Година дена по повишувањето на акцизата на дизелот, Македонија рекордно се гуши

Деновиве навршува една година од воведувањето на „еколошката“ такса на економскиот тим на СДСМ. Помпезно најавувана како решение за енормното загадување припишано на моторните возила, се очекуваше дека после воведувањето на оваа такса ќе дишеме алпски воздух и ќе бидеме благодарни за тоа.

Една година е доволен период да се направи минимална ревизија и оценка на ефективноста на било која мерка. Иако во моментот на воведувањето постоеа критики дека ефектот ќе биде само фискален (дополнителни приходи за централната власт, без реални придобивки за граѓаните), економскиот тим на СДСМ постојано потенцираше на еколошката придобивка на оваа такса како ултимативна цел на новововедената давачка по џебот на граѓаните.

Со ова доаѓаме до парадоксот на СДСМ – зошто граѓаните треба да плаќаат дополнителни давачки за јавно добро (чист воздух)? Од кога тоа чистиот воздух стана луксуз за кој треба да се плати дополнително? Дали треба дополнително да ја плаќаме работата за која се избрани моменталните функционери? Од кога чистиот воздух стана предмет на трговија (плати и ќе добиеш), а не загарантирано право на секој човек на планетава? Во моментов ми текнува на една идеологија која ја поддржува ваквата распределба на богатството – плаќање за јавни добра кои (би требало да) се достапни за сите граѓани подеднакво. Истовремено и сакам да ве потсетам на изјавата на претседателот на корпорацијата Нестле кој изјави дека чистата вода не е загарантирано човеково право, туку предмет на трговија како и секој друг предмет. Со „комодифицирањето“ на питката вода, СДСМ во духот на неолиберализмот преминуваат на следниот чекор – комодифицирање на чистиот воздух. Ако нема потреба од чист воздух, не ни можеш да наплаќаш за чист воздух. Решение? Загади го воздухот, намерно или ненамерно, во спрега со другарите капиталисти и после презентирај решение – давачка за чист воздух. Креирај потреба за чист воздух со префрлање на негативните екстерналии од стопанствениците кон населението. Win-win ситуација за сите. Повеќе пари за власта, повеќе пари за нивните другари капиталисти, повеќе чист воздух за граѓаните (за соодветен надомест, секако).

Барем да беше вистинит делот каде што граѓаните добиваат чист воздух за возврат. За жал, еколошката такса на СДСМ нема ни „Е“ од екологија. После една година од нејзиното применување, ефектите се поразителни и очигледни. Градовите во Македонија се искачуваат повисоко на злокобната листа на најзагадени градови на планетава. Граѓаните се жалат дека едвај дишат. А приходите на централната власт се зголемија бесцелно. До кога лагите ќе бидат аргументи за замајување на народните маси? До кога ќе биде доволно само да се каже убава лага во моментот, за после да се премине на следната лага?

Време е за промена, а не за замена.

Автор: Гоце Чекоров, член на Економскиот Сектор на Левица