Неуспешниот обид за атентат врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро – обид за осуетување на еден од последните социјалистички бастиони во светот
,,Јас сум жив и после овој обид за ликвидација, уште повеќе одлучен да се борам за револуцијата’’ – Николас Мадуро
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, во текот на воената парада по повод 81 годишницата од формирањето на Боливиската Национална гарда, во Каракас, преживеа очигледен обид за атентат.
На интервјуто дадено за националната телевизија, непосредно по немилиот настан, Мадуро соопшти дека неговата здравствена состојба е добра, притоа инстантно адресирајќи ги ,,десничарските империјалистички сили’’, како директно инволвирани актери во неуспешниот обид за неговото ликвидирање.
,,Денес тие се обидоа да ме убијат и сите сомнежи се насочуваат кон венецуелската и колумбиската ултра-десница, а името на Хуан Мануел Сантос стои позади организираниот напад ’’ – изјави претседателот на Венецуела, Николас Мадуро
Претседателот на Колумбија Хуан Мануел Сантос е жесток противник на политиките на Мадуро и по неговото доаѓање, односно ,,инсталирање’’ на власт во Колумбија, двете соседски земји повторно ги заладија ионака кревките надворешни односи. Дотолку повеќе, индикативна и нималку наивна е изјавата на колумбискиот претседател дека деновите на Мадуро како претседател на Венецуела се избројани и дека на ,,режимот’ во Венецуела му се наѕира конечниот крај. Во прогласот кон венецуелскиот народ, Мадуро инфомираше дека напаѓачите се откриени, а истрагата за нападот е во напредна фаза. Исто така, тој и гарантираше на венецуелската опозиција дека Венецуела ќе биде повторно мирно место живеење, но упати и остра нота кон политичките непријатели, имплицирајќи преземање на правдата во свои раце од страна на ,,Кампесиносите’’ (работничкото селанство во Венецуела), доколку уште еднаш некој го загрози неговиот, но и животот на сите граѓани на Венецуела.
Министерот за комуникации/информирање на Венецуела, Хорхе Родригез, потврди за јавноста дека дронови полни со експлозив експлодирале во Каракас, во близина на свеченоста каде што Николас Мадуро одржа говор. Тој и останатите членови на Владата не се повредени, но седуммина припадници на Националната гарда се здобиле со полесни повреди.
Нападот врз претседателот Мадуро, секако, гледајќи низ поширока и поинаква персепктива, не претставува единствено физички напад на најмоќниот човек на јужноамериканската држава, ниту пак претставува политичка раритетна ситуација, имајќи ги предвид историските обиди за ликвидација на политичари од висок ков (со посебен акцент на лидерите кои силно се противеле на империјалистичките влијанија) на јужноамериканскиот континент. Tуку примарно претставува обид за разнебитување одвнатре на венецуелската држава и целосно отстранување на Oбидинетата Социјалистичка Партија на Венецуела и Николас Мадуро, од власта и политичката мапа во целост. А во позадината на нештата и случувањата, суптилен обид за осуетување и збришување на идејата на социјализмот на тие простори.
Во тој контекст е и изјавата на министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино: ,,Во никакви околности нема да дозволиме повреда на националниот суверенитет’’. Падрино се надоврзува, евоцирајќи сличности со нападот на Симон Боливар пред 200 години и потенцирајќи ја улогата на олигарсите (предавниците) кои и тогаш, но и денес со ист жар и со иста желба, наштетуваат на јужноамериканскиот народ.
Иако најголемиот дел од светската политичка елита и јавност, игнорантно и без поголем интерес се однесува кон последните непријатни вести кои доаѓаат од Венецуела, останатиот дел од континентот, изразува длабока загриженост и солидарност со Николас Мадуро и венецуелскиот народ.
Објавата на Твитер профилот на претседателот на Боливија, Ево Моралес, која гласеше ,,Сега империјата и нејзините слуги се заканија врз неговиот живот’’, беше прва од низата пријателски пораки упатени на адреса на Николас Мадуро. Државниците на Еквадор и Уругвај беа исто така здружени во осудата на насилниот акт.
Најдалеку во бранот на осудувања отиде Африканскиот Национален Конгрес (пост-апартхејдната партија, или попозната како ,,партијата на Нелсон Мандела’’): ,,АНК ги осоудува обидите за одземање на животот на претседателот Мадуро. Ваквите варварски чинови немаат место во демократскиот мирољубив свет’’.
Одговорноста за нападот на Николас Мадуро ја презема бунтовничката организацијата наречена ,,Национално движење на војници во кошули’’, финансиски и логистички поддржано од олигарсистички струи, лоцирани во САД, Флорида.