Лосурдо – критичка рефлексија на либерализмот

Текстот е извадок од „Доменико Лосурдо: Класична германска филозофија, критика на либерализмот и „критички Марксизам“ на Стефано Аѕара од Универзитетот во Урбино

 

Доменико Лосурдо посвети долги години на критичката рефлексија на либерализмот. Оваа филозофско-политичка традиција, која денес ја претставува визијата на хегемонијата на Западните држави, има тенденција својата историја да ја идентификува со историјата на индивидуалната слобода и модерната демократија. Меѓутоа, Лосурдо покажува дека всушност либерализмот многу неодамна започна да размислува за демократиите и човековите права на задоволителен начин.

Не беше либерализмот тој што ја наметна неопходноста за универзално право на глас во Европа, туку Јакобинизмот- радикалниот бран на Француската Револуција. Токму во тој контекст, за прв пат- со Робеспјер и Сен-Жист- се појави и барањето не само за политичка еднаквост, туку и за „материјални права“, како „правото на живот“ и „правото на работа“. За разлика од нив,, либерализмот во револуционерниот период се карактеризираше со насилна анти-револуционерна поддршка на стариот поредок (Ancien Régime), беше на страната на аристократските класи, и против принципот за „суверенитет на народот“. Оспорувајќи ја самата идеја за универзални права, Едмунд Бурк ja афирмираше надмоќта на „историските“ права која Англиската нација и нејзината владејачка класа научи да ја добива по пат на сила. Автори како Констан, Токевил, англиските и германските либерали, продолжија во 18 век да ја утврдуваат потребата од рестриктирано право на глас засновани на антропологија која правеше јасна дистинкција помеѓу земјопоседниците  и потчинетите класи.

Правото на глас и на учество во политичкиот живот беа привилегија на богатите, кои преку редовните примања без потреба да работат, можеа да ја унапредат својата култура и образование и да ги „разгледуваат“ проблемите на Државата. Работниците, од друга страна, сочинуваа социјален слој, на кои и самото право да бидат дел од човековиот вид им беше осопрувано: се наоѓаа на пола пат помеѓу животни и инструменти за работа, го поминуваа својот живот во материјално производство, а нивната природна судбина, како што би кажал Ниче, се сочинуваше во нивната жртва во служба на општеството. Такви – дехуманизирани и игнорантни, се чинеше дека тие не можат да се владеат себеси, па им беше потребно постојано водство од страна на нивните господари. Затоа би било апсурдно и катастрофално да им се даде право на глас, а преку тоа и создавање на популарни влади кои би воспоставиле диктатура на масите. Тоа би ја загрозило светоста на приватната сопственост и самите темели на Западната цивилизација.

Според Лосурдо, либерализмот од овој период, ја демонстрираше тенденцијата да го претставува социјалниот конфликт преку расни поделби. Ја отвори темата за слободата на индивидуалецот, но беше неспособен да ја гледа слободата на универзалистички начин, како слобода за сите луѓе, бидејќи целосно му недостигаше универзалистички концепт за човекот – идејата за еднаквост- која најде експресија во Француската Револуција. За либерализмот, „човек“ кореспондираше со „бел, земјопоседувачки, маж“. Индивидуалната слобода – која потекнува од ослободувањето на цивилизираното општество од патронажата на апсолутниот суверен, и имплицира ограничување на моќта на монархијата преку институциите на репрезентативната власт- беше подложена на клаузули кои тешко ја ограничуваа. Не ја засегаа потчинетите класи, чија состојба беше состојба на робување, и на кои им беа негирани нивните политички и граѓански права.

Либерализмот ги покажа истите граници во својот пристап кон меѓународните односи. Ја поистоветуваше Европа- а последователно на тоа и Западот- со идејата за цивилизација, јасно одделена од „варварскиот“ вон-западен свет. Затоа, кон колонизираните луѓе водеше безмилосни војни на освојување, недвоумејќи се да врши масакри и геноциди, но обвиткувајќи ја својата жед за превласт во поими како планетарно ширење на Христијанството, цивилизацијата, а неодамна и демократијата. Правеше дистинкција- помеѓу „светиот простор“ на слобода, во кои се цени признавањето помеѓу еднаквите и гарантирање на правото, и „профаниот простор“ на варваризам.

