Поделбата на власта обединета од капиталот!
Системот на checks and balances кој го разви францускиот просветителски политички философ Монтескје, во неговото епохално дело „Духот на законот“, изгуби секаква смисла во капитализмот и либерализмот како негова апологија. Овој систем на конституционализам кој е темел и претпоставка на секоја модерна граѓанска демократија се базира врз принципот на поделба на власта на бранши, кои меѓусебно ќе се зауздуваат една со друга и на тој начин ќе биде оневозможено институциите на заедницата во целост да потпаднат под контрола на една од властите. Така поделбата е направена на три основни власти: Законодавна, Извршна и Судска, како замисла дека ќе функционираат независно една од друга, но исто така и секоја поединечно од овие власти ќе биде подложна на интер-зависни механизми на контрола од другите власти со цел оневозможување на една од овие власти да стекне поголема контола врз институциите на заедницата.
Но, не за џабе ова дело Монтескје го нарече „Духот на законот“. Тоа што ги дефинира и квалификува законите не е само словото како нивна содржина, туку и нивната можност за аплицирање во реалноста. Потребни се елементарни материјални услови за нивно спроведување, а во ерата на капитализмот, кој се карактеризира со екстремна класна раслоеност, политичката реалност е ограничена и окована од таквата материјална реалност, создадена и репродуцирана од односот (конфликтот) помеѓу производствените сили и постојаните односи на производството.
Под вакви околности, политичките партии како носители на институциите се појавуваат, не како дел од политички групации, туку како институции под кои се субординирани сите власти, како законодавна, така извршна и судска. И не само тоа, политичките партии во брак со приватниот бизнис создаваат султанати под чија власт не се само институциите на државата туку и властите надвор од неа стационирани во граѓанското општество. Ова јасно може да го видиме во примерот за власта над јавното мнение преку контролата над мас-медиумите. Понатаму, под идеолошкото влијание на либерализмот – како апологија на приватната сопственост – се воспоставуваа и строга контрола и еден вид политичка дисциплина на наративите, темите и интересите во активностите на било која уметничко културолошка или општествено хуманистичка институционална активност. Дополнително, тука е и експлозивитет над ресурсите потребни за секојдневен живот, власта над слободното време произлезен од наемниот однос на работник власник и слично – накратко целиот оној систем преку кој идеите на владеачките класи стануваат владеачки идеи на едно време!
Оттука, јасно е дека капитализмот не е само економски систем, туку еден цел поредок. Кога тој еднаш ќе се воспостави и развие до овој степен, се чини дека тој не може на избори да биде отповикан со избор на било кој други. Дури и да се отвори можност за превземање и поттикнување на една од формалните власти кои меѓусебно треба да се зауздуваат, сепак поради контрола над богатството на нацијата, основните имотни/класни односи, органското право, финансискиот систем и структурата на долгот заедно со националните медиуми, полициската и воена власт и останатите државни институции ќе бидат фундаментално преструктуирани од страна на капиталот.
Материјалните основи за принципите на поделбата на власта како предуслов едноставно не постојат. Тие услови никогаш не ни постоеле, туку истите во либерализмот под пресија на владеењето на капиталот се заменети со модерните граѓански митови на божиците Правдата, Еднаквоста и Братството (Liberty, Equality, and Fraternity). Така доаѓаме до точката каде државата, односно сите нејзини институции постојат само заради приватната сопственост, односно заради класата која сака да го задржи статус квото на класната поделба.