Апасиев: „Собраниската Одлука за референдум не може правно да произведе дејство, бидејќи е против уставна“

Политичката партија Левица поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста и законитоста на собраниската Одлука за распишување на референдумот. Правниот сектор на партијата утврдил три формално правни и две материјално правни причини поради кои, како што рече членот на Президиумот на Левица, Димитар Апасиев „оваа Одлука правно не може да произведе дејство“.

Правниот тим на Левица утврди повеќе пропусти во донесената собраниска Одлука за распишување на референдумот. По поднесувањето на претставката до Уставен суд, членот на Президиумот на партијата и Доктор на правни науки, Димитар Апасиев ги образложи пропустите коишто собранието ги има направено при носење на Одлуката.

„Првата формална причина е тоа што Одлуката ги нема сите седум задолжителни елементи, кои по законот за референдум мора да ги има. Имено, таа нема образложение и го нема целиот назив за актот по којшто се гласа, туку е даден само скратен назив на актот. Исто така не е предвидено гласање на посебни т.е. одделни гласачки ливчиња, онака како што тоа го бара законот. Следната причина поради којашто ја побиваме оваа одлука е тоа што не е наведен видот на референдумот, што е суштински елемент на одлуката. Имено, нашето право познава пет видови на референдум, од тие само два се наведени во Одлуката, останатите три вида не се наведени, односно не знаеме дали станува збор за претходен, или за дополнителен референдум и не знаеме дали станува збор за факултативен, или за задолжителен референдум. Оттука е невозможно да се оцени правната последица од успехот, или неуспехот на референдумот, што го повредува начелото на правна сигурност“, рече Апасиев на денешната прес конференција.

Третата причина поради која Левица ја спори собранискат Одлука е самото референдумско прашање.

„Тоа е капциозно, или прашање стапица, коешто е забрането и со нашиот закон а и со европските стандарди, односно венецијанскиот кодекс на добри практики за референдуми“, нагласи Апасиев.

Тој појаснува дека според уставниот суд за членство во НАТО се применува членот 121 од Уставот, а за членство во Европска Унија членот 120 од Уставот, што значи дека е невозможно да се оцени исходот од референдумот затоа што се бараат различни мнозинства при усвојувањето, бидејќи едното се однесува на членство во меѓународна организација, а другото како влегување во сојуз со други држави.

Од друга страна, Левица ја побива одлуката од материјално правни причини, односно како што нагласи Апасиев, „консултативен референдум невозможно е да се распише за членство во сојуз или заедница со други држави, како што е тоа случајот со ЕУ, бидејќи членот 121 предвидува задолжителен референдум“.

„Исто така при нашето истражување откривме дека Република Македонија воопшто нема донесено одлука за членство во Европската Унија, има само три собраниски декларации, еден договор за стабилизација и асоцијација и една апликација за членство од 2004, но изостанува одлуката која би било потребно да се верификува на референдум“, вели Апасиев.

Последната причина за повибање на Одлуката за референдум објаснува Апасиев е тоа што не е ратификуван договорот којшто се става на референдумско изјаснување.

„Оттука собранието се доведе само себе во пат позиција, имено правно нерешлива позиција, затоа што ниту може да распише претходен референдум, затоа што договорот е веќе склучен, а тоа би требало да се распише пред да го склучуваат, а ниту може да распише дополнителен референдум, затоа што нема закон кој би одел на референдумско изјаснување, бидејќи претседателот одби да го потпише“, појаснув Апасиев.

Тој потенцира дека непознавањето на правото штети, а како што рече во случајов му штети на оној кој не го познава а тоа е собранието на Република Македонија.

„Не може вината од непознавање на правото да се префрла на граѓаните, коишто не можат да знаат за што всушност се изјаснуваат, бидејќи вака поставеното собраниско прашање има осум можни одговори, а законот дава можност само за два одговори“, рече Апасиев.

На крај тој нагласи дека во иницијативата се бара итна постапка со ретроактивно дејство. Левица очекува Уставниот суд веднаш по годишните одмори, а пред референдумот да се произнесе, а како што вели Апасиев, „во случај да не се произнесе можно е и отпосле да ги поништи резултатите од гласањето“.

„Очекуваме да биде прифатена оваа претставка, бидејќи е правно издржана и е во склад со сите европски стандарди, домашна пракса, домашни закони Устав и.т.н“, заклучи Апасиев.

 

 

текстот е превземен од Гласник