Став

„Осуден сум на три месеци затвор поради пријава за изборна нерегуларност”

Три месеци затвор ми досуди Основен суд – Гевгелија за објавување на една од фотографиите во оваа новинарска репортажа направена пред избирачко место.

Сум ја доловил реалноста: живееме во општество во кое големите “политички партии”, кои се всушност економски лукративни кланови, ги држат луѓето заробени. Тие ги контролираат и институциите на системот, кои би требало да бидат слободни, и би требало да му служат на обичниот човек, на граѓанинот.
Иако сум постапил во улога на свесен граѓанин кој евидентира недостатоци на општествениот систем, а улогата на новинар ми ја наметнува обврската да ги информирам останатите граѓани за девалвираноста на тој систем; полициската станица Гевгелија ми поднесе кривична пријава, која Основното јавно обвинителство само ја препиша, а судијата ја врами во пресуда.

Излегува дека и трите одвоени институции кои ги спомнав: МВР, ОЈО и Основен суд Гевгелија работат како единствен репресивен апарат, во кој во разни канцеларии само ставаат потписи, штембили и печати на веќе однапред донесени пресуди. Обвинителството би требало да биде првиот филтер за кривичните пријави поднесени од ПС Гевгелија, за да ги елиминираат кривичните пријави составени непрофесионално и злонамерно. Судијата, од своја страна, би требало да е свесна за својата независна позиција, која ја дава одвоеноста на судската од извршната власт.

Не. Кај нас и обвинителството и судството постојат формално, колку да му ги замачкуваат очите на граѓанинот, во исто време земајќи огромни плати од буџетот кој истиот тој граѓанин го полни од својата мизерна плата.

Уште пожално е дека во ова наше општество не функционираат ниту останатите демократски механизми за сузбивање на притисокот на власта врз граѓаните: новинарството и граѓанскиот сектор им служат на внатрешните и на надворешните центри на политичка моќ, со што уште повеќе го заробуваат граѓанинот.
Ова последново, за македонското квази новинарство и квази граѓански сектор, заслужува посебна елаборација, која следи.

Колумна на Коста Карев