Левица, за 2 август, повикува на градење на работничкиот карактер на државата

Левица денес, на својот офијален ФБ профил, го честита празникот 2 август и повика на градење на работничкиот карактер на државата и спротивставување на антиработничките политики на власта, кои се во насока на влез на државата во НАТО. Нивниот став ви го пренесуваме во целост:

„Левица Ви го честита 2 август, денот на кој пред 74 години, на првото заседание на АСНОМ, беа поставени основите на Република Македонија.

Без мистификација на самиот акт на државотворност или на традицијата опкружена околу самиот ден, денес е важно, повеќе од било кога, да се напомене дека Република Македонија беше поставена на силни работнички корени, спротивставени на фашизмот, империјализмот и експлоатацијата. Тој работнички карактер на републиката систематски се брише во последните 27 години, преку бројните приватизации со кои ни ги одземаа фабриките и претпријатијата кои колективно ги поседувавме, преку распродажба на се што беше јавна сопственост, до потчинување на големите империјалистички и прото-фашистички сили.

Свршен чин на ваквото антиработничко преуредување на државата е влезот во воениот пакт НАТО кој Владата се обидува насилно да го спроведе. Со референдумот на 30 септември, кој многу наликува на референдумот од 1991, Република Македонија се спрема да го прифати договорот помеѓу Македонија и Грција и да влезе во воениот сојуз кој е инхерентно антиработнички.

Работниците немаат ништо заедничко со профитот и војните. Профитот е нашиот неплатен труд, ние стремиме него да го уништиме. Ние не живееме за војни, ние живееме за мир и единствено војуваме кога сме нападнати или кога други работници се нападнати. Нашиот дух е солидарен, не е сегрегирачки, нашата борба е интернационална, а не шовинистичка. Работниците немаат ништо заедничко со НАТО.

Владата не убедува дека мед и млеко ќе тече во државата откако ќе влеземе во НАТО, исто како што во 1991 година не лажеа дека ќе ни биде подобро ако Македонија се осамостои. Во Југославија, со сите нејзини недостатоци и маани, живеевме поквалитетно и подостоинствено од денес. И денес, со многубројните недостатоци, повторно живееме поквалитетно и подостоинствено отколку што би живееле како дел од воениот сојуз НАТО, бидејќи како што распадот на Југославија беше антиработнички и единствено донесе слобода за капиталистите, така и влезот во НАТО е антиработнички и единствено ќе донесе благодет за капиталистите. Ние, мнозинството, работничката класа, единствено ќе добиеме поголемо економско и социјално угнетување зачинето со сегрегација по разни национални, етнички и верски основи.

На нас останува прашањето за каква иднина сакаме да се бориме: достоинствена иднина за нас, мнозинството, или профитерска иднина за нив, малкумината.“