Наместо да се затворат рудниците на смртта, Еуромакс продолжува да ја манипулира јавноста

Откако на насловната страна на Нова Македонија беше објавен текст со наслов „Еуромакс Ресорсис се откажа од експлоатација на злато“, од иницијативата Здрава Котлина излегоа со соопштение во кое го демантираат текстот и најавија покренување правни процеси против компанијата Еуромакс.

Соопштението ви го пренесуваме во целост.

“Неверојатно е нивото на лажење до кое се спуштиле луѓето од Еуромакс Рисорсис. Буквално се што изјавиле двајцата соговорници на Нова Македонија од оваа компанија е лага, полувистина или манипулација: од тврдењето во насловот дека се откажале од експлоатација на злато (sic!), до тврдењата за наводната безопасност на браната полна со отрови.
Трикот со наводното некористење на цијанид и сулфурна киселина, со цел да го ублажат незадоволството на јавноста го користат веќе извесно време, а со иста цел се доведува во заблуда јавноста со тврдењето дека немало да се експлоатира злато, иако во текстот стои дека тоа немало да биде „примарна“ дејност. Јавноста треба да знае дека во вакви брутални манипулации лежи целата суштина на оваа компанија. И да прифатиме дека нема да користат цијанид, тогаш да се потсетиме дека до неодамна тврдеа дека и цијанидот бил безопасен. Зошто би им верувале сега?
Што се однесува за сулфурната киселина, работите стојат вака: Таа нема да се употребува, туку ќе се „произведува“. Како? Така што со ископувањето на површината и во воздухот ќе избијат т.н. сулфати од типот на талиум, кадмиум и арсен, кои по правило се појавуваат секаде каде што има бакар и злато, без исклучок. Во допир со воздух, сулфатите се претвораат во сулфатен оксид, а во допир со вода во сулфирна киселина. Сулфурниот оксид во човечкиот организам исто така се претвора во сулфурна киселина, со краен исход смрт. Од тие причини, сулфатите се нарекуваат „заспан ѕвер“, кој еднаш „разбуден“ со ископување, убива се живо наоколу.

Треба ли да кажеме нешто за тврдењето дека од бакарниот концентрат ќе се добивало злато, и тоа по преработка во Бугарија. И тоа е една од бруталните манипулаци на Еуромакс, затоа што за да се транспортираат тие енормни количини руда во Бугарија, потребни се повеќе од 2000 камионски тури дневно, што е невозможно да се оствари. Исто е и со лагата дека прашината ќе ја „неутрализирале“ со вода, што е неверојатно, бидејќи се работи за 10,000 тони прашина дневно, за кои се потребни енормни колични вода, а компанијата нема обезбедено вода за главниот проект.

Зошто толку лажат тие луѓе? Затоа што Еуромакс Рисорсис не се вистинска рударска компанија, тие немаат ниеден рудник зад нив, туку се „пробивачи на концесии“, обучени да ја манипулираат јавноста, да го пасивизираат населението, да корумпираат политичари и бизнисмени, со цел по било која цена да дојдат до концесија, која потоа ја „шиткаат“, за што постојат шпекулации и во случајот со рудникот Иловица-Штука.
Ја предупредуваме јавноста и медиумите да не наседнуваат на манипулациите на овие смртоносни лажливци. Тие никаде не покажале официјален проект без цијанид, туку само го тврдат тоа, но затоа спомнуваат некаква „индустриска пена“ за обработка на рудата за чиј состав ништо не кажуваат.

И да нема цијанид, еве што ќе има како резултат од работата на рудникот: Тешки метали и хемиски супстанци ќе ги загадат возухот, водата и почвата; водите ќе имаат намалена pH вредност и зголемени концентрации на цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфат, сулфурна киселина, комплекси од метали, цијанид, селен, манган, кадмиум и други, сите смртоносни; воздухот ќе биде загаден од отровна прашина од експлозиите, смртоносна; при ископувањата ќе избијат радиоактивните стронциум и ураниум, смртоносни, од кои прво ќе изумрат вработените; ќе биде изградена на 6-та највисока брана во светот од чудовишни 276 метри, со 210 милиони тони смртоносен отпад, четирикратно поголема од браната Турија, за која и во студијата на Еуромакс стои дека не е безбедна.
По сето ова, што да кажеме за нивното тврдење дека со работата на рудникот ќе дошло до „флуктуација на население и зголемен број на жители“?! Напротив, ќе дојде до масовно иселување на населението кое ќе бега од отровите, спасувајќи гол живот. Но, тие се обучени црното да го прават бело. Нивна единствена цел е профит по секоја цена, и по цена од Струмичката Котлина да направат апокалиптична пустелија.
Бидејќи оваа компанија веќе предолго ја манипулира јавноста, ние од еко-движењето сме во фаза на разговори со еминентни правници за покренување серија тужби заради доведување на јавноста во заблуда во врска со потенцијални опасности. Рудник во Иловица нема да има!”