Што после референдумот?
Прогласувањето на резултатот на референдумот и извесното насилно спроведување на Преспанскиот договор, за кое СДСМ – ДУИ навестуваат дека самоволно ќе го направат, се одвоени со меѓупериод во кој социјалдемократите ќе го припремаат „теренот“ за нивното последно еклатантно кршење на она малку што остана да живурка од правниот поредок.
Не е битно што ќе се изгласа. Ако цензусот биде задоволен, влегуваме во НАТО. Ако цензусот не биде задоволен, сами ќе си одлучеле, односно, влегуваме во НАТО. И веќе е јасно и со што ќе го оправдаат овој чин, како ќе не’ заплашуваат.
Есад Рахиќ, поранешниот пратеник од СДСМ кој беше „шутнат“ од нивните редови и очигледно со сите сили пробува да се врати назад, „лично“ смета дека неуспешен референдум ќе резултира со „среќна нова 2001“ сценарио, алудирајќи на конфликтот од 2001 година. Во својата крајна албанофобија и етно-шовинизам, за кој „шарените“ сосем „случајно“ молчат, изедначувајќи ги Албанците со некаков си вид терористи кои веднаш ќе се навооружаат и ќе се кренат против Македонците доколку нивната волја не биде испочитувана, тој јасно и гласно се заканува на граѓаните во републиката. Пораката е јасна: гласајте ЗА или ќе го изгубиме мирот.
Оваа реторика, во случај на неуспешен референдум, ќе се засили и видозмени. Одеднаш, фаци како Рахиќ, скандал ќе прават од секој еден изолиран случај. Обична пијана тепачка помеѓу Македонец и Албанец за фудбалски клуб ќе биде на насловна страна на сите весници. Платени „пророци“ ќе предвидуваат почеток на конфликтот помеѓу двете етнички заедници поради вакви инциденти. А се разбира, конфликт нема да има, но за нив само расеаниот страв е битен. Ќе ја мантраат онаа стара ДПМНЕ школа: албанците се виновни. Може не поминал референдумот и не е демократски да не се испочитува, но мора да стапи во сила договорот, во име на мирот помеѓу етничките заедници.
Ваквите трикови на заплашување не смеат да поминат. Седумнаесет години се зближуваме и ги надминуваме етничките разлики, кои вакви фотељаши ги продлабочија во 2001, за сега некои новопечени фотељаши да го уназадуваат процесот, да не’ тераат при здрав ум да заборавиме дека албанскиот и македонскиот народ немаат спротивставени интереси, дека само сакаат леб и мир? А, за што?
Оние кои ја голтаат ваквата пропаганда (или пари, сеедно) и потоа како папагали ја повторуваат во јавниот простор, забораваат дека не е првпат да се на браникот на западните интереси. Тие „храбри“ граѓани од невладиниот сектор изгледа заборавија што се случи со нивните невладини кои истото го прават од самото осамостојување.
Изгледа заборавија дека невладините беа најсилни, најбројни, најбогати, токму пред падот на Слободан Милошевиќ. По падот на Милошевиќ, невладиниот сектор значајно ослабна. Целта на Западот се исполни. Повеќе немаше потреба невладините да добиваат толкави суми на пари. Исто како што се случи и после Шарената „револуција“ – паднаа ВМРО-ДПМНЕ од власт и се постави влада која што ги забрза атлантските интеграции, а во процесот, невладините осиромашија.
И тие сега ги трошат последните пари кои ќе ги добијат од Западот. После влезот на Македонија во НАТО, интересот на Западот, кој и онака беше мал за Македонија, комплетно ќе исчезне. Македонското прашање ќе биде решено и ќе се продолжи кон Србија, со цел и таа да биде внесена во НАТО. А во меѓувреме, ме интересира, како тоа СДСМ планира да остане на власт, како партија која насилно го променила името на републиката и не’ внела во НАТО?
А Мицковски е совршен за една таква ситуација. Умерен десничар по теркот на Европа и од калапот на Ангела Меркел. Но сега, тој нема да гради споменици – заврши Груевски со тој процес на антиквизација и перење пари. Нема ни име да менува – се ќе добие на тацна. И за што „големо“ ќе му префрлат овие гласни шарени граѓани и граѓанки, кои нема ни да стигнат да се ухлебат со НАТО позиции? Кој ќе им дава средства, кој ќе ги слуша што имаат да кажат? А оние неколку искрени граѓански активисти ќе постанат безгласни букви во целото тоа десничарско владеење.
Само погледнете го Орбан во Унгарија и видете колку е импотентна либералната струја таму – едвај го спасија универзитетот на Сорос. Каква Шарена „револуција“ можат тие да направат? Или погледнете ја Романија. Полицијата тепа демонстранти на антикорупциски протести (кои веат ЕВРОПСКИ знамиња!!!), цел свет чита за тоа и меѓународната заедница не презема ништо.
Епа додека ни се закануваат со војни, не се свесни дека вистинската трагедија ќе им се случи на нив, и тоа доколку влеземе во НАТО. Нив најмногу ќе ги боли. Ние, вака или така, се навикнавме 27 години во беда да живееме. Ќе истрпиме уште малце или ќе излезиме на улици сами, без тие да ни се мешаат и да ни го контаминираат просторот. Но што тие планираат да прават после референдумот, навистина не знам.