Став

(Без)излезност

Увек сите попуваат за потчинетоста кон партијата во македонскиот живот, а пак магично излезеноста на сите избори опаѓа од ден на ден, и тоа со полнети кутии.

Исто и последниот референдум, сите го дробат за вмровците бидејќи е полесно да го игнорираат фактот дека на пун курац луѓе до толку им е скурчено од фарсата во државава што едноставно немаат никакво поверење во политичката елита, до тој степен каде што дури и евроатлантските интеграции, кои нели како ни се цел веќе 20 години (т.е. толку време ни ги продаваа) како светла иднина изгледа на уште едно празно ветување за кое веќе немаат ни сила да се замараат да излезат.

И најголем доказ за тоа е башка ниската излезеност на Албанците (кои Македонците особено сакаат да ги прикажат како една голема едноумна екстензија на ДУИ); токму тука се гледа дека наместо поделба на партиски линии, сите сме обединети во една огромна и севкупна апатија и прекукурност. Затоа се смешни овие што мислат дека сите тие што гласале ЗА референдумов ќе излезат за СДС и дека они ќе направат многу јака база, али делузиите на либералните партии увек биле склони кон статистичарска работа која не е ништо повеќе од математизирано баење, па тоа мора да им се прости. Сега ќе ви кажам, и да победат на следните избори и да земат 100 посто од парламентот, базата на долг рок ќе продолжи да им се распаѓа, бидејќи од ден на ден државниот апарат се повлекува. Може тука во државниот центар не се осеќа толку (или не можеме да ја согледаме ситуацијата за тоа што е), но во помалите места итекако се гледа дека државата е заменета со локални економско-политички феудалци кои водат фавели, од кои ако добро размислам и произлегува политичкиот кадар, па може да се каже дека денес не е ништо освен екстензија на локал-феудализмот.

Што и да се случеше вчера, резултатот ќе беше ист бидејќи е предоцна да се напушти текот: Република Македонија е во длабок системски распад. Но не грижете се, не е сама во тој распад, всушност нацијата како концепт е во истиот распад на глобално ниво, дали во Европа, Америка или тука на Балканот. Живееме во последните денови на Рим, но оној вистинскиот, историски Рим, а не митологизираната верзија каде што дошле Готите и го сотреле. Готи доаѓале и си иделе многу пати и Рим продолжил да постои, век по век, додека на крај веќе не можел, бидејќи неговиот распад бил длабок и внатрешен, а Готите биле само најновиот проблем со кој не можел да се справи државниот апарат. Foundation & Empire на Асимов ова го доловува многу добро: систем во распад, што и да прави, кој пат и да го земе, едноставно по својата интерна логика не може да победи. А, преминот од империја во феудализам е само период на локализација, исто ко денес. Да не забораваме дека две-три многу опасни глобални кризи доаѓаат на долгорочен план. Едино што останува нерешено е кој ќе дојде после Рим.

Став на Кирил Мокров