Димитар Апасиев: Македонија има најнедостапна и најскапа правда во Европа!

Интервјуто е преземено од интернет порталот ЈанакиЗнае.


Дојде време кога луѓе остануваат без правна заштита затоа што им е страв да утужат, бидејќи може да го изгубат не само спорот, туку и целиот свој имот или животна заштеда – затоа што имаме нереално високи судски трошоци, говори за ЈанакиЗнае Проф. д-р Димират Апасиев, кој се надоврзува дека политичката партија „Левица“, чиј член на президиум е, се залага за дефинитивен законски крај со работата на извршителите во Македонија, кои според многумина се покажаа како одвишок на системот и служат само за лично богатење на стотина луѓе, на сметка на „дерење“ на народот до гола кожа. Професорот по право, исто така истакнува дека, со нетрпение го чека толку најавуваното илегално објавување во Службен весник на РМ на Законот за јазици и на Законот за ратификација на Договорот со Грција, без потребниот потпишан указ од Претседателот на Републиката, за истите правно да ги собори.

ЈанакиЗнае: Со програмата на политичката партија Левица, за вонредните парламентарни избори во 2016 година, предлагавте радикални измени во правниот сектор: укинување на извршителите, намалување на адвокатската тарифа итн. Се залага ли Левица сè уште за укинување на извршителите?

Димитар Апасиев: Да, во сферата на правосудството Левица ја имаше убедливо најдобрата програма сообразена со потребите на мнозинството од осиромашениот и испокраден народ, во време на транзицијата. Колку за потсетување ние се залагаме за: реформа на уставното судство преку воведување на институтот „уставна тужба“ за правата заштитени со Европската конвенција за човекови права; jуридизација на правото, преку задолжителна примена на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (Стразбур); воведување на правичноста како извор на правото при пресудуваањето од страна на судовите; воведување на најопремени и најсовремени правни библиотеки во судовите, со претплата до стручна литература од најеминентните бази на податоци и светски познати странски правни списанија и зборници; воведување на Централна база на судски пресуди од страна на Врховниот суд на РМ, со цел воедначување на судската пракса и создавање прегледно „прецедентно право“; укинување на второстепените управни комисии, кои делуваат како квази-судски инстанци, и пренесување на нивните надлежности на Управниот суд, кој треба да биде кадровски доекипиран и зајакнат, со цел носење на мериторни одлуки со што значително ќе се скратат управните постапки; воведување на специјализирани судови (кривични, прекршочни, имотни, работни, трговски и др.); укинување на трајниот мандат на судиите и воведување старосен цензус за избор на судии; дефинирање на флоскулата „истакнат правник“ со цел спречување на нејзина идна злоупотреба при изборот на членови на правосудните тела за избор на судии и обвинители итн.

Во однос на прашањето за извршителите, одговорот останува потврден. Ние сме доследни на тоа што го ветуваме, односно се залагаме за дефинитивен законски крај со работата на извршителите во МК, кои се покажаа како одвишок на системот и служат само за лично богатење на стотина луѓе, на сметка на „дерење“ на народот до гола кожа.

ЈанакиЗнае: Што со спороста на судското извршување, што беше и една од главните причини за воведување на извршителите во 2005 година? Како би го решиле тој проблем?

Димитар Апасиев: Преку законски измени и преку радикални системски реформи кон подобро. Кога станува збор за Правдата, македонските граѓани мора да сфатат дека благите реформи не се доволни, туку тие се само вакцина за болното судство. Затоа мора да се обезбедат реални и опипливи услови за полесен пристап до правдата и право на добар судија. Оти каква корист имаме ние од судиите, кога тие можат да бидат принудени да се сложат со неправичните барања на властодршците и нивните пајташи.

