ЗДРАВА КОТЛИНА: Нашата борба е надпартиска и бескомпромисна

Во целост ви го пренесуваме соопштението на иницијативата „Здрава Котлина”

НАДПАРТИСКИ, НАДПОЛИТИЧКИ И БЕЗ КОМПРОМИС ДО ЦЕЛТА

На 14.09.2018, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, одржал средба со претставници на граѓански организации од Струмица на која се дискутирало за пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ и НАТО, како и за претстојниот референдум.

Не навлегувајќи во ничија определба дали дали ќе гласа за или против на референдумот, ниту во тоа дали воопшто ќе излезе да гласа, сакаме информираме дека не бевме присутни на тој состанок, ниту сме биле поканети, ниту би присуствувале, бидејќи како еколошко здружение и граѓанска иницијатива не сакаме да се мешаме во референдумот, ниту пак во какво било друго политичко прашање.

Нашите реакции се принципиелни во однос на политиката на било која партија или институција на државната и локалната власт, и тоа исклучиво во однос на рудникот на смртта, животната средина и ништо друго. Сето ова, без оглед на тоа што злонамерници или манипулирани поединци од двете страни се обидуваат да ни прилепат етикети.

Уште пред две недели донесовме одлука дека нема да се занимаваме со темата на референдумот и дека секој од нашите активисти лично ќе си донесе одлука за тоа прашање. Тоа е основен демократски принцип кој воопшто и не треба да се спомнува. Во таа смисла, токму од причини да избегнеме политички контексти, ги одложивме нашите главни активности против рудникот за по референдумот. Во меѓувреме, ќе продолжиме со информативни средби со жителите на селата.

Исто така, сакаме да истакнеме дека деновиве речиси синхронизирано бевме подложени на нови обиди за политикантски манипулации, па и извесни притисоци, со цел да ни биде нарушен авторитетот меѓу населението, преку лепење етикети дека сме биле партизирани. Апсурдот е во тоа што таквите инсинуации доаѓаат од лица и од двете главни спротивставени политички опции. Тоа и не е некоја новост: лани не обвинуваа дека сме со едната партија, сега пак дека сме биле со другата. Иако во некои случаи се работи за лица со неостварени лични амбиции, сепак гласините кои ги шират и некои други структури се со цел граѓаните да бидат доведени во заблуда.

Истакнуваме дека ако досега принципиелно и толерантно реагиравме на вакви злонамерни подметнувања, со цел да не создаваме непотребни кавги и од нив произлезени шпекулации, отсега ќе реагираме јавно и конкретно со целиот фактички материјал кој го поседуваме и не толку толерантно, бидејќи нашата добронамерност и помирливост понекогаш се злоупотребени. Сите тие лепачи на етикети нека размислат трезвено кому всушност му служат. Една од главните тактики на Еуромакс Рисорсис кон нас се постојаните обиди да нѐ стават во контекст на (која било) политичка партија и така да го обезвреднат и уништат нашиот отпор. Досега не успеале, нема да успеат ни отсега, бидејќи единствената вистина е дека сме надпартиски и надполитички.

Нашата независност за нас е светост, бидејќи тоа е единствениот можен начин ефективно да ѝ се спротивставиме на заедничката опасност. Воздухот, водата и почвата не се партиски своини. Ако ни ги загадат, сите ќе настрадаме.Затоа, нѐ радува сѐ поизразениот надпартиски карактер на нашите собири во селата. Доаѓаат луѓе од сите партии, свесни дека само така имаме шанси за успех.

Ако некому му пречи нашата независност или влијание, тоа е негов проблем, ние од тој принцип нема да отстапиме по ниедна цена. Сме одбивале и понуди за т.н. финансиска помош, директни и индиректни, со цел да не бидеме етикетирани во најразлични контексти. Лично, трпиме различни суптилни и не толку суптилни притисоци и провокации, но немаме време да се занимаваме со тоа.

Ние немаме никакви други цели, освен сопирањето на рудникот, и тоа го нагласуваме не за да се оправдаме, туку за да потенцираме дека тоа и ќе го направиме, заедно со граѓаните и со разумните луѓе во политиката.

СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!