Со апсење на неистомисленици и актери чекориме кон Европа

Кога дојдоа по комунистите, јас молчев. Не бев комунист.

Кога дојдоа по Евреите, јас молчев. Не бев Евреин.

Кога дојдоа по актерите, јас молчев. Јас сум типичен македонски интелектуалец, кој молчи и не реагира. Или сум советник за култура во владата на социјалдемократот Зоран Заев.

Ноќеска, нашата позната актерка и активистка Ирена Ристиќ, беше цел на репресија и полициска бруталност. Зошто? Ирена правела неред? Не, Ирена собирала догорчиња од цигари пред Влада и без никаков повод е приведена и одведена во лудница Бардовци!

Чекајќи адвокат со часови, без основа и без потреба, Ирена е задржана и третирана како најголем криминалец, во најмала рака воен злосторник.

Зошто?

Затоа што Ирена е жесток критичар на оваа власт. Но, Ирена беше критичар на претходната власт која сепак не ја затвораше во лудница!

Репресивните заби на слаткоречивите социјалдемократи се поостро се забиваат во секојa пора на оние кои не мислат и делуваат како нив. Вперени кон луѓето што имаат личен став и критичка мисла кон секоја негативност, лош потег или ‘’лапнат тендер’’ на актуелната власт. Власт која цели кон Европа, а со своите потези покажува тенденција на фашизам и жестока репресија кон неистомислениците.

Каде е сега специјалната советничка за култура Ласкова или советникот Вишка, да даде барем морална поддршка за својата колешка? Не, од нив нема глас да чуеме. Вдлабнати меко во своите фотељи тие немаат пред се човечки сенс за нечија трагедија, освен ако не можат да ја искористат во своја цел.

Сите критичари на самонаречената социјалдемократската власт може во еден момент да ја доживеат судбината на Ирена. Нема веќе од ништо после ова да бидеме изненадени. Односот кон режисерот Јани Бојаџи можеше да ни биде еден од сигналите дека ревносните записничари на секоја критика кон СДСМ ќе возвратат луто на секоја ѓраѓанска непослушост. А, Ирена само собираше ѓубре пред Влада. Како што би направил секој кој води сметка за животната средина, Но, дојде животот, а тој во Македонија не е еднаков за сите. За некого баханалии и раскош, за некого притвор и лудница.

Но, за среќа, или несреќа на оваа нихилистичка власт Ирени во Македонија има многу!

Став на Исидора Поповиќ Младеновска, член на Централниот Комитет на Левица