Прво, кај нас мора да се изврши кодификација на граѓанското материјално право преку носење на Граѓански законик; понатаму, при секоја законска измена мора да се носат официјални пречистени текстови на законите кои се менуваат или дополнуваат, за да се зајакне правната сигурност на луѓето. Поразително е сознанието дека сиромашната Македонија има најнедостапна и најскапа правда во Европа! Преку авансираното плаќање на судските такси и трошоци за вештачење, оневозможено е елементарното право на пристап до суд. Тоа е алармантна ситуација. Луѓе остануваат без правна заштита затоа што им е страв да утужат, бидејќи може да го изгубат не само спорот, туку и целиот свој имот или животна заштеда – затоа што имаме нереално високи парнични трошоци. Затоа, ние се залагаме за законско фиксирање на парничните трошоци (судски, адвокатски, нотарски, извршителски и др.) на максимум 1/4 од главницата на спорот!

Ние сме и единствената партија која нуди укинување на приватните извршителски канцеларии и воведување на државни судии-извршители, кои ќе работат за плата, со цел да се спречи легализираниот грабеж на граѓаните во постапката на присилно извршување. Нашиот систем е еден од најсуровите извршни системи во Европа! За сметка на ефикасноста, ја жтртвувавме социјалната правда и правичноста, што е недозволиво. Планираме наместо да прогласуваме технолошки вишок на судии – бидејќи реално, според европскиот просек, на два милиони жители треба да имаме максимум 400 судии, а ние имаме околу 650 – па, наместо да ги бркаме од работа, би ги преименувале во специјализирани судии- извршители. Така, бројот на судии извршители би бил дваипол пати поголем од сегашниот број  на извршители, со што би се решил проблемот на бавноста во наплатата. Дополнително, би се вовеле и разумни максимални законски рокови за судење во сите судски постапки, па и во извршната – со предвидени санкции во случај на неиполнување на нормата која еден судија може реално да ја оствари. Така што, постојат илјадници механизми и проверени добри практики, само потребна е политичка волја за промени. А таа, очигледно, изостанува.

ЈанакиЗнае: Свесни ли сте дека само Управниот одбор на Адвокатската комора на РМ има надлежност врз адвокатската тарифа? Познат ли ви е овој факт, со оглед на тоа дека ветувате државна интервенција во овој дел?

Димитар Апасиев: Да. И ние таа надлежност планираме законски да им ја одземеме. А, притоа, наполно сме свесни дека под итно е потребно драстично намалување на постоечките тарифи за награди и надоместоци на адвокатите, нотарите и извршителите. За почеток, треба централно одредување на тарифата од страна на државата, сообразно со животниот стандард на граѓаните. Не може еден адвокатски поднесок да чини колку месечна плата на фабрички работник! Тоа е неодржливо во една социјална држава и штетно за темелите на една нормална општествената заедница.

Од друга страна, треба да се врати она што го имавме до 90-те години, односно во бивша Југославија, како што е во цела Европа и Америка, а тоа е професорите по право да можат да имаат свои адвокатски канцеларии, како и секаде во светот. Оваа одредба кај нас е укината под притисок на адвокатското лоби, кое беше уплашено дека професорите ќе им ја земат работата на адвокатите. Оваа одредба е толку глупава, како да му забраните на хирург, кој е професор на Медицински факултет, да врши операции во сала, само затоа што станал професор!? Затоа, во блиска иднина, докторатот по право мора да се изедначи со правосудниот испит, со цел воведување на стручна конкуренција при давањето квалитетна адвокатска правна помош, која ќе биде подостапна за нашите сограѓани.

ЈанакиЗнае: Во овој дел, како да ги изоставувате нотарите, намерно или не!? Кои се плановите на Левица за нотарите?

