Еуромакс наместо да ја напушти државава, организира коктел средби за купување земјиште

Соопштение на иницијативата „Здрава Котлина”.

НОВА МАНИПУЛАЦИЈА НА ЕУРОМАКС РИСОРСИС ЗАКАЖАНА ЗА ДЕНЕС ВО ХОТЕЛ СИРИУС, ВО 17:00 ЧАСОТ

Продолжуваат бескрајните манипулации и измами од страна на Еуромакс Рисорсис. Немајќи друг одговор на отпорот против рудникот на смртта Иловица-Штука и во желба да се претстават како наводно блиски до народот, тие за денес, недела, 18.11.2018, во 17:00 часот во хотелот Сириус планираат да организират некаква коктел-средба со жители на селата околу рудникот. 
Еуромакс сака да се прикаже како сериозна компанија, која нуди голем број вработувања и особено откуп на земјиште од жителите на околните села, за што наводно нудат багателни цени. Всушност, ги лажат селаните, бидејќи оваа компанија е пред банкрот, нема средства за такви откупи, и само сака да претстави лажна слика во јавноста.
Вистинската цела на овој подмолен собир е да ги намамат наивните жители на селата, со цел да предизвикаат нивен отпор кон сите луѓе кои се борат против рудникот и на тој начин да извршат притисок врз Влада на Република Македонија за добивање на дозвола за работа на рудникот.

Во текот на претпладнето дознавме дека повеќемина од поканетите веќе се откажале од „коктелот“, откако се увериле дека се работи за манипулација. На оние што евентуално би присуствувале, би сакале да им го кажеме следново:

Драги жители на Иловица, Штука и Сушица! Не дозволувајте да ве употребат како марионетки за нивната бескрупулозна цел. Тие никогаш нема да ја купат вашата земја за ваше добро, уште помалку по такви цени, ниту може да има толку вработувања. Не дозволувајте повторно да бидете измамени, продавајќи го вековниот имот за да се изгради рудникот на смртта. Еуромакс Рисорсис всушност сакаат да ве иселат од вашите вековни огништа.

СЕ ШТО ЌЕ НАПРАВИТЕ СО ВАШЕТО ПРИСУСТВО ТАМУ Е САМО ТОА ДЕКА ЌЕ БИДЕТЕ ФОТОГРАФИРАНИ, А НАРОДОТ ЌЕ ВЕ ОДБЕЛЕЖИ СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КАКО ЛУЃЕ КОИ СЕ ПРОДАЛЕ НА ГРОБАРОТ НА СТРУМИЧКА КОТЛИНА.

СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!