Според Лосурдо, Америка во 19век е доказ дека ширењето на либерализмот може да оди рака под рака со оправдувањето и засилувањето на расното ропство. Политичкиот режим заснован на либерализам, се претставуваше како вид на демократија која се однесува само на населението на џентлемени (Herrenvolk democracy). Дури и во 20век расистичките погледи кон меѓусебните односи беа широко застапени во либералните кругови.

Лосурдо покажува како во либерализмот делува не толку принципот на индивидуална слобода, туку диjалектичкиот механизам на „еманципација“ и „де-еманципација“. Ослободувањето на аристократијата и големата средба класа од монархиската моќ беше проследено со уште побрутална експлоатација на масите во индустриското општество и тоталната загуба на слободата на колонизираните народи. До почетокот на Првата Светска Војна се покажа дека либерализмот е поткопан од присуството на 3 големи дискриминации – тие кон субординираните класи, кон жените, и кон инфериорните раси.

Наспроти ова, модерната демократија, според Лосурдно, коинцидира точно со преминувањето на овие граници. Јасно е, дека преминот од либерализам во демократија, не е воопшто линеарен: историјата на градењето на модерната демократија беше комплпициран и контрадикторен процес, во кој фазите на превласт на доминантните класи се испреплетени со фази на еманципација на масите.

Но, покрај се’, раѓањето на модерната демократија воопшто не е резултат на „автономна“ еволуција на либерализмот. Туку, тоа е освојување – извојувано низ борбите на исклучените потчинетите класи и колонизираните народи – за добивање на признание на нивнoто припаѓање на човековиот род/вид  и нивните права против самиот либерализам.

Во 18век, либерализмот реагираше остро на овие борби, скоро постигнувајќи точка на диктатура или суспензија на правото. Токму обидите да се задушат овие популарни револти, и во Европските нации и подалеку, доведоа во 20век, до катастрофалниот циклус кој ја вклучи Првата и Втората Светска Војна. За време на тој период, Европа ги запозна- а особено со појавата на Нацизмот – хорорите на Тоталната војна, која дотогаш била практикувана само во колонијалниот свет.

Според Лосурдо, дури на крајот на еден конфликт кој претставува вистинска -меѓународна демократска револуција- , ќе се издигне модерната демократија како универзализација на политичките, економските и социјалните права, со афирмирање на универзалното право на глас, и создавање на системи за социјална заштита (кои би кореспондирале со правото на работа, на дом, на здравје и образование).

Крајот на социјалистичкиот блок и триумфот на либералниот свет предводен од Соединетите Американски Држави силно ги унерамнотежија односите на моќ помеѓу класите и помеѓу другите делови од светот. Според Лосурдо, со поразот на популарните класи, самата демократија, денес е доведена во прашање. Преку формите на нео-либерализам или нео-конзервативизам, денешниот либерализам изгледа како да сака да биде ослободен од било какви демократски придавки, и да цели кон возобновување на позициите на прото-либералите од 19век, прочистувајќи се себеси од компромисот му го наметна работничката класа и земјите од третиот свет . На западот, социјалната држава се распаѓа,  формите на експлоатација од 19век испливуваат на површина, додека пак се’ порафинираните системи на контрола на комуникациите ги ослабуваат партиите со широка/масовна поддршка, и дозволуваат изградба на бонапартистички политички форми на социјална контрола.

Во меѓународните односи, либерализмот асистира во „обновувањето на колонијализмот“ кој не се срами да ја користи војната како секојдневен инструмент за менаџирање на односите на моќ. Така, Американскиот век (20 век) беше век во кој неприкосновена владее една воена и политичка суперсила, која исто така е и теолошка моќ: доделува награди и екскомуницира, и суверено одлучува кој припаѓа во просторот на цивилизација, а кој е варварин или криминалец кој заслужува да биде казнет. Толку е моќна идеолошката сила на америчкиот империјализам, што овозможува САД да ја реструктуира колективната имагинација, претрупувајќи го целото општество и потчитените класи со јазикот и концептите со кои тие ја именуваат и замислуваат реалноста.