Димитар Апасиев: Не. Не ги забораваме, туку за нив имаме предвидено „специјални изненадувања“. Се шегувам… Прво, мора да се регулира нивната тарифа и истата драстично да се намали. Потоа, да се изменат неколку закони кои бараат задолжително нотарско заверување на приватните исправи, на пример, полномошна, договори, фактури и слично, затоа што тоа не е неопходно и потребно секаде. Следно, нивната фела треба да се отвори за влез на нов кадар, слично како и адвокатите, бидејќи вака е дувло на корупција. Впрочем, неофицијално, меѓу колегите веќе се знае и сумата на митото која треба да се исплати за да бидете назначен за нотар, најчесто преку една политичка партија која е вечита власт во Македонија, односно коалиционен партнер и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. И, конечно, треба да се воведе надворешна државна контрола во случај на дисциплински престапи од страна на нотарите, во случаите на нестручно и несовесно работење со странките, особено сега кога тие стануваат легални повереници на судот. Тие не смеат да бидат заштитените мечки во нашиот правен систем. Впрочем, од Македонија се селат само лекари и професори. Никој досега не чул да се исели некој нотар или извршител, што само по себе говори дека тие имаат нереално високи приходи, слично колку и големите компании, акционерските друштва или банките – небаре не живеат заедно со нас, туку во некој паралелен универзум на богатите и најскапо платени професии.

ЈанакиЗнае: Во неколку наврати повторувате дека каматите на комерцијалните банки во Македонија се лихварски и се поголеми од време турско. Како би реагирале доколку утре сте извршна власт?

Димитар Апасиев: Радикално! Не постои револуција во светот која не ги запалила должничките книги. Впрочем, во Македонија, околу 85% од вработените во јавниот сектор, кои се кредитоспособни, живеат во должничко ропство на банките – со потрошувачки или станбени кредити задолжени за 30 години однапред. Другите, вработени во приватен сектор, немаат ни елементарен пристап до кредитните линии, затоа што од старт се инсолвентни. Тоа е нездраво за општеството и здравата социјална клима, затоа што ги прави луѓето перманентно стресни и загрижени за својата секојдневна егзистенција. Оттука, мора радикални резови во овој сегмент на лихво-банкарската мафија.

Републиката мора да изнајде механизам за намалување на вишокот на ликвидност во банкарскиот систем. Мора законски да се укинат измислените банкарски провизии кои ни ги наплаќаат за сè и сешто и со кои крупно нè крадат „на ситно“: за платен промет; за водење трансакциски сметки на граѓаните; за наплата на административни такси; за електронско банкарство; при обична проверка на сметка или вадење пари од банкомати на различни банки; измислени „членарини“ за користење кредитни или дебитни картички итн. Колку за потсетување, судовите во соседна Србија веќе почнаа да носат пресуди во корист на клиентите кои плаќале непостоечки административни трошоци за одобрување на кредити, бидејќи истите со право се третираат како стекнување без основ. Прашање на време е кога и македонските судови ќе почнат да носат вакви правосилни и извршни пресуди против банките, бидејќи исти вакви одредби содржи и нашиот Закон за облигациони односи (2001) – па, еве, јавно ги охрабрувам граѓаните масовно да ги тужат комерцијалните банки за правно неосновано збогатување преку нивниот грб и мака.

И конечно, мора да се намалат затезните казнени камати и тие да градираат согласно богатството, приходите и платежната способност на граѓанинот.  Мора да се утврди максимално ниво на реалните каматни стапки кои банките можат да ги наплаќаат (т.е. каматните стапки коригирани за инфлацијата), и тоа на редовна квартална основа. Во Римското и во Византиското право, на пример, највисоките каматни стапки биле од 4% до 6%, а денес тие – заедно со сите скриени трошоци – достигнуваат вртоглави двоцифрени бројки. Колку за илустрација, за еден семеен станбен кредит од 50.000 евра, вие треба да вратите дупло повеќе, односно над 100.000 ЕУР!? Ова не е нормално и мора да престане!

ЈанакиЗнае: До Основното јавно обвинителство – Скопје поднесовте кривична пријава против премиерот, за наводно ставање на Република Македонија во положба на потчинетост од друга држава (Р. Грција). Се произнесе ли ОЈО Скопје по Вашата пријава?

Димитар Апасиев: Да, поднесовме за премиерот, а во план сме да поднесеме и за министерот за надворешни – каде што има поголем основ за одговорност, а и повеќе докази, особено по потпишувањето на капитулантскиот т.н. Преспански договор.

Во однос на пријавата против премиерот, основниот јавен обвинител Зорица Павловиќ истата експресно побрза да ја отфрли како „жежок костен“, со свое првостепено решение, без детално и темелно да го испита случајот и пристапувајќи му со очигледна несериозност, паушалност и површност. По ваквото тенденциозно и аматерско постапување, кое како да се води од однапред донесена и прејудицирана политичка одлука за отфрлање на кривичната пријава, без никаква желба подлабоко и посуштински да се навлезе во натамошно нејзино испитување, ние поднесовме жалба до Вишото јавно обвинителство во Скопје. Но, очекувано, тамошната обвинителка Мимоза Илиќ ја отфрли оваа наша жалба, без правно засновано и сосем контрадикторно образложение на второстепеното решение. Ова е само уште еден доказ за опстојувањето на заробената држава, како и потврда дека на македонското правосудство му треба радикално реформирање, од корен.

Но, сакаме да ја потсетиме јавноста дека ова сериозно кривично дело застарува за 20 години, па можеби во иднина, некој понезависен и поодважен републички јавен обвинител ќе го отвори и испита овој флагрантен случај кој спаѓа во групата на политички криминалитет од највисок вид.

ЈанакиЗнае: И како партија Левица, и како поединец, т.е. професор по право, сте прилично активни со претставки до Уставниот суд на РМ. Кои законски решенија најчесто ги таргетирате за покренување на успешните иницијативи до Уставен?

Димитар Апасиев: Со гордост можам да кажам дека Левица, во овие нецели три години постоење, го создаде еден од најдобрите, ако не и најдобар партиски Правен сектор во РМ. Претежно, наша идеолошка цел се трудовоправните и социјални закони, кои ги напаѓаме кога власта неосновано се обидува да им скрати одредени права на вработените или на невработените, со цел да им удоволи на бизнисмените и крупните капиталисти кои ја финансирале нејзината предизборна кампања.

Но, во последно време таргетираме и прашања од поширок јавен интерес, како на пример собраниската Одлука за распишување на референдумот, кои цениме дека се противуставни и противзаконити и дека на тој начин ќе постигнеме поголем ефект и поголемо добро за народот, кој најчесто е неук во правните теми за кои се бара поспецифично и постручно знаење. Во блиска иднина планираме да поднесеме и предлог за решавање на судир на надлежности, во врска со узурпирањето на претседателската екслузивна надлежност од страна на министерот за надворешни работи при склучување на октроираниот т.н. Преспански договор. А, искрено, со душа го чекаме и реализирањето на толку најавуваното илегално објавување во Службен весник на РМ на Законот за јазици и на Законот за ратификација на Договорот со Грција, без потребниот потпишан указ од Претседателот на Републиката, за истите правно да ги собориме.


Кратка биографија за соговорникот

Димитар Апасиев е доктор на правни науки. Тој е долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“. Работи како доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Предава Римско право, Судскa реторика и Филозофија на правото.

Има учествувано на преку стотина домашни и меѓународни симпозиуми, научни расправи, стручни собири, конференции, летни и зимски школи и јавни дебати од различни области на правото – во земјата и странство.

Учествувал во неколку научно- истражувачки проекти и има објавено десет книги и монографии, во коавторство со видни наши професори и академици; како и над 50 статии, односно, научни и стручни трудови, поглавја, прикази на книги, истражувачки студии и есеи.

Член е на повеќе работни тела, комисии, мрежи, стручни платформи и бази на податоци, со креирани акаунти и професионални open access профили. Бил консултант и правен советник на неколку правосудни државни органи, синдикални организации, граѓански здруженија, неформални активистички иницијативи и општествени движења.