дозволувајте оние што ја предизвикаа оваа криза да ги дефинираат границите на политичкото дејствување. Не дозволувајте оние чие магично размислување нè донесе во овој хаос да ни кажат што може и што не може да се направи.