АктуелноЛокално

Бојкот како самоодбрана

“Продолжете да ја обликувате/вајате својата биста/споменик”

Плотин [Πλωτῖνος] (204/205–270)

 

Што се однесува на политичкиот простор во рамките на левицата, бојкотот на претстојниот референдум како политички акт на отпор кон понудената „награда“ –  добивање покана за членство во воениот сојуз НАТО – претставена како „придобивка“ од неговиот успех, е неспорен. Во левицата, анти-НАТО ставот не само што е најмал заеднички содржател на сите левичарски фракции и правци, туку е и апсолвирано дека НАТО е агресивна милитаристичка организација која постојано го крши меѓународното право. Понатаму, членувањето во овој сојуз апсолутно нема да донесе никаква корист кон подобрувањето на материјалните услови на народот во Републикава; тоа не е ниту некаков услов за интеграција во ЕУ или пак било каква гаранција за некаков си економски/материјален просперитет. НАТО во никој случај не е нималку заштитник на слободата и демократијата. Напротив, овој сојуз е закана за светскиот мир. Членството (па дури самата аспирација за членство) во НАТО уште и значи жртвување на македонските војници за остварување на империјалистичките интереси на одредени земји ширум светот, окупирајќи туѓи територии и учествувајќи во загрозување на животите на пријателски народи.

 

Но, во левицата постои одредена конфузија околу вреднувањето на самиот преспански договор. Односно се поставува прашањето дали тој да се оспори (па и да се отфрли целосно) или пак да се прифати, затоа што самиот договор зафаќа еден, не така популарен, домен од политичкиот корпус на левицата – националното прашање. Но, како што и Кочо Рацин во својата студија Националното прашање во Македонија ќе потенцира на тезите од „Критичките белешки за националното прашање“ на В. Ленин: „од некогашните револуционерни резерви на буржоазијата, национално – ослободителните борби на потиснатите народи стануваат директна револуционерна резерва на пролетаријатот.“ Приговорот на либералната левица за „национализмот“ е само идеолошка гмо интервенција во самиот либерализам при криза претставен во политикантски став. Имено, овие либерални струи во левицата сметаат дека со укинување на нацијата ќе биде укинат и национализмот – што поготово не е случај со стапување на овој договор во политичката реалност, со кој национализмот помеѓу двете земји-потписнички на договорот само е дополнително разгорен, а пак членовите на нашата заедница се етнички длабоко поделени.

 

Токму во оваа насока беше и длабокото потфрлување на западната „интелигенција“ која реши да изрази поддршка за овој договор во еден од „еминентните“ глобални весници, при тоа фокусирајки се само на неговата содржина од една страна, а тотално занемерувајки го истиот како целост, односно како последица на одредена политичко – историска реалност која му претходеше. Досега никој, освен антикапиталистичката левица, договорот не го погледна како целовитост. Односно сите фокусирајки се на дел од неговата содржина го протолкуваа како ваков или онаков, добар или лош; толкуваа дали придобивката од него наспроти жртвата е доволна, или не толку доволна, но сепак сите се согласни дека е жртва. Никој до сега на ова не опонираше, дури ни неговите најголеми протагонисти како владата на РМ на чело со премиерот Заев.

 

Се прашувам кои се тие либерално демократски стандарди кои можат да преминат преку фактот дека на договорот му претходеше империјалистикчи, национал – шовинистички и дипломатски дрзок политички период. Договорот од Преспа не е резултат само на неетички и неправеден однос во меѓународната заедница на една земја кон друга, туку истиот со пресудата од 2011 година на Меѓународниот суд за правда доби и противправна димензија.

 

Сепак, и покрај ова, пропагандата на владејачката елита, како продолжена рака на западниот империјализам, оправданието за договорот сака да го протне во форма на неоколонијализам преку негово претставување како регионално помирување. Затоа, најмалку што заслужува една ваква насилна и агресивна пропаганда е МАСОВЕН БОЈКОТ!