Охридското Езеро под закана за еколошка катастрофа поради нерационалното работење на ЕЛЕМ

Дваесет тони риба плашица која е влезена во каналот Студенчишта за да презими, може да останат заробени и да угинат поради драматичниот пад на нивото на Охридското Езеро, кое од пролетта до сега е спуштено речиси за еден метар, прдупредуваат експертите. Поради тоа ЈП Водовод исклучи дел од пумпите од Билјанини извори и таа вода ја пренасочи кон каналот Студенчишта. Но, доколку продолжи трендот на опаѓање на нивото на езерото, може да се случи еколошка катастрофа.

„Ако вака продолжи да опаѓа нивото и покрај потегот што го направи ЈП Водовод може да биде доведен во опасност опстанокот на овие 20 тона плашица во каналот, затоа што таа тука е влезена на зимување и тешко дека при влошени услови ќе го напушти каналот, особено што на влез во каналот постои еден поплиток дел кој може да остане на суво и таа да биде заробена како што беше пред неколку години.” – Трајче Талевски, Хидробиолошки завод Охрид.

Според експертската јавност, причина за големите осцилации на езерото, покрај сушата, е несоодветниот начин на кој тоа се третира како акумулација за производство на електрична енергија, а не како природен ресурс заштитен од УНЕСКО.

„Тука имаме судир на интереси помеѓу ЕЛЕМ и самата природа. Мислам дека треба државата да изнајде решение со водата од Охридското Езеро да стопанисува некој друг, а не оној на кој што му е многу побитно да произведе електрична енергија отколку да го задржи нивото на водата во некои оптимални граници.” – Трајче Талевски, Хидробиолошки завод Охрид.

Извор: OhridNews