Сакаме леб: кој е непријателот?

Веќе подолго време се наметнува наратив во јавноста дека ни се заканува некакво нарушување на безбедноста, било тоа да е од страна на надворешни или пак внатрешни сили. Така при секоја ескалација на нерационалноста, особено во експертската фела од македонската политичката сцена, се обидуваа да не заплашат велејки ни просто дека доколку не влеземе во НАТО, којзнае какви не црни сценарија не очекуваат. Ваквите „баба рога“ оправданија за очигледно штетните политики често беа користени од страна на политички експерти како апологети на сегашната власт, а неретко и директно од страна на членови од повисокото раководство токму на партијата која ја предводи оваа власт – СДСМ. Неодамна пак, и еден од припадниците на партијата која демек го претставува албанството во власта и самиот се гледа како глас на албанската заедница, се дрзна да посегне по истиот аргумент на заплашување во име на целата заедница, алудирајќи на постоењето на некаква пост-референдумска опасност од Албанците. Имено,  советникот на премиерот, Исмет Рамадани, неславно изјави дека доколку не влеземе во НАТО, тој не би гарантирал за однесувањето на Албанците(?!): “Албанците ќе бидат коректни во целиот процес, меѓутоа ако не успее овој договор и ако ги губиме сите шанси за членство во НАТО и ЕУ, тогаш не гарантирам за коректноста на Албанците во нивното однесување понатаму.”

Од друга страна, деновиве во дел од медиумите осамнаа наслови за вежбата на припадници на МВР кои симулирале разбивање на протести. При вежбите, демонстрантите држеле транспаренти на кои пишува: “Сакаме леб”. Тоа што припадниците на МВР вежбаат на симулирани протести од класен карактер е индикативно за тоа кој е тој погрешно лоциран или/и долго мистифициран непријател. Очигледно, непријателот е сиромашниот, а не Албанецот, ниту некои измислени мрачни сили, ниту пак некои лоши комшии. Оној од кој државниот апарат е подготвен да се одбрани е токму сиромашниот граѓанин кој ќе се осмели да побара леб. Тие знаат од каде доаѓа заканата за естаблишментот и status quo-то, па не замајуваат, заплашуваат и обидуваат да не разделат. Токму затоа, сиромашниот Албанец и сиромашниот Македонец имаат интерес да се обединат и да побараат, ни помалку ни повеќе, туку лебот за кој чесно работат секој ден.