Димитар Апасиев (2): Некои прашања не заслужуваат одговор

Интервјуто е преземено од интернет порталот ЈанакиЗнае


Дајте им права на работниците, затоа што се работници, а не затоа што се Албанци или Македонци. Оти сиромашниот Албанец од Дебар и сиромашниот Македонец од Виница живеат подеднакво лошо, додека богаташите од двата етникума уживаат во своите луксузни удопства и привилегии, недопирливи за правото и законот, без оглед дали се Македонци или Албанци, ова е класната борба за која се залага политичката партија „Левица“. Затоа, соживот е можен само меѓу освестени граѓани и без потпалување на меѓуетничка омраза, шовинизам и нетрпеливост, истакнува Проф. д-р Димитар Апасиев во вториот дел од интервјуто за ЈанакиЗнае. Во врска со актуелните судења за настаните во Собранието на РМ од 27ми Април 2017, каде се добива впечаток дека се гонат само извршителите, а не и нарачателите, професорот по право го дели мислењето, сметајќи, дека истите се гонат по погрешен член од Кривичниот законик!? Наместо, по чл. 313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тие треба да се гонат по чл. 305 од КЗ – за делото кое неумесно е крстено како Велепредавство.

 

ЈанакиЗнае: Бевте и сте гласен противник на Законот за јазиците. Проблемот е идеолошки, прескокнатата процедура, или нешто сосема трето?

Димитар Апасиев: Проблемот е измешан и наметнат. Принципиелно, како професор по право, ми смета неправичност и „курчење“ на функционери од позиција на сила и моќ! Тоа е недозволиво во демократска држава, каква што по Устав сме се обврзале да градиме. Уставотворецот одредил само пет области каде и кога може да се употребува јазикот на малцинствата. А не десет пати повеќе, т.е. 50, како што предвидува овој непромислен закон за двојазичност, кој беше буквално прошверцуван во собраниската зграда. Оттука, доносителот на спорниот закон не може да се смета за слободен – на мошне дрзок, силеџиски, арбитрарен и самоволен начин – да дорегулира иманентно уставни прашања по свое наоѓање, секогаш кога за тоа нема да најде изречна забрана во Уставот! Оти, во крајна линија, Уставот не е список на забрани и дозволи, туку супериорен и највисок државно-правен акт (lex fundamentalis), кој содржи генерички норми со кои се уредуваат општествените односи на точно определен, а не на некој друг поинаков и имагинарен начин. И тоа мора примарно и примерно да се почитува токму од носителите на власта, во спротивно стануваме тиранија.

А, пак, официјалниот јазик е техничко прашање за разбирање, а не прашање на асимилирање. Тоа беше затворено и ставено ad acta со претходниот закон. Ако овој новонаметнат парализирачки закон, кој е плод на национализмот на ДУИ, влезе во сила, на големо го отвара патот за федерализација и идна сецесија, и неповратно го поткопува унитарниот карактер на Републиката. А тоа е спротивно на Уставот, како своевиден оштествен договор, и токму затоа реагиравме. Впрочем, како прогресивни млади луѓе и левичари, ние се залагаме прашањата да се решаваат на класна, а не на етничка основа! Дајте им права на работниците, затоа што се работници, а не затоа што се Албанци или Македонци. Оти сиромашниот Албанец од Дебар и сиромашниот Македонец од Виница живеат подеднакво лошо, додека богаташите од двата етникума уживаат во своите луксузни удопства и привилегии, недопирливи за правото и законот, без оглед дали се Македонци или Албанци. Затоа, соживот е можен само меѓу освестени граѓани и без потпалување на меѓуетничка омраза, шовинизам и нетрпеливост.

 

ЈанакиЗнае: Неодамна Уставниот суд на РМ утврди повреда на граѓанските права на активистите на Левица лишени од слобода минатото лето, поради антимилитаристички протест. Дали покренавте и кривични постапки против овластените службени лица на МВР?

Димитар Апасиев: За оние колеги кои ја следат уставно-судската пракса, ова е мошне пријатно изненадување. Нашата цел, заедно со адвокатката Павлина Зефиќ која брилијантно ги застапуваше двајцата наши противправно уапсени членови, беше да стигнеме до Стразбур, во случај на вообичаеното ноншалантно однесување на македонскиот Уставен суд. Но, уставните судии – на наше пријатно изненадување – веројатно ја сфатија сериозноста на ситуацијата, па невообичаено во вакви случаи досега, закажаа јавна расправа и пресудија во наша корист. Тие утврдија дека полицијата ги пречекорила своите овластувања и извршила политичка дискриминација врз членовите на Левица, оневозможувајќи им притоа да ја искористат уставно загарантираната слобода на јавно изразување – со тоа што им ставиле лисици на рацете и им го тргнале антимилитаристичкиот и антинато транспарент на кој пишуваше: „Против војните за профит“!

Од она што го дознавме на расправата во Судот, изненадува дека петтемина полицајци (Зоран Јовевски, Ивица Петрушевски, Ведат Сељман, Јованчо Јаневски и Зоран Манчев) воопшто не се санкционирани, дури ни дисциплински, а камоли пак кривично казнети – и покрај тоа што Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР утврдил нивна дисциплинска повреда и предметот го предал на ОЈО за понатамошно процесуирање. Ова само говори за нужноста од воведување надворешна контрола врз работата на МВР, бидејќи очигледно е дека полицајците се штитат меѓусебно, секогаш на штета на цивилите и обичните граѓани.

 

JанакиЗнае: Дали го делите впечатокот дека се гонат само извршителите, а не и нарачателите, за настаните во Собранието на РМ од 27ми Април 2017?

Димитар Апасиев: Да. Тоа е очигледно. Но, спорно за мене како правник, е тоа што учесниците во ланските немили настани од 27 април, кога толпата, потпомогната одвнатре, влезе во Собранието и тепаше пратеници, е тоа што истите се гонат по погрешен член од Кривичниот законик!? Наместо, по чл. 313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тие треба да се гонат по чл. 305 од КЗ – за делото кое неумесно е крстено како Велепредавство. Впрочем, споредете го само описот на битието на делото и ќе сфатите дека тие намерно се водат како обвинети за потешко дело, за кое е запретена двојно поголема минимална казна (најмалку десет, наместо пет години затвор) – сè со цел да може да се манипулира со одредувањето на мерката притвор. Во егземпларниот законски опис на делото тероризам стои дека треба да е предизвикано со „експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие кое предизвикува страв или несигурност“, за што во конретниов случај не може да стане збор! Напротив, нивното казниво дејствие сосем соодветствува на описот даден во чл. 305 од КЗ, односно дека ќе се казни оној кој „со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да ги собори највисоките државни органи“, како што впрочем е Собранието на РМ. Во случајов не станува збор за некакво си апстрактно насилство, туку на конкретно насилство насочено спрема пратениците – со што е исполнето битието на ова, а не на делото за кое се теретат. Но, останува да видиме дали можеби обвинителството ќе го преиначи обвинението, во натамошниот тек на постапката.

 

ЈанакиЗнае: Како ја оценувате тригодишната работа на СЈО, од кое обвинителство, како советник за граѓанско-правни прашања, бевте дел во минатото?

Димитар Апасиев: Кога ќе ме прашаат за СЈО, секогаш ми иде споредбата со плабејскиот трибун од Римското право, кој Римјаните, поточно плебејците го побарале заради зулумите кои секојдневно им ги правеле патрициите. Мислам дека неговата појава беше историска нужност, после обелоденувањето на „бомбите“ за корупциските мега-скандали на претходната владејачка гарнитура. Со текот на времето, ценам дека тоа треба да се инкорпорира во постоечката обвинителска структура и да го замени нефункционалното посебно оделение за гонење на организиран криминал и корупција на ниво на цела држава.

Во поглед на неговата работа, имаше период на комплетна опструкција од инсталираните судии во Кривичниот суд. Тој период мислам дека полека е надминат. Но, морам да предупредам, заради зачувување на професионализмот и непристрасноста во работењето, особено после промената на власта, не смее да се навлезе ниту во другата спротивност – а тоа е судскиот патернализам во постапувањето по неговите предмети. Со други зборови, од „грдото пајче“ во системот, кое никој го нејќе, не смее СЈО да стане „Заспаната убавица“ која сите ја сакаат. Имено, новите предметни судии не смеат да претераат во додворувањето на новите властодршци, изрекувајќи незаслужени драконски казни или повредувајќи го правото на одбрана и „еднаквост на оружјата“ кое го има секој жив човек, туку мораат да обезбедат транспарентни и фер судења и доследно да ја следат праксата на Европскиот суд за човекови права. Судиите, кои и понатаму се бираат од партиските тефтерчиња, но сега на СДСМ и ДУИ, мора да разберат дека било кој обвинител е само странка во постапката и ништо повеќе од тоа, оти во спротивно – ако покрај обвинителот, на врат го имате и судијата, навистина ќе ви треба Господ за да ве одбрани.

 

ЈанакиЗнае: Ни претстои референдум закажан на 30 септември 2018. Дали, според Вас, референдумскот прашање е манипулативно?

Димитар Апасиев: ДА и, следствено на тоа, е законски забрането! Вака формулираното прашање не го задоволува Европскиот т.н. троен тест на единство, предвиден во Венецијанскиот Кодекс за добри референдумски практики[2007]. Според овој тест, за исходот од прашањето да биде правно валидно тоа мора да има: (1) единство во формата– да не е текстуална комбинација на неповрзани и нафрлани конкретни и апстрактни целини, односно, како во случајов, на извесен „договор“ и неизвесно „членство“; (2) единство во содржината – мора да има релевантна и суштински битна „вродена врска“ помеѓу различните делови на прашањето, што во случајов изостанува, затоа што искуството и праксата нè учат дека не постојат „евро-атлантски“, туку одделни и сосем независни „европски“ и „атлантски“ интеграции; и (3) единство во хиерархијата – да е предвидена иста правна процедура за имплементацијата на резултатите од референдумот, што во случајов не е испочитувано затоа што за влегувањето во ЕУ и во НАТО предвидени се сосема одвоени правни режими, со различно поставени уставни процедури за влез – во случајот со ЕУ се применува чл. 120 [„членство во сојуз или заедница“], а во случајот со НАТО се применува чл. 121 од Уставот [„членство во меѓународна организација“].

Oд споредбеното уставно право, најсличен „кејс“ со нашиов е т.н. Португалски случај. Таму, во 2004 година, беше направен обид да се спроведе ваков комбиниран, сомнителен и амбивалентен референдум, кој ќе содржи три прашања во едно – но, истиот беше експресно санкциониран од страна на португалскиот Уставен суд. Во својата касаторна одлука Уставниот суд на Португалија правилно оценува дека, со поставувањето на три залепени прашања, се создава само привид на единство и не се исполнети условите за јасност на вака поставеното референдумско прашање, па предложениот референдум го прогласи за противуставен. Во образложението на касаторната одлука е наведено, дека прашањето поставено за електорално референдумско изјаснување мора да го задоволува критериумот на експлицитност и да биде конципирано на најдобриот и најсфатлив можен начин за граѓаните, кој го доловува контекстот на ситуацијата за која се гласа.

 

ЈанакиЗнае: Како индивидуа, но и како партија, ќе гласате: ЗА, ПРОТИВ или, пак, ќе го бојкотирате референдумот?

Димитар Апасиев: Најпрво, се надеваме дека Уставниот суд на РМ дотогаш ќе ја поништи Одуката за распишување и референдум воопшто нема да има! Но, доколку има – секој нормален човек, кој има барем еден милиграм памет и вродено човечко достоинство, нема да излезе да гласа за сопствено самоукинување и ќе го бојкотира овој обесчестувачки референдум. Впрочем, правото на негласање е гарантирано со чл. 7, ст.3 од Законот за референдум(2005), којшто е донесен токму од страна на СДСМ: „Никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум“!

Како што е веќе познато во јавноста, Левица од самиот почеток е предводник на кампањата за бојкот и апелира до сите граѓани, без оглед на нивната етничка, класна или идеолошка припадност и провиниенција, да не потпаѓаат под лажгите со опашки кои им ги сервираат корумпираните политичари, за некаква си светла иднина ако се обезимениме, туку тој неделен ден воопшто да не излегуваат да гласаат. Нека одат на пикник, на прошетка со своите деца, на планинарење, нека гледаат телевизија, нека слушаат музика и сл. Само нека не излегуваат на наместеното гласање! Значи повторувам, не да излезат и во знак на револт да гласаат ‘против’, оти на тој начин ќе придонесат во остварување на потребниот минимален цензус, туку воопшто да не излегуваат на гласање. Бидејќи, навистина, некои прашања не заслужуваат одговор.

Во поглед, пак, на резултатите од извесниот неуспешен референдум, повторно би се повикал на Кодексот за добри референдумски практики (2007) на Венецијанската комисија при Советот на Европа – кој, во точката 51 од неговиот објаснувачки Меморандум, дословно вели: „Цензус за излезност значи дека, во најдобар интерес на оние кои се против предлогот, е да апстинираат/бојкотираат, наместо да гласаат против! Нивното негласање го зголемува процентот на неизлезност, а со тоа и шансите дека потребниот цензус за успешност и валидност на референдумот нема да биде достигнат. На пример, ако 48% од гласачкото тело е ЗА предлогот, 5% е ПРОТИВ него, а остатокот од 47% од електоратот планира воопшто да не гласа, тогаш петте проценти на противниците на предлогот треба само, на денот на референдумот, да не се појават на гласачкото место [т.е. да си седат дома], за така [интелигентно, елегантно и легално] да го наметнат своето гледиште над оние кои се ‘за’“.

 

ЈанакиЗнае: За крај, кажете ни, дали Левица и Вие лично би поддржале поширок граѓански фронт за декриминализација/легализација на канабисот во Република Македонија?

Димитар Апасиев: Да, секако! Впрочем, Левица беше меѓу ретките партии кои во својата предизборна програма храбро и одважно предвидуваше целосна декриминализација на канабисот, првенствено за хумани и медицински цели, како и укинување на глобите за користењето на марихуаната за рекреативна лична употреба на полнолетни лица. Оваа прохибиција и стигматизација на конопот, која е традиционална и најлековита билка на нашите ниви, конечно мора да престане. Но, од друга страна, не смееме да дозволиме од нејзината легализација да профитира т.н. фармацевтска мафија т.е. само мал број веледрогерии и велепоседници, блиски до власта и министрите, туку бенефитот мора да е во полза на народот и на ситните земјоделци.

*Првиот дел од интервјуто може да го прочитате